TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Тихомир Стојановски

Значењето на еден куп зборови.

На пример: “свесно размислување, обѕир, точност, совесност, верско почитување, побожност, верба, обожување, страв Божји, верски обреди, почитување, служба Божја, светост, заклетва, грев, чесност, непорочност, празноверие, обврска, повреда на заклетва…”

 

Ако го протнеме театарот низ сите тие состојби, толкувања и значења, ќе видиме дека голем дел од нив се вклопуваат во основната дејност и природата на сцената. На пример, не е можен театар без свесно размислување, иако секако во театарот има и дел од несвесното. За мене театарот е повозвишена свест од обичниот живот. Повисока свест за разбирање, толкување и играње на состојбите на сцената. Дарба да се толкуваат нештата и да се соочуваат со своето време и култура. Актерот црпи од доживеаните искуства и чувства. Често тоа е процес од свесното кон несвесното и повторно кон свесното, додека трае процесот на работа, но и процесот на играњето на претставите. Понатаму, толкувањата на зборот религија, како: обѕир, совесност, точност секако му прилега на театарот и на законитостите на сцената. Значењата како: верско почитување, Божја светост, грев, непорочност, празноверие, Божји верски обреди, повреда на заклетва се или теми кои се играат на сцената или ја одредуваат нејзината вистинска суштина, а зборовите оние кои ги одредуваат значењата врзани со Бог, со Божји, иако им прилегаат на црквите, храмовите, религиските обреди, сепак тие ја покажуваат основната, прадимензија, коренитата основа на театарот како место за почитување на силата која го создала светот , односно самиот Господ. Како место каде се игра за него, за посветените и за сиот народ како линија од елитноста кон масовноста. Едноставно како СВЕТО МЕСТО.

 

Ако сакаме да ја одредиме врската на театарот со вербата, односно религијата ние мораме да се вратиме назад на самиот почеток на самото родение на театарот како општествена нужност. На почетоците на духовен живот на тлото на Македонија. Од македонската почва секојдневно излегуваат артефакти, предмети и објекти кои им припаѓале на нашите предци кои сведочат за богат културен и духовен живот. Храмови, светилишта, религиски украсни предмети, фигури и слики на богови и сл. Тие сведочат дека нашите предци имале кого да слават, знаеле како да слават и го правеле славењето, како почетна кота на театарот воопшто. До одреден период, во нашата наука не се поврзуваа културните процеси постари од 6-7 век. Од тезата за доаѓањето на Словените во Македонија. Мислам дека полека доаѓа времето за да се повлече културна линија на македонската култура и културата на македонско тло. За да извлечеме сознанија за нас, за стариот и новиот театар, како што запишал Г. Крег во

 

својата книга. За таа патека. За потрагата по себеси. Но, спомнавме дека тоа ќе биде цел во четвртата глава на оваа книга.

 

Ете, ако тргнеме од неолитските наоѓалишта кои отворија нова страница во македонската неолитска култура, ако тргнеме од мегалитската опсерваторија Кокино, кое е откровение на култот кон сонцето или од Големата Божица Мајка од Говрлево и Тумба Маџари, или од Адам од Говрлево, како единствена машка фигура торзо од тој период 7000-5000 г. п.н.е. кога владеел матријархатот. Ако со сите тие археолошки наоди се обидеме да ја споделиме приказната за славењето и Боженственост како духовен континуитет за игра, почит, обред, пеење, дарување, хор и оро и обредни стихови. Ако ја споредиме со единственото етаблирано толкување за театарот како место за гледање ние можеме да замислиме дека Големата Мајка, Адам од Говрлево, малите претстави на Божицата за кадење кадилници покажуваат форми, содржини на тој култ, почит, обред, почетна кота на настанувањето и врската на верата и театарот. Секако и малите лепчиња направени од глина кои се дарувани на олтарите на Божицата нé водат до култот кон леб и вино кој носи корен од дамнини, а е присутен и денес.