СОЊА МИХАЈЛОВА, АКТЕРКА

Во прво лице

Љубовта е убавина со многу лица…

1. ЗА СЕБЕ

За себе…јaс сум јас, со очите кон звездите, со стапалата на земја, го сакам мојот живот со сите убави и лоши нешта што го креирале и го креираат моето јас, го сакам натпреварот само со себе, да си останам јас , своја на свое со своето…

2 . ЗА ЉУБОВТА:

Љубовта е убавина со многу лица… убавината, љубовта, мора човек да ја најде прво во себе и за себе , за да може и да ја даде и да ја прими…за љубов треба душа, да се нурне во сопствената душа без страв, секојдневно…Се трудам да ги откријам сите лица на љубовта…

3.ЗА ЖИВОТОТ:

Животот е дар, платно во рамка, за слика што сам со свои бои ќе ја насликаш..моето платно има многу бои , им се радувам на оние бои што допрва ќе се појават, а кои не знам ни дека постојат..

4. ЗА ТЕАТАРОТ:

Театарот е моето место за дијалог со себе и со тајните на човекот,животот,природата,вселената….

5. ЗА ДОБРОТО

Доброто е почит, внимание, грижа,искреност, едноставност, емпатија, љубов…Доброто е нешто што му недостига во голема количина на светот во вакво време во кое живееме , за да биде подобро место за живеење…

6. ЗА ЗЛОТО

Злото, лакомост, его, завист, лага, омраза, интерес, профит, моќ, не го сакам злото…Злото е зло, грешка во потрага по среќата, на многумина денес, за жал..Злото го јаде животот, луѓето, човекот, а јас не сакам да ме јаде, не давам да ме јаде…

7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ

Не размислувам за непријателите…непријателите, ако ги имам, тие имаат проблем со себе си и тие нека си мислат, мене не ми се троши време на непријателство и непријатели…

– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?

Што е човек без пријатели, пријателот е дар што човек си го дава себе си, споделена со пријател , тагата е помала, а среќата поголема ..Среќна сум што ги имам, подалечни , поблиски , школски, студентски, фамилијарни, колеги, најблиски, пријатели што ми траат зашто се дел од мојот живот и во добро и во зло… ништо подобро од кафе и муабет со добар пријател…музиката и тишината знаат да ми се исто така многу добри пријатели…

8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ

Во мојот живот глумата секогаш била и е, начин, пат за откривање, размислување, споредување, давање , доближување, разоткривање на некоја вистина пред публиката, за себе и животот, луѓето…Болно е што глумата, разбирањето на глумата во животот пошироко ,вон театарот, се поефтинува, и суштински и терминолошки, се злоупотребува како нешто кое се користи за прикривање, манипулирање, заведување, прикривање на вистината во разни контексти…

9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА

Сценската прашина е талог од нереченото, ненаправеното, неодиграното, заборавеното, игнорираното…Треба да се чисти со присуство на сцената , со добра претстава , добри улоги, добар театар…

10. ЗА КОЛЕГИТЕ

Колегите се театарското семејство и како во секое семејство, мора да се почитуваат и го почитувам секој член, колега .Семејството не е еднина-Јас ,туку множина -Ние. Само со Ние на ум, може да се оди напред во нови сценски авантури. Ме растажува кога има премногу Јас во театарскто семејство.

11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ

Не знам кои се , немам список на желби од ликови, но знам дека ги има.Тие се предизвикот што води напред, за да не се застане, да се одигра неодиграното , она што доаѓа со годините, зрелоста , околностите што ги наметнува времето и животот.

12 . ЗА ИДЕЈАТА

Се почнува со идејата, таа е решение на имагинацијата, таа е моторот,но таа е ништо, ако сам не поработиш да стане реалност . И најголемите идеи се големо ништо, ако не заживеат.

13. ЗА СОНОТ

Сонот ме држи будна. Сонот е надежта, страста ,желбата, вратата за она што треба да дојде, за утре, за иднината.

14. ЗА ЈАВЕТО

Јавето е сурово искушение со кое човек секојдневно се соочува. Пат со многу камења,можеш да се препнеш, да застанеш и да се оплакуваш колку те боли , или да продолжиш , со болката , со раната …Верувам дека она што не те убива, те прави посилен, продолжувам со двете нозе на земја, во јавето…

15. ЗА ВИНОТО

Го сакам доброто, старо, црвено вино, од бочва што мириса на дома…Ништо подобро од старите времиња, старите пријатели, старите книги и старото вино.

16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО

Семејството е моето Дома. Колку и да е големо или мало, кога е среќно или несреќно…Можеби немаме се заедно , но заедно имаме се… Дома ми е дома.

17. ЗА КРАЈ

Животот е убав, но, како што се вели , ние инсистираме да се комплицира, понекогаш самите го комплицираме, понекогаш дозволуваме да ни го искомплицираат, забораваме на она што го имаме, мислиме на она што го немаме …а едноставно , треба да се живее, и со црното и со белото, тоа не прави она што сме, она што сум…Животот е прекрасен , навистина е, а кога ми се чини дека не е, не е до животот туку до мене, и само јас можам да го сменам тоа, никој не може да го стори тоа за мене, тоа го научив.Секој нов почеток е крај на некои други почетоци, убавината е да учиме од крајот на нештата, за новите почетоци..

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *