МАМА МИА, навистина Мама миа!

 

Конечно, една убава, приказна. Љубовна.Тивка, но бурна, распеана, така складно, со така нежен почеток. Бев изненадена од препевот кој звучеше прекрасно на македонски јазик. За наша среќа е мелозвучен. Целиот спектакл  наликуваше на АББА е од Македонија. Весела, разиграна приказна, тука, во нашето соседство,  со измешани емоции, од она време кога само Љубовта била важна, време кога се водеше повеќе она со … од колку војна.

Не понесоа со нивните моќни гласовни способности, од некои бев и пријатно изненадена од талентот што го го поседуваат и искрено им се радував. А, гардеробата среќна, летна, цветна, со сите бои на летото. Пеењето го имаа во малиот прст, но и во нозете, тие, девојките – триото актерки. Не оставија без коментар и без здив, до крајот…

За нив не треба многу да се зборува! Женското “ Динамитното трио “ навистиана беше Динамит!

Младите актери не останаа ништо подолу и им возвратија  со “ силен удар “, а нам ни докажаа дека имаат капацитет да се носат со овој жанр – Мјузиклот!

Силниот и бурен аплауз од кој не заболеа рацете, докажа и покажа се… Но, не  застанвме, повикувајќи ги за награда на величествен поклон! Навистина, големата екипа актери, пејачи, танчери… Излеговме, потпевнувајќи си песни од она време!

Моќната енергијата од сцената, не крена од седиштата и не натера да заиграме со нив. Ни го разубавија крајот на оваа 2017 година, за со песна искрена и чиста, со музика да ја дочекаме 2018 година!

Затоа искрено, од срце, Благодарам! На режисерата Наташа Поплавска и целата екипа која работеше на овој проект.

Гледачот

 

Мите Грозданов – половина век на сцена: Зошто инает, зошто завист, се што ни треба е малку слога!

“Кога ќе се случи флуидот меѓу резултатот од нашата работа и френетичните аплаузи од задоволството на публиката, станува магија која те тера пак, повторно и најповторно да се навраќаш на сцената, зашто имаш чувство дека се уште имаш нови и нови нешта да соопштиш од штиците што живот значат, а тоа ќе трае вечно се додека те обзема емоцијата…”, вели за интеракцијата во Театарот, Мите Грозданов

Со претставата “Од инат, за инат, поинат …” прославивте јубилеј 50 години на сцена. Зошто токму “За инат”?

Ниту едно лошо не може да роди добро, па затоа во животецов си го имаме вечниот ривал на доброто-злото. Една гранка од лошотилакот е инаетот, особено кога е по системот: – зошто да си ти, а не јас! Мојата пиеса го обработува “кроки# периодот од првата Балканска војна до сега… и тоа низ сите тортури, виулици, крвопролевања, војни во кои имало и братоубиства. Скрботиите не натерале да опстанеме и покрај кодоштвата и јунаштвата до атентаторствата… а исконските песни застанувале во жестоката решителност да му раскажеме на светот дека постоиме. Грозотиите на историските собитија ни ја расплакаа мајката, а фениксот за инат на душманите ни изроди три сина: Вардан, Егер и Пелин! Си се најдоа, станаа другари, па браќа, слога-невидена! Уште во социјализмот се движеа и со великани и по кафеани. Но, кога се осамостоивме средбите стануваа се пожестоки. Кога се партизиравме црвот немилосрдно почна да продира во маратонската веселба. Жално, но сето тоа деградираше од смеаници и играници во “малку грди тепаници”. Така, водата спиеше, а инаетот беше буден од завист, затоа што ти правиш убаво, а јас не можам, те негирам до смрт… А зошто сето тоа кога се што ни треба е само малку слога?!

Се вели дека талентот за глума се познава од мали нозе. Да се биде актер е дарба или многу работа?

Не постои неталентиран човек! Кога ќе видиш мало весело размилено и разиграно дете, си велиш овој е роден “глумец# но, сепак препорачувам до пубертет тоа и такво дете да не се храни во неговите желби и идеи. Инаку, како родители или ментори доживувате неуспех! Мојот прв внук Драган Гонев, на 5 години го имитираше Јонче Христовски со се виење на палтото над главата. Целата претстава “Болва в уво#” ја знаеше напамет, за сите тој беше штотуку родениот актер. Во пубертетот, наеднаш чувме “Не сакам глума, сакам спорт!# што е уште поинтересно. На крајот дипломираше италијански и шпански! Наравоучението вели дека ако афинитетите што ги има од малечко продолжат и во пубертет тогаш потхранувајте го во таа насока. Никако не смее да се дозволи фијаското на болно амбициозните родители!

