Грозданов со претставата “Од инат, заинат, поинат” во Драмски го одбележа својот петдецениски опстој на сцената. Тој заедно со своите “кафеански другари” низ “институционален приказ” на боемштината ни исцрта еден творечки пат, сликајќи ги премрежијата, но и убавините на еден живот преку минатото до денешнината…
Драмскиот театар завчеравечер ги отвори своите порти за еден од своите столбови, актерот Мите Грозданов, кој со претставата “Од инат, заинат, поинат” го одбележа својот петдецениски опстој на сцената. Тој заедно со своите “кафеански другари” низ “институционален приказ” на боемштината ни исцрта еден творечки пат, сликајќи ги премрежијата но и убавините на еден живот преку минатото до денешнината…
Неговиот творечки пат за кој многу е пишувано, говорено и гледано, се заокружи низ песна и постулати кои малкумина, онака, народски, знаат да ги посведочат пред публиката.
За оваа приказна да биде цела покрај Грозданов “виновници” се и Симе Илиев, Ердоан и Теоман Максут, Будимир Лазев, Горан Анчевски и уште неколкумина млади, задолжени да го продолжат веќе трасираниот пат од Грозданов и нему слични…
А, пак, целата приказна да биде “зачинета” со песна која не води низ историјата и низ денешницата, својата работа одлично ја завршија пензионерите од хорот “Серенада”.
Сценската кафеана изобилуваше со плакати од претстави во кои учествувал славеникот со што не само декоративно, ами и нагледно суштински, ќе посведочи неговото актерско присуство, за да остане како аманет дека токму од неговиот матичен Драмски, па низ Македонија, екс Југославија, па и Европа и светот, веќе 50 години постои една незатворена патека на Скомрахот…
А дека е тоа така, сведочи и иницијативата на Кинотеката на Македонија, која преку еднонеделен приказ со неговиот лик на филмското платно му се оддолжува на актерот кој целиот свој живот потврдува дека даските навистина нему живот му значат.