Мите Грозданов – половина век на сцена: Зошто инает, зошто завист, се што ни треба е малку слога!

“Кога ќе се случи флуидот меѓу резултатот од нашата работа и френетичните аплаузи од задоволството на публиката, станува магија која те тера пак, повторно и најповторно да се навраќаш на сцената, зашто имаш чувство дека се уште имаш нови и нови нешта да соопштиш од штиците што живот значат, а тоа ќе трае вечно се додека те обзема емоцијата…”, вели за интеракцијата во Театарот, Мите Грозданов

Со претставата “Од инат, за инат, поинат …” прославивте јубилеј 50 години на сцена. Зошто токму “За инат”?

Ниту едно лошо не може да роди добро, па затоа во животецов си го имаме вечниот ривал на доброто-злото. Една гранка од лошотилакот е инаетот, особено кога е по системот: – зошто да си ти, а не јас! Мојата пиеса го обработува “кроки# периодот од првата Балканска војна до сега… и тоа низ сите тортури, виулици, крвопролевања, војни во кои имало и братоубиства. Скрботиите не натерале да опстанеме и покрај кодоштвата и јунаштвата до атентаторствата… а исконските песни застанувале во жестоката решителност да му раскажеме на светот дека постоиме. Грозотиите на историските собитија ни ја расплакаа мајката, а фениксот за инат на душманите ни изроди три сина: Вардан, Егер и Пелин! Си се најдоа, станаа другари, па браќа, слога-невидена! Уште во социјализмот се движеа и со великани и по кафеани. Но, кога се осамостоивме средбите стануваа се пожестоки. Кога се партизиравме црвот немилосрдно почна да продира во маратонската веселба. Жално, но сето тоа деградираше од смеаници и играници во “малку грди тепаници”. Така, водата спиеше, а инаетот беше буден од завист, затоа што ти правиш убаво, а јас не можам, те негирам до смрт… А зошто сето тоа кога се што ни треба е само малку слога?!

Се вели дека талентот за глума се познава од мали нозе. Да се биде актер е дарба или многу работа?

Не постои неталентиран човек! Кога ќе видиш мало весело размилено и разиграно дете, си велиш овој е роден “глумец# но, сепак препорачувам до пубертет тоа и такво дете да не се храни во неговите желби и идеи. Инаку, како родители или ментори доживувате неуспех! Мојот прв внук Драган Гонев, на 5 години го имитираше Јонче Христовски со се виење на палтото над главата. Целата претстава “Болва в уво#” ја знаеше напамет, за сите тој беше штотуку родениот актер. Во пубертетот, наеднаш чувме “Не сакам глума, сакам спорт!# што е уште поинтересно. На крајот дипломираше италијански и шпански! Наравоучението вели дека ако афинитетите што ги има од малечко продолжат и во пубертет тогаш потхранувајте го во таа насока. Никако не смее да се дозволи фијаското на болно амбициозните родители!

Како Мите станал актер?

Првиот настап ми е во 1954 година и ни помалку ни повеќе ме ставија меѓу публиката, за да умрам од срам! Веќе вториот пат, во пиесата “Пеперутки# го играв Гале и и се лутев на професорката Караманова оти мислеше по говорот дека сум прилепчанец, а јас сум чист струмичанец. Потоа дојде рецитаторската секција од 58, а 1960 ја одигравме “Селска учителка”. Режисерот Ацо Алексов, тогаш тукушто дипломиран ме фати за уво и ме праша: “Зошто ти не доаѓаш во театар, на што збунето му одговорив: “А бе, бато Ацо, јас многу сакам, но ми е срам! Тој само дофрли: Утре да се нацрташ во театар. На работна акција, една од многуте во тоа време, го запознав Ристо Јачев, кој учеше учителска школа, но одеше и во театар и го имитиаше Џемс Дин! По еден месец успеа да ми ја наполни главата со позоришна академија. Тој стана поет, а мене ми ја внесе чивијата”. Кога спомнав дома дека сакам да одам на академија, татко ми беше против, бидејќи веќе земав стипендија за воена академија. Но, победија солзите на мајка ми која насети дека ако одам да бидам “глупец” како што викаше татко ми, имав можност да се вратам дома, па така тој сепак попушти. Моите активности како аматер продолжија и понатаму и во една претстава Магдалина Трајкова ми играше мајка, па си се заљубивме и до ден-денес сме си заедно. Сега како Грозданова, се разбира. Во 1962 на четвртата година гимназија не презеде големиот Стојан Гогов, кој ја режираше “Сомнително лице”, а јас добив награда за главна улога, која ми ја врачи лично Петре Прличко. Најголема придобивка од тоа ми беше што успеав да ја скријам тремата што ја играм пред него. Продолжив да играм во струмичкиот театар, а кога дојде време да одам во Белград, ме спремаше Ристо Шишков, кој тукушто дипломираше на факултетот… Иако вратите на “Ателје 212” ми беа отворени цели пет години, со декрет бев вратен во Македонија, директно во Драмски, но пресуди и мојот македонски инат, или ако сакате наречете го патриотизам…

За актерот аплаузот и полната сала, секако и признанијата се најголема сатисфакција, но што Вас ве влече повторно и повторно на сцена?

Многу е тежок нашиот занает, но затоа и многу убав. На сцена се треба да изгледа природно, како во животот, но се разбира на едно посвечено, поголемо ниво. Кога ќе се случи флуидот меѓу резултатот од нашата работа и френетичните аплаузи од задоволството на публиката, станува магија која те тера пак, повторно и најповторно да се навраќаш на сцената, зашто имаш чувство дека се уште имаш нови и нови нешта да соопштиш од штиците што живот значат, а тоа ќе трае вечно се додека те обзема емоцијата…

На сцена е се во живо, некои работи можат, но повеќето не можат да се скријат. Ви се случил ли на сцена пех, случка која ќе ја паметите до крајот на животот?

Во професионализмот кога ќе се случат пехчиња, гејкчиња, киксови… ги нарекуваме дефекти, кои секогаш се трудиме да ги претвориме во квалитет, што носи врвна уметност до маестралност. Затоа не ги сметаме тие ризици за катастрофи на кои би се сеќавале, туку тие се патемни собитија во градењето на уметноста. Вистински пех ни се случи кога пред петнаесетина години гостувавме во Истанбул на светски фестивал со Драмскиот театар. Ни јавуваат дека сценографијата, костимите и реквизитите ни се задржани на царина, заради непотполни документи. Моравме да реагираме секој на свој начин, но во секој случај емотивно. Чоре не знаеше која страна да ја фати. Не смирија и опаметија турските колеги и нивниот директор, кога по нашите лица видоа во која каша се наоѓам… Направија херојско дело. Во текот на цела ноќ правеа сценографија, а нас како на модна ревија ни шиеа костими. Бидна како во бајките…

Театарот е за Вас живот и професионално и аматерски. Што е Вашата порака до оние кои допрва стапнуваат на штиците што живот значат?

Дипломата ти е гаранција само дека во животот можеш сам да продолжиш да студираш, никогаш не заборавајќи го аматерскиот жар! Колку и да си талентиран ако на тој талент не му пружиш развој и градација, едноставно “ќе си заспие” и ќе се потроши пред немилосрдноста на менувањето на времето и непостојаноста на живата материја. Не случајно Ајнштајн рекол дека еден процент е талент, а 99 проценти работа… Со правилен развиток и тренинг, без кој пак не може да има кондиција, зачинето со моментот кога професионалците ќе заиграат со амтерски жар, настануваат прекрасни претстави! (Д.Т.)