Како Мите станал актер?

Првиот настап ми е во 1954 година и ни помалку ни повеќе ме ставија меѓу публиката, за да умрам од срам! Веќе вториот пат, во пиесата “Пеперутки# го играв Гале и и се лутев на професорката Караманова оти мислеше по говорот дека сум прилепчанец, а јас сум чист струмичанец. Потоа дојде рецитаторската секција од 58, а 1960 ја одигравме “Селска учителка”. Режисерот Ацо Алексов, тогаш тукушто дипломиран ме фати за уво и ме праша: “Зошто ти не доаѓаш во театар, на што збунето му одговорив: “А бе, бато Ацо, јас многу сакам, но ми е срам! Тој само дофрли: Утре да се нацрташ во театар. На работна акција, една од многуте во тоа време, го запознав Ристо Јачев, кој учеше учителска школа, но одеше и во театар и го имитиаше Џемс Дин! По еден месец успеа да ми ја наполни главата со позоришна академија. Тој стана поет, а мене ми ја внесе чивијата”. Кога спомнав дома дека сакам да одам на академија, татко ми беше против, бидејќи веќе земав стипендија за воена академија. Но, победија солзите на мајка ми која насети дека ако одам да бидам “глупец” како што викаше татко ми, имав можност да се вратам дома, па така тој сепак попушти. Моите активности како аматер продолжија и понатаму и во една претстава Магдалина Трајкова ми играше мајка, па си се заљубивме и до ден-денес сме си заедно. Сега како Грозданова, се разбира. Во 1962 на четвртата година гимназија не презеде големиот Стојан Гогов, кој ја режираше “Сомнително лице”, а јас добив награда за главна улога, која ми ја врачи лично Петре Прличко. Најголема придобивка од тоа ми беше што успеав да ја скријам тремата што ја играм пред него. Продолжив да играм во струмичкиот театар, а кога дојде време да одам во Белград, ме спремаше Ристо Шишков, кој тукушто дипломираше на факултетот… Иако вратите на “Ателје 212” ми беа отворени цели пет години, со декрет бев вратен во Македонија, директно во Драмски, но пресуди и мојот македонски инат, или ако сакате наречете го патриотизам…

За актерот аплаузот и полната сала, секако и признанијата се најголема сатисфакција, но што Вас ве влече повторно и повторно на сцена?

Многу е тежок нашиот занает, но затоа и многу убав. На сцена се треба да изгледа природно, како во животот, но се разбира на едно посвечено, поголемо ниво. Кога ќе се случи флуидот меѓу резултатот од нашата работа и френетичните аплаузи од задоволството на публиката, станува магија која те тера пак, повторно и најповторно да се навраќаш на сцената, зашто имаш чувство дека се уште имаш нови и нови нешта да соопштиш од штиците што живот значат, а тоа ќе трае вечно се додека те обзема емоцијата…

На сцена е се во живо, некои работи можат, но повеќето не можат да се скријат. Ви се случил ли на сцена пех, случка која ќе ја паметите до крајот на животот?

Во професионализмот кога ќе се случат пехчиња, гејкчиња, киксови… ги нарекуваме дефекти, кои секогаш се трудиме да ги претвориме во квалитет, што носи врвна уметност до маестралност. Затоа не ги сметаме тие ризици за катастрофи на кои би се сеќавале, туку тие се патемни собитија во градењето на уметноста. Вистински пех ни се случи кога пред петнаесетина години гостувавме во Истанбул на светски фестивал со Драмскиот театар. Ни јавуваат дека сценографијата, костимите и реквизитите ни се задржани на царина, заради непотполни документи. Моравме да реагираме секој на свој начин, но во секој случај емотивно. Чоре не знаеше која страна да ја фати. Не смирија и опаметија турските колеги и нивниот директор, кога по нашите лица видоа во која каша се наоѓам… Направија херојско дело. Во текот на цела ноќ правеа сценографија, а нас како на модна ревија ни шиеа костими. Бидна како во бајките…

Театарот е за Вас живот и професионално и аматерски. Што е Вашата порака до оние кои допрва стапнуваат на штиците што живот значат?

Дипломата ти е гаранција само дека во животот можеш сам да продолжиш да студираш, никогаш не заборавајќи го аматерскиот жар! Колку и да си талентиран ако на тој талент не му пружиш развој и градација, едноставно “ќе си заспие” и ќе се потроши пред немилосрдноста на менувањето на времето и непостојаноста на живата материја. Не случајно Ајнштајн рекол дека еден процент е талент, а 99 проценти работа… Со правилен развиток и тренинг, без кој пак не може да има кондиција, зачинето со моментот кога професионалците ќе заиграат со амтерски жар, настануваат прекрасни претстави! (Д.Т.)

