на сцената: “Од инат, заинат…” со Мите Грозданов
Актерот Мите Грозданов на 4 декември (20 ч. Драмски театар), со премиерата на претставата “Од инат, заинат, поинат”, што по сопствен текст ја режираше и ќе игра една од главните улоги самиот тој, прославува редок јубилеј – 50 години професионална дејност и 63 години учество во аматерскиот театарски живот во Македонија.
Преку институцијата кафеана низ разни згоди, незгоди, песни, играрии, тепаници и конфликтни ситуации, Грозданов ја објаснува болката и (не)снаоѓањето на боемот во овој (не)свет, во кој политиката и политичкото ни ги окупираат животите…
Впрочем, како низ калеидоскоп, низ двочасовна интеракција со публиката, Мите се осврнува низ кратка реминисценција на својот не само професионален живот, ами и низ тоа како и колку тој самиот се гледа во овие, но и во некои минати времиња…
А времињата зад него говорат дека оставил трага од преку 100 театарски премиерни изведби, од кои повеќето од половина се претстави во кои тој играл носечки ролји, со преку две ипол илјади изведби, дузина филмови, стотици радио и ТВ-драми.
Со оваа претстава која премиерно ќе излезе вечерва, се планира мини турнеја низ Македонија.