Народен театар 2017 Антон Панов – Стримица

 

ЧЕТИРИ ПРЕМИЕРИ, СИТЕ РЕАЛИЗИРАНИ

 Во 2017 година, НУЦК ,,Антон Панов“ Струмица-Народен театар беа финансиски поддржани од Министерството за култура следниите проекти:

1

  1. „Дванаесетта ноќ“ од Вилијам Шекспир во режија на Деан Дамјановски
  2. „Идиот“ по  Ф.М.Достоевски во режија на Горан Тренчовски
  3. „Царот Владислав“ од Борис Јанков во режија на Бранко Ставрев
  4. „Џон Габриел Боркман“ од Хенрик Ибзен во режија на Горан Тренчовски

Се реализираа  следните проекти поддржани од Министерството за култура и премиери:

  1. Хенрик Ибзен
    ЏОН ГАБРИЕЛ БОРКМАН
    (македонска праизведба)
    Улоги:
    Џон Габриел Боркман – КОЉО ЧЕРКЕЗОВ
    Гунхилд – ЈУЛИЈА МИЛКОВА
    Ерхард – ВАНЧО ВАСИЛЕВ
    Ела Рентхајм – ЈАСМИНА ВАСИЛЕВА
    Фани Вилтон – АНКИЦА БЕНИНОВА
    Вилхелм Фолдал – ИГОР ТОДОРОВ
    Фрида – Надица Трајкова
    Собарот – Стојан Стојанов
    Превод: Ленче Тосева
    Адаптација и режија: Горан ТРЕНЧОВСКИ
    Сценографија: Милена Пантелеева
    Костимографија: Ванчо Василев
    Композитор на музика: Марјан Неќак
    Дизајн на плакат (по мотиви на Мунк): Александар ФилевХенрик Ибзен (1828-1906) е најпознатиот норвешки автор на сите времиња, нарекуван уште и „таткото на новата реалистична драма“. Ибзен е еден од најпоставуваните автори на театарските сцени во светот. Тој е удостоен со многу европски и светски признанија и награди. Ја обележал епохата во светската драмска литература и театар на 19 и 20 век. Тој е Шекспир на модерното време. Ибзен, заедно со Чехов и Стриндберг, извршил силно влијание врз модерната и современата драматургија.Оваа пиеса на Ибзен, претпоследна, напишана во 1896 година, за прв пат се поставува во некој македонски театар. Работата врз пиесата во струмичкиот театар започна точно по сто и дваесет години од нејзиното создавање. Значи во исто време се работи за еден ибзеновски јубилеј. По малку „поттурната“, оставена настрана, речиси заборавена, пиесата „Џон Габриел Боркман“, поставена во современ контекст, значи можност за истражување на сложената и чудесна поетика на славниот Норвежанец. Откривање на нови зони на креативното во македонскиот театар.Џон Габриел Боркман, средовечен човек и поранешен директор, кој преку финансиски малверзации го има изгубено целиот имот, како и заштедата на своите клиенти, е осуден, посрамен и осиромашен. По издржувањето на затворската казна, со години не излегува од дома, надевајќи се дека еден ден пак ќе започне со бизнисот. Џон и неговата сопруга Гунхилд останале во брак формално и единствена заедничка точка на нивните отуѓени животи е синот Ерхард. Семејната клаустрофобија се разнишува со ненадејното доаѓање на Ела – сестра на Гунхилд, а некогашна љубов на Џон. Пресметката со минатото и сегашноста, како и судирот на интереси за неизвесната иднина испливуваат на површина токму вечерта кога Ела престојува кај Боркманови…

Премиерата беше на 02.02.2017 година.

 

  1. ДВАНАЕСЕТТА НОЌ
    (Спроти Водици)Од Вилијам ШекспирПревод – Драги Михајловски
    Режија – Деан Дамјановски
    Сценографија – Кирил Василев
    Костимографија – Елена Дончева
    Асистенти на костимографија – Илинка Горичова и
    АнаМарија Митриќеска Кал`чева
    Музика – Сашко КостовИграа:
    Орсино, војводата на Илирија – Горан Ников
    Оливија, грофица – Оливера Аризанова
    Виола/Цезарио – Јулија Милкова
    Себастијан, нејзин брат близнак – Ванчо Василев
    Малволио, настојник кај Оливија – Бранко Бенинов
    Сер Тоби Ждригачот, роднина на Оливија – Васил Михаил
    Сер Ендру Тресиобраз, другар на Сер Тоби – Игор Тодоров
    Фабијан, Слуга – Стојан Велков
    Кловнот (Фест) – Коста Ангов
    Марија, дворјанка на Оливија – Анкица Бенинова
    Капетан, на потонат брод, пријател на Виола – Ацо Гогов
    Антонио, друг капетан, пријател на Себастијан – Ванчо Крстевски
    Валентин/Стражар/Свештеник– Кире Ѓорѓиев