ЖИВОТ НАДВОР ОД СЦЕНАТА

 

Се наметнува прашањето зошто Маџунков им дава таква судбина на своите ликови? Измиени од својата фолклорност, тие се, и всушност не може да не бидат, пример на отфрлањето на ликот во современата драма, т.е. неговото убивање. Оттаму е нормална нивната позиција да се враќаат од смртта во живот. За да ја разбереме таа ситуација, потребно е да го познаваме отфрлањето на ликот во современата драма.

Отфрлањето на ликот почнува уште од времето на Пирандело. Жан-Лук Нанси ја оформува идејата дека „театарскиот лик не постои“ и дека тој е само „локално згуснување на дејството, кое станува чин низ исказ и како исказ“. Ликот со тоа е веќе надвор од сцената. Други, како Дени Гену, ја прогласуваат смртта на драмскиот лик, со поставувањето на прашања од типот „Треба ли да се создава ликот, како ништо да се нема случено, како да се нема случено кризата на ликот, дали со тоа веќе е свршено? Дали воопшто веќе се создаваат ликови, дури и кога авторот мисли дека тоа го прави, дури и кога става име кон некоја улога? Но, ликот, иако одамна осуден на пропаѓање, не престанува да се раѓа одново пред нашите очи, како феникс, пресоздаван од век во век. Така, кризата на ликот, станува знак и услов за неговата виталност, во текот на промената на самиот свет. Тука се судираат две поетики, едната радикална, на Гену, каде тој, како театарски човек, чувствува сега и овде, дека во поглед на драмскиот лик, потребно е да се почне сè одново и другата, на Роберт Абирашед, заснована на поумерено стојалиште, на историчар и естетичар, кој размислува на долги патеки. Гену се залага за укинување на ликовите за да може да се обедиинат гледачот и глумецот. Кај Аристотел, ликот е целосно подреден на фабулата, на приказната, на дејството, и тој се зема предвид само како „лице кое дејствува“ (prattôn). Тоа лице кое дејствува во античката трагедија има пропорции кои на големо ги надминуваат пропорциите на човековата личност. Кога Еврипид го исфрла Дионис од сцената, се

појавува индивидуата, сфатена како психолошки ентитет и суштество на разумот, на што Ниче силно се противи во „Раѓањето на трагедијата“. На драмските писатели, од тогаш им е дадено правото на индивидуализираниот лик да гледаат како на вишок лик, а на поетичарот му е задача да испита како во разните видови на модерното и современо писмо, се ваја тој лик со вишок, за да се преобрази во лик со недостаток, во нешто што е помалку од лик.

Кога во последната, досега необјавена драма на Митко Маџунков, „Кончиња“ („Три“ Скопје, 2017), Режисерката го прашува Писателот „Ако она што ни е важно се случува тука, на сцената, дали постои живот надвор од сцената, или ова е сè?“- дали таа всушност е загрижена дека тој живот навистина не постои или пак се радува покрај тоа што тој не постои? Се чини, Режисерката е поставена во ситуацијата на Хамлет, во која поради нејзината неодлучност и несигурност, но наместо да си го постави тука вистинското прашање „да се биде или не“, таа едноставно Е и во исто време НЕ Е. Да биде загатката уште поинтересна, Писателот на ова нејзино прашање одговара со прашањето: „А публиката?“. Дали со тоа тие се растопуваат како лик, или само се тематизираат? Најверојатно и двете. Едно од клучните места на современата драма и на драмите на Маџунков, е кризата на ликот.

Дали Режисерката и Писателот се помалку од ликови? Дали тие се јавуваат како ликови без супстанција, како привиденија, сеништа? Во основа „Кончиња“ може да се разгледува и како конверзациона драма меѓу два лика, кои се прашуваат за сè, и разговараат за сè, па дури и за вистинските прашања. И покрај тоа, таа може да се чита и како симболичка и поетска драма! Правејќи ја таа дистанца од себе, јавувајќи се и како рефлексивни ликови, уште повеќе создавајќи ја таа дистанца од себе, Режисерката и Писателот стануваат посматрачи на самите себе, и коментатори на својот живот. Рефлексивниот лик, односно, ликот кој се сеќава и е означен како посматрач, како „рефлексивен“ или како „рецитатор“ не престанува да бидува драмски лик и во себе го обединува објективниот поглед и субјетктивното страдање. Според Сонди, тоа е „епски субјект“, т.е. фигура- точка на посматрање, раскажувачка фигура под чиј поглед може да се гради модерната драма. Тоа ја вади на површина двојноста на ликот, кој истовремено е и драмски и епски, внатрешен и надворешен, некој кој страда и кој посматра. Во драмата на животот, ликовите стануваат сведоци на своето (не)постоење. Тоа „произведување“ на личноста во сведок, значи дел од неа кој е човек, да стане не-човек, и така се случува расцеп во личноста. Првиот симптом на безличноста на ликот, оној кој го означува преминот во лик без

особеност е чувството дека човек им е туѓ на другите, а и сам на себе. Ликот без особености е суштински трансперсонален. Тоа е лик во различни периоди од животот, и од тој дисконтинуитет се раѓа ликот без особености, тврди Саразак.

