ПРЕМИЕРA

 

И ние наш Шекспир за игра имаме!

Кон праизведбата на пиесата ” Царот Владислав” од дебитантот Борис Јанков, во режија на маестро Бранко Ставрев, продукција НУЦК Антон Панов Струмица

Борче ГРОЗДАНОВ

Дека зборот е тесто од кое се меси сонот и дека од него и за него универзално се потекнува, доказ е моќта со која авторот Борис Јанков ја сочинил пиесата ” Царот Владислав” чија праизведба ја видовме неодамна (на 23 ноември), на сцената на НУЦК “Антон Панов” од Струмица. Дека нашиот јазик е пребогат и не само со знаковна и семантичка идеја и моќ и дека метриката и убавината на Шекспировиот стих, убаво звучи и е прекрасна мелодија и на автохтон македонски јазик и авторство, се докажа со инсценацијата на делото на Јанков, кој тука и сега во Македонија, денешно, Шекспировски, ни докажа дека Уметноста, актерот Скомрах и ” празната” сцена имаат чудесно дејство…

На тоа дејство кумуваше и диригентската палка на маестро Бранко Ставрев, чија режија и сценографски решенија уште еднаш ни потврдија дека за добра претстава се доволни само сцената и актерот и тоа лишени од секакви додатоци, наддатоци, предатоци…

Живиот организам создаден од 13 актери пулсираше, додавајќи и наддавајќи и дел од себеси, но и дел од сонот насочен кон публиката за да потврди дека братоубиството и пролеаната крв ниту завршиле, ниту ќе се завршат…

Инаку, ова го осознавме од похлепата на Царицата Марија, алијас Оливера Аризанова, која преку крв царува обземајќи го несиугрниот Владислав или Стојан Велков Трн, кој верата во Бога ја претвора во неверство кон сопствената крв, пред се убивајќи го својот братучед кнезот Гаврил, за да дојде до престолот во кој по јадност не го собира… Аризанова и Велков Трн постилајќи ја секој својата психофизичка моќ и тоа како контрапунктови на перцепција на власта, ни понудија интересен актерски светоглед, а истото важи и за проневерениот Коста Ангов или пак Кнезот Гаврил… Царицата Ирена на Ангелина Тренчева Ангелова импонираше со смиреност, преку која пак успешно се справуваше со метриката на стихот, сотворена од инвентивниот автор Јанков, сето свое искуство за да покаже дека актерот може скоро речиси се, го искористи Бранко Бенинов како патријархот Давид, кој во име на верата се случи со неверство и пролева крв, искуствено слична #слика# имаме и од Ванчо Мелев, како епископот Данаил, иако тој пак е другата страна на огледалото и медалот, Богомил, кој ја има верата, како етички кодекс, но и начин на живот, па и смрт. Освен овие носечки столбови на крвавата сага за Царот Владислав и неговата слепа похлепа, свој придонес даваат и Ванчо Крстевски, како војводата Богдан, Кире Горгиев со испосникот Стефан, Тинка Ристеска, која преку повеќе ликови е дел од живиот организам наречен пиеса/претстава, а посебно импонира и освежува како магепсничката, кнегињата Косара, или Анкица Бенинова, која пак во дејствието без застој, со редуциран хорски израз, владее како наратор или церемонијал мајстор, на не така розовата и убава приказна, Ален Нанов, кој ” епизодно” својот цар Владимир го отсликува со стаменост и незбунетост, дури и во смртта, а надополна на целината се дрварот на Томе Ментинов и Васе Христов како тапанарот…

Значајна црта и дополна се и изборот на музиката на маестро Ставрев, знаковно бележитите костими на Елена Дончева (надополнети со идејата за црнилата на нашите собитија, секако по идеја на режисерот), како и потенцијалното одбележување преку играта на светлото и мракот, за кој виновници се Димче Спасевски и Никола Илков.

Секако дека праизведбата на ” Царот Владислав” понуди едно тетарско четиво, преку кое моќта на историјата, зборот и сонот ни ја отсликуваат и моменталната, наша, не така розова денешна стварност!

Во оваа смисла, честитки за ансамблот на НУЦК – театарот ” Антон Панов ” од Струмица

 

Jубилеј пет децении

 

на сцената: “Од инат, заинат…” со Мите Грозданов

Актерот Мите Грозданов на 4 декември (20 ч. Драмски театар), со премиерата на претставата “Од инат, заинат, поинат”, што по сопствен текст ја режираше и ќе игра една од главните улоги самиот тој, прославува редок јубилеј – 50 години професионална дејност и 63 години учество во аматерскиот театарски живот во Македонија.

Преку институцијата кафеана низ разни згоди, незгоди, песни, играрии, тепаници и конфликтни ситуации, Грозданов ја објаснува болката и (не)снаоѓањето на боемот во овој (не)свет, во кој политиката и политичкото ни ги окупираат животите…

Впрочем, како низ калеидоскоп, низ двочасовна интеракција со публиката, Мите се осврнува низ кратка реминисценција на својот не само професионален живот, ами и низ тоа како и колку тој самиот се гледа во овие, но и во некои минати времиња…

А времињата зад него говорат дека оставил трага од преку 100 театарски премиерни изведби, од кои повеќето од половина се претстави во кои тој играл носечки ролји, со преку две ипол илјади изведби, дузина филмови, стотици радио и ТВ-драми.

Со оваа претстава која премиерно ќе излезе вечерва, се планира мини турнеја низ Македонија.

Самоил Стојановски, актер

 

Во прво лице

No acting, PLEASE!

1. За себе: Истражувач од областа на дофатливоста на невозможното. Непомирлив правдољубец, напати вулгарен со именувањето на нештата со нивното вистинско име.

2. За љубовта: Ја имам и отповеќе. Ако. Не штети.

3. За животот: Играрија, во која интересно е кога нема да те фатат како кршиш правила.

4. За театарот: Играрија во која не смееш да ги кршиш правилата. Љубовница која знае кога си ја изневерил со евтина тезга. ЕЕГ на духовното и емоционалното.

5. За доброто: Добро е.

6. За злото: Го има, за да го препознаеме доброто.

7. За непријателите: Некој мора и тоа да биде.

8. За глумата во животот: No acting PLEASE!!!

9. За сценската прашина: Онаа како магичниот прав од најубавите приказни. (Каде ли го затурив спрејот против алергии?…)

10. За колегите: Безусловно се поврзувам.

11: За неодиграните улоги: Нека бидат трпеливи. Ако не стигнам јас да ги одиграм – има кој.

12. За идејата: Зборот идеја ме асоцира на Досетливиот Добромир. Со сијаличката над глава, со насмевка, ама со сФе!

13. За сонот: Најубавиот е оној со отворени очи.

14. За јавето: Расипувач на забави.

15. За виното: Сипи.

16. За семејството: Она што се случува во Вегас – останува во Вегас.

17. За инфантилноста: Кој ме викааA?

18. За крај: Знаете дека ова ќе оди и на Твитер. (Ќе бидат инвентивни коментарите.)

Во знак на протест за притворот на Владо Јовановски актерите пред полна сала ја одложија претставата „Ничија земја“

 

Пред полна сала актерите на МНТ вечерва ја одложија претставата Ничија земја. Целиот актерски тим излезе пред присутните во МНТ и извинувајќи и се на публиката соопшти дека во знак на протест за притворот на нивниот колега претставата нема да се одигра.

По ова публилата беше замолена да ја напушти салата. Јовановски доби притвор во рамките на акцијата за настаните на 27 април во Собранието.

ПОКЛОН!!!