Комедијата „Дванаесетта ноќ“, или како што стои во препевот на Драги Михајловски „Спроти Водици“ е според многумина, најдобрата комедија на Шекспир, полна ведрина, оптимизам, радост, љубов кон животот како најголемо од сите уметнички дела. Во неа најмногу нашол одраз тој ренесансен дух под чие влијание бил и големиот Бард. „Спроти Водици“ се однесува на дванаесеттата ноќ после Божиќ која се нарекува Богојавление или ден на пирување на кој, многу често, слугите се маскирале во нивните господари, жените во мажи или обратно. Повеста за празничниот обред и карневалскиот пресврт е културната основа на заплетот во драмата заснован врз играта на промената на полот.
Во духот на ова карневалско мешање на „високото“ со „ниското“, на „продуховеното“ со „приземното“, на „уметничкото“ со „народното“ е и нашата постановка на оваа комедија на Шекспир. Од ренесансно богатата визура на сцената и костимите, до веселата музика (често изведувана и во живо), сите елементи на претставата се мешаат во еден заеднички колаж полн со колор, звуци и форми. Комедијата „Спроти Водици“ претставува своевиден „карневалски пир“ во слава на Човекот и Животот, а јас не можам да се сетам за подобро место каде тој би можел да биде поставен отколку на сцената на театарот во Струмица, театар со кој соработувам веќе трет пат и во кој секогаш со радост се враќам.

Премиерата беше на 01.06.2017 година.

 

ЦАРОТ ВЛАДИСЛАВ

АВТОР: БОРИС ЈАНКОВ
РЕЖИЈА И СЦЕНОГРАФИЈА: БРАНКО СТАВРЕВ
КОСТИМОГРАФИЈА: ЕЛЕНА ДОНЧЕВА
ДИЗАЈН НА СВЕТЛО: ДИМЧЕ СПАСЕСКИ И НИКОЛА ИЛКОВ

НАСТАПУВААТ:
СТОЈАН ВЕЛКОВ-ТРН………………………….ЦАРОТ ВЛАДИСЛАВ
ОЛИВЕРА АРИЗАНОВА…………………………ЦАРИЦАТА МАРИЈА
КОСТА АНГОВ……………………………………….ЦАРОТ ГАВРИЛ
АНГЕЛИНА ТРЕНЧЕВА АНГЕЛОВА……..ЦАРИЦАТА ИРЕНА
БРАНКО БЕНИНОВ……………………………….ПАТРИЈАРХОТ ДАВИД
ВАЧО МЕЛЕВ………………………………………….ЕПИСКОПОТ ДАНАИЛ
ВАНЧО КРСТЕВСКИ……………………………..ВОЈВОДАТА БОГДАН
КИРЕ ЃОРГИЕВ…………………………………….ИСПОСНИКОТ СТЕФАН
ДУШАН КОСТОВ……………………………………ЦАРОТ ВАСИЛИЈ II
ТИНКА РИСТЕСКА………………………………..МАЃЕСНИЧКА
АНКИЦА БЕНИНОВА…………………………….КНЕГИЊАТА КОСАРА
АЛЕН НАНОВ…………………………………………КНЕЗОТ ВЛАДИМИР
ТОМЕ МЕНТИНОВ…………………………………ДРВАР
ВАСЕ ХРИСТОВ…………………………………….ТАПАНАРОТ

Во „Царот Владислав“ Борис Јанков не ги измислува личностите и настаните, туку ги наоѓа во средновековната историја, и од нив создава сопствена уметничка слика и поглед на свет.
Ползувајќи ги искуствата на античката и на елизабетинската крвава драматургијa, тој се обидува на современата македонска драма да и’ додаде релевантни значења од кои може да се гради актуелен театар. Неговите трауматизирани и монструозни херои се затекнати во жестока борба за власт, без бирање средства кои ја оправдуваат нивната мрачна цел.
Во процесот на преточување на стихуваната драма во претстава, направена е адаптација со изземање на одреден број лица, со што е постигнато згуснување на драмското дејство, пред се со закрепнување на ликовите кои се базични носители на дејството.
Нашата патувачка театарска трупа мноштвото амбиенти ги заменува со празен сценски простор за да го потсили индивидуалниот и колективниот (хорски) актерски израз и динамичниот тек на играта.
Некој, некаде, некогаш беше изјавил дека историјата се повторува како фарса. „Царот Владислав“ е повод уметнички да истражиме дали таа фамозна сентенца е жива вистина или мртва лага.
Се’ започна од мислата за претстава врз урнатините на Цареви кули над Струмица за да заврши во Самоиловата тврдина во Охрид и во античките театри, во Хераклеја, Стоби и Скупи.
Бранко Ставрев

