Театарската претстава „Ромео и Јулија“ во продукција на Националниот театар од Истанбул, а во режија на Дејан Пројковски, е прогласена за најдобра претстава за 2017 година во Турција. Наградата ја доделува најголемото и најпрестижно списание за театарска уметност „Тијатро“ во Турција. Списанието „Тијатро“ секоја година организира доделување анадолиски театарски награди, а на синоќешното доделување во „Гранд Пера“ во Истанбул присуствуваа голем број личности од јавниот живот.
Премиерата на претставата „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски се одржа на 17 октомври минатата година, а до крајот на годината имаше 30 изведби. Гала-премиерата се одржа на 21 декември. Во уметничката екипа заедно со режисерот Пројковски работеа и костимографката Олга Панго, а композитор на музиката за претставата е македонскиот музичар Горан Трајковски. Асистент на режија е Атила Клинче, сценографијата е на Нурула Тунџер, костимографијата на Медина Алмаџ и дизајн на светло од Серхан Акн.
Театарската критика во Турција даде највиски оценки за претставата „Ромео и Јулија“ во режија на Пројковски.
„Претставата што произлегува од кинематографската перцепција на режисерот треба да се разгледа во две фази – првата е длабочината на сцените што нè водат во магијата на љубовта, а втората е извонредниот спој на музиката и играта во водата. Приказната што е ставена во еден чин, а трае повеќе од 2 часа, не остава простор за потреба од пауза бидејќи секако ќе ја гледате во еден здив“, напиша во својата рецензија Јашам Каја, еден од најреномираните театарски критичари во Турција. „За да ја опишам оваа претстава, нема да згрешам доколку го искористам зборот совршена“, додава Каја.
За јануари годинава се закажани 12 изведби на „Ромео и Јулија“ во Истанбул и сите се веќе распродадени.