И ние наш Шекспир за игра имаме!
Кон праизведбата на пиесата ” Царот Владислав” од дебитантот Борис Јанков, во режија на маестро Бранко Ставрев, продукција НУЦК Антон Панов Струмица
Борче ГРОЗДАНОВ
Дека зборот е тесто од кое се меси сонот и дека од него и за него универзално се потекнува, доказ е моќта со која авторот Борис Јанков ја сочинил пиесата ” Царот Владислав” чија праизведба ја видовме неодамна (на 23 ноември), на сцената на НУЦК “Антон Панов” од Струмица. Дека нашиот јазик е пребогат и не само со знаковна и семантичка идеја и моќ и дека метриката и убавината на Шекспировиот стих, убаво звучи и е прекрасна мелодија и на автохтон македонски јазик и авторство, се докажа со инсценацијата на делото на Јанков, кој тука и сега во Македонија, денешно, Шекспировски, ни докажа дека Уметноста, актерот Скомрах и ” празната” сцена имаат чудесно дејство…
На тоа дејство кумуваше и диригентската палка на маестро Бранко Ставрев, чија режија и сценографски решенија уште еднаш ни потврдија дека за добра претстава се доволни само сцената и актерот и тоа лишени од секакви додатоци, наддатоци, предатоци…
Живиот организам создаден од 13 актери пулсираше, додавајќи и наддавајќи и дел од себеси, но и дел од сонот насочен кон публиката за да потврди дека братоубиството и пролеаната крв ниту завршиле, ниту ќе се завршат…
Инаку, ова го осознавме од похлепата на Царицата Марија, алијас Оливера Аризанова, која преку крв царува обземајќи го несиугрниот Владислав или Стојан Велков Трн, кој верата во Бога ја претвора во неверство кон сопствената крв, пред се убивајќи го својот братучед кнезот Гаврил, за да дојде до престолот во кој по јадност не го собира… Аризанова и Велков Трн постилајќи ја секој својата психофизичка моќ и тоа како контрапунктови на перцепција на власта, ни понудија интересен актерски светоглед, а истото важи и за проневерениот Коста Ангов или пак Кнезот Гаврил… Царицата Ирена на Ангелина Тренчева Ангелова импонираше со смиреност, преку која пак успешно се справуваше со метриката на стихот, сотворена од инвентивниот автор Јанков, сето свое искуство за да покаже дека актерот може скоро речиси се, го искористи Бранко Бенинов како патријархот Давид, кој во име на верата се случи со неверство и пролева крв, искуствено слична #слика# имаме и од Ванчо Мелев, како епископот Данаил, иако тој пак е другата страна на огледалото и медалот, Богомил, кој ја има верата, како етички кодекс, но и начин на живот, па и смрт. Освен овие носечки столбови на крвавата сага за Царот Владислав и неговата слепа похлепа, свој придонес даваат и Ванчо Крстевски, како војводата Богдан, Кире Горгиев со испосникот Стефан, Тинка Ристеска, која преку повеќе ликови е дел од живиот организам наречен пиеса/претстава, а посебно импонира и освежува како магепсничката, кнегињата Косара, или Анкица Бенинова, која пак во дејствието без застој, со редуциран хорски израз, владее како наратор или церемонијал мајстор, на не така розовата и убава приказна, Ален Нанов, кој ” епизодно” својот цар Владимир го отсликува со стаменост и незбунетост, дури и во смртта, а надополна на целината се дрварот на Томе Ментинов и Васе Христов како тапанарот…
Значајна црта и дополна се и изборот на музиката на маестро Ставрев, знаковно бележитите костими на Елена Дончева (надополнети со идејата за црнилата на нашите собитија, секако по идеја на режисерот), како и потенцијалното одбележување преку играта на светлото и мракот, за кој виновници се Димче Спасевски и Никола Илков.
Секако дека праизведбата на ” Царот Владислав” понуди едно тетарско четиво, преку кое моќта на историјата, зборот и сонот ни ја отсликуваат и моменталната, наша, не така розова денешна стварност!
Во оваа смисла, честитки за ансамблот на НУЦК – театарот ” Антон Панов ” од Струмица