Една трупа актери решава да ја одигра пиесата “Царот Владислав.” Кога театарот упатува на самиот себе преку театрализација:ние сме актери, а ова што го правиме е театар. Единствено што е потребно се актерското тело и глас. И празниот простор. Од друга страна, преку цикличното свое повторување – борбата за власт – Историјата, особено денес, не може да се претстави поинаку освен како театар. Претставата “Царот Владислав” на некој начин е отпретување на стариот театарски оган наспроти пепелта на медиумското и интернетско многугласие. Доказ за незаменливоста на театарскиот творечки чин.
Ацо Гогов

Драмата “Царот Владислав”, драмата за човекот кој преку своја волја е донесен на тронот за да го уништи богомилството, а всушност се уништува самиот себеси и царството на неговиот народ, не е само текст што дава убава можност за сценска реализација, туку текст што може да се чита како успешна литература…
Блаже Миневски

Паралелно со мотивот за превласт, во драмата е обработена и темата за појавата на богомилството и крвавиот прогон на приврзениците на оваа религиозно социјално движење.

Иван Василевски

„Царот Владислав“ импонира како со свежината на јазикот така и по вешто изнијансираните психофизички карактеристики на ликовите.
Иван Котев

„Царот Владислав“ не е само драма со историска прототекст кој дозволува читање низ призмата на настан кој оставил длабока трага во македонската историја, оваа драма е монолит длабоко вкопан во темелот на македонската опстојба, простум исправен, очи во очи со невремињата минати, сегашни и идни.
Ана Витанова -Рингачева
Премиерата беше на 23.11.2017 година.

Фјодор М. Достоевски
ИДИОТ
Режија: Горан Тренчовски

Улоги:

МИШКИН – Игор Тодоров
РОГОЖИН – Кољо Черкезов
НАСТАСЈА – Јулија Милкова

Сценографија: Милена Пантелеева
Костимографија: Ванчо Василев
Музика: Марјан Неќак
Сценски движења: Асја Иванова
Дизајн на светло: Димче Спасевски, Никола Илков
Плакат: Александар Филев
Драматизација, превод и адаптација (според верзијата на Анджеј Вајда):
Ацо Гогов, Никола Сарајлија, Горан Тренчовски

„ИДИОТ“ е драмски игропис за кризата на духовниот идентитет.
Една необична ноќ Кнезот МИШКИН се наоѓа на својата попатна станица, во домот на РОГОЖИН. Соперниците неуморно беседат за својата заедничка љубов и пасија – НАСТАСЈА Филиповна…
Во низата фрагментарни сцени „во живо“, се преплетуваат и неколку ретроспекции и визии. Во таа жестока атмосфера на вербално-телесен „двобој“ има места и за искрени искушенија и длабоки пречистувања. Претставата на метатеатарски начин допира суштински проблеми и дилеми кои ја опседнуваат кревката човечка индивидуа од минатото до денес.
Меѓу другото, се обидуваме да одговориме на неколку клучни егзистенцијални прашања: „Дали постои чесност?“; „Каде сме, каде одиме?“; „Колку вреди да се застане во одбрана на убавината?“; „До каде може да стигне лудилото?“
И во тие драматично возбудливи мигови, кога на Едниот, атеистот, му се случува поматување на умот, сведочиме за постапките на Другиот, следбеникот на Христос…
LUMEN COELI, SANCTA ROSA!
Во име на Вашата и наша сценска правдољубивост и во знак на 150-годишнината од првата објава на ова ремек-дело на генијалниот Достоевски.

Горан Тренчовски
Ноември/декември, Санкт Петербург – Скопје – Струмица

Премиерата беше на 09.12.2017 година.

 Во сопствена продукција направивме две претстави и тоа:

 ВТОРО ПРИШЕСТВИЕ

Драматургија: Васил Михаил и духовите на С.Мрожек, К.Рацин, Н.Вапцаров и Светото Писмо

Режија: Васил Михаил
Сценографија: Никола Пијанманов
Костимографија: Елена Дончева
Музика: Горан Алиќ
Плакат: Марјан Ѕин

Во улогите:
Ангелина Тренчева Ангелова
Оливера Аризанова и
Игор Тодоров

Благодарност до Борјан Тилевски за инспирацијата.