Такви се ликовите на Маџунков: туѓи сами на себе, но парадоксално, и во таа отуѓеност бираат една етичка позиција, која Митко Маџунков, ќе ја искористи како лајтмотив во сите драми: „чудо големо“. Таа синтагма покрај етичка станува и естетска позиција: не постои нешто што може да ги изненади ликовите на Маџунков; та тие и самата смрт не ја „фермаат“, и кон сè се однесуваат како веќе да го поминале, одживеале, проживеале: нив ништо не ги плаши освен самиот страв. Преку неа, се искажува цел еден светоглед кој не ѝ припаѓа само на сцената, туку на светот. Затоа тие ликови, а ние препознаени во нив, без никаков проблем можеме да ја доживееме и да ја препознаеме својата смрт како нов живот. Чудо големо: ако не сме ние, ќе бидеме некои други…

Затоа, одговорот на прашањето „Постои ли живот надвор од сцената?“ не може да биде еднозначен. Драмските ликови, животот надвор од сцената си го обезбедуваат макар со своето присуство во книгата. Тие повторно оживуваат со секое повторно препрочитување или поставување како игра, како ролја. Драмскиот лик го обединува во себе и глумецот и гледачот, во класична смисла. Со тоа веќе тој има двоен живот. Кога луѓето и народите излегуваат надвор од сцената, тоа го прават засекогаш, и нивното враќање на сцената, секогаш ќе биде прифаќано, како враќање од мртвите, а живи мртовци никој не сака да гледа. Надвор од сцената, стравот од животот е поголем дури и од стравот од смртта.

Крај

Трајче Бјадов

Маја Љутков актерка

 

Во прво лице

Театарот – Моја ментална хигиена!

1. ЗА СЕБЕ само суперлативи

2 . ЗА ЉУБОВТА:не можам без Љ.

3. ЗА ЖИВОТОТ:кога се занимаваме со својот живот е добро

4. ЗА ТЕАТАРОТ:моја ментална хигиена

5. ЗА ДОБРОТО….со добро се враќа

6. ЗА ЗЛОТО….за жал, се поприсутно,ама не му покажувам слабост

7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ…не познавам такви – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Моето ОДБРАНО семејство

8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ … ич не ме бива

9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА…ја сакам….волшебна е!

10. ЗА КОЛЕГИТЕ со љубов и почит

11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ..ако ги фатааааам…

12 . ЗА ИДЕЈАТА….секој со својата

13. ЗА СОНОТ….сонот ме одржува будна…..

14. ЗА ЈАВЕТО….предизвик кој треба да се издржи

15. ЗА ВИНОТО ….бело,розе,црвено….ох колку го сакам

16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО….мое се

17. ЗА КРАЈ….не сакам крај….нема крај…..има нешто друго….нешто ново…почеток

Нова книга „Улица Диши длабоко“ – Игор Џамазов

 

Bи ја најавуваме промоцијата на новата книга на Игор Џамазов, „Улица Диши длабоко“. Овој пат големиот Џамбазов ќе го читаме во стихови, надополнети со анегдоти за секоја од неговите песни.

„Улица Диши длабоко“ е збирка од најпознатите песни напишани или изведени од Игор Џамбазов. Покрај незаборавните блуз-стихови, тука се и забавните описи за инспирацијата и процесот на нивното настанување, како и општествените (не)прилики, интимните исповеди и сите негови (не)згоди и пороци.

Промоцијата ќе се одржи во ресторанот „Вип база“ („3-та Македонска бригада“, во склоп на Американ колеџ), во среда, 27.12.2017 г., во 19 часот.

Пиесите “ Волшебен компас “ и на српски јазик

 

Новата книга на Сашо Огненовски  “ Волшебен компас “ е преведена и на српски јазик. Книгата содржи детски пиеси, кои ќе бидат поблиску до малите и големите читатели на српски јазик.

“ Моите детски писеи ги издаде во книга, издавачката куќа “ Алма “ од Белград “ – ни рече Огненовски