СВЕТИ ПЕТНАЕСЕТ ТИВЕРИОПОЛСКИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ СВЕДОЧАТ ЗА МОИТЕ СВЕДОШТВА
Сречко Гунчев е еден од најревносните носители на театарската, но и не само таква, фотографија кај нас, па затоа неговата Струмица го награди со наградата СВЕТИ ПЕТНАЕСЕТ ТИВЕРИОПОЛСКИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ, градско признание, од особено значење за луѓето еснафлии од градот под ѕвездите и Царевите кули.
Тој е единиствен фотограф во Македонија, кој е вработен во театар, за што, преку низа настани, во вид на самостојни, па и групни изложби сведочи безмалку четвртина столетие.За тоа ,како изгледа да се фотка една претстава, дали ја гледа еднаш или неколку пати пред да почне со фотографирање, но и за театарскиот миг, за тоа како изгледа да си сведок на градот преку слика,Сречко ни раскажува, директно, во прво лице:
Пред да се вработам во театарот “Антон Панов“, јас веќе фотографирав низ Струмица. Обично тоа беа забави во рестораните, како свадби, Осмомартовски матинеа, деца со Дедо Мраз по градинките и училиштата за новогодишните празнувања и други спортски и културни настани.
Во театарот се вработив во 1994 год. како организатор и билетар. Како вработен во театарот, а подоцна и како дел од Центарот за култура, пред мене се создаде една голема сцена. Сцена полна со театарски претстави ,концерти , изложби, фестивали и сл.
Убаво е пред да се фотографираат претставите да се присуствува на неколку проби.Оние што се во програмата на ФКТ РИСТО ШИШКОВ ги фотографирам без претходно да ги видам. Најчесто фотографирам кога претставата го добива својот конечен лик. Секој момент, секое движење на актерите е вистински момент да се кликне.
Во Струмица како и во другите градови има многу надежни и добри фотографи, но трката за пари ги прави повеќе комерцијални, отколку уметнички настроени. Еден ден, некој ќе мора да продолжи со оваа работа. За да се биде фотограф потребна е љубов, многу труд , дарба од Бога и многу среќа.
Мојата архива нема дно. Сите претстави во театарот ги имам фотографирано. Од 1994 год. до денес, сигурно се повеќе од стотина. На ФКТ “Ристо Шишков“ за 25 години имам фотографирано повеќе од 300 претстави.
Досега, имам остварено пет самостојни и неколку групни изложби.Оваа 2017 год. се случија две изложби. Едната беше “Апстрактна фотографија“, а другата „25 години ФКТ Ристо Шишков“. Интересни за театарџиите се моите албуми на FACEBOOK, насловени како АКТЕРИ, АРТИСТИ И ГЛУМЦИ како и ИЛЈАДА ЛИЦА. Скоро и да нема театарски човек, кој не е дел од овие албуми…Ги има од Македонија, а и од некои други земји кои преку своите театри гостувале во Струмица.
Освен во Домот на Културата, присутен сум и на спортските случувања, меѓу шетачите во паркот,на плоштадот и секако на улиците во мојата Струмица.
Овие мои активности беа наградени оваа година со општинска награда СВЕТИ ПЕТНАЕСЕТ ТИВЕРИОПОЛСКИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ.
Се надевам, тие сведочат пред Бога за мојата работа.
Инаку, Сречко е среќен, а и сите што се во моја близина се среќни. Посакувам повеќе среќни и насмеани лица пред објективот на мојот фотоапарат во наредната 2018 год.
ГОЛЕМ ПОЗДРАВ!!!