Што е слободата? Замка или клуч? Кафез или крилја? Материјално или духовно? Двете заедно? Како?
Да бидеш во сегашноста, врзан со минатото, копнеејќи по иднината е сложена задача. Да знаеш што и како, а да не го правиш е големо страдање.
Колку долго ќе издржиме во чекање на спасението?
Додека чекаме фарсата, гротеската, пародијата, сатирата и смеењето се најдобра опција за нас, осамената цивилизација во универзумот. Да чекаме ли?
Да гледаме театар и да се смееме, да плачеме, да се наежиме, да се издигнеме над животот во животот. Да емигрираме дома. Да си го направиме светот дома. Да си правиме театар по дома. Да се сакаме и мразиме. Да се разобличиме и да се смееме до последен здив, оти знаеме дека еден светол ден секако ќе бидеме спасени.
април 2017, Струмица Васил Михаил

Премиерата беше на 22.04.2017 година.

ПИНОКИО

Режија: Драгана Таневска
Драматургија: Ацо Гогов
Сценографија: Драгана Таневска
Костимографија: Ванчо Василев

Играат:
Пинокио: Ванчо Василев
Штурецот Сезнајко: Анкица Бенинова
Џепето: Ванчо Крстевски
Лисецот Итрец: Коста Ангов
Мачорот Базилио: Игор Тодоров
Добрата Самовила: Јулија Милкова
Фитил/ Директор на циркусот: Стојан Велков Трн

Еве, веќе речиси сто и четириесет години по неговото создавање, ликот на Пинокио продолжува да биде интересен и возбудлив за најмладата публика – децата. Карло Колоди создал дело кое преставува комбинација помеѓу авторската сказна и авантуристичкиот роман. Пинокио, дрвената марионетка, е соочена со дилемата: Дали да се избере слободата преку влегувањето во авантура? Или да се биде како сите деца кои, внесени во секојдневниот процес на посетување училиште, воопшто не ја познаваат авантурата? И, најпосле, каде е овде вистинската слобода? Дали во авантурата која открива еден превртен свет на морални вредности? Или, пак, училишното секојдневие е вистинската слобода затоа што, пред се, носи знаење и спознание за доброто и злото? Овие прашања добиваат поинаква димензија ако се знае дека во основата на приказната на Колоди лежи ритуалот на иницијација, кој нужно подразбира напуштање на сопствениот дом, доживување на најразлични искушенија и опасности и, конечно, среќен крај преку освојување на сопствениот идентитет. Поставувањето на сцена на ова класично дело на литературата за деца е водено од идејата широко да се отвори светот на имагинацијата и детската игра, но, истовремено, дискретно да бидат нагласени наравоучението и поуката: секое дете, макар колку и да е слично со другите деца, е свет за себе, посебна индивидуа, и само како такво, преку лична акција може да дојде до својот идентитет.
Ацо Гогов, драматург

Премиерата беше на 17.12.2017 година.

НТ „Антон Панов“ Струмица во периодот од 1 јануари до 31 декември 2017 година, учествуваше на Фестивали во странство и во државата со претставите:

-„Џон Габриел Боркман“ на 52 МТФ „Војдан Чернодрински“ (14.06.2017).

-„Дванаесетта ноќ“ на 5 Интернационален Шекспир Фестивал Битола (30.06.2017) и Денови на комедија во Куманово (16.10.2017).

-„Каминот“ на Меѓународниот фестивал „Била Зора“ Свети Николе (05.04.2017).

-„Таа“ гостување во „Завод за рехабилитација Бања Банско“ с. Банско (17.03.2017).

-„Каминот“ и Таа“ на Фестивал на гостувачки театри „Анталија градски театар“ Р. Турција (25.03 и 24.03. 2017);

-„Каминот“ на Фестивалот Mostra internacional-Denia Valencia во Шпанија. Добивме „Специјална награда“ за целосна изведба (08.06.2017) и

Мурлин Мурло“ на Фестивал „Кољада плејс“ Екатеринбург, Русија (22.06.2017).

Пинокио“ во Ново Село две претстави(25.12.2017).

Нашиот театар за прв пат отиде во Заводот за рехабилитација Бања Банско да одигра претстава за штитениците во оваа Установа кои неможат да посетат театарски претстави.

Одигравме една претстава и за затворениците од КПД од Струмица кое го правиме традиционално веќе 5 години и сме еднинствени во државата што затвореници посетуват театар.

Одиграни се 76 претстави(репризи) и публика 14 845.

Традиционално гостуваа Театар за деца и младинци со претставата „Лакомата меца“ на 20.02.2017 година во чест на актерот Игор Маџиров, МНТ со „Не се клади на енгелези“ и Сашко Коцев со стенд ап.

Раководител на сектор:                НУЦК“Антон Панов“

Драган Маџиров