Во четврток 23 премиера- НТ “ Антон Панов “ Струмица
текст Борис Јанков
режија Бранко Ставрев
За претставата рече
Во „Царот Владислав“ Борис Јанков не ги измислува личностите и настаните, туку ги наоѓа во средновековната историја, и од нив создава сопствена уметничка слика и поглед на свет.
Ползувајќи ги искуствата на античката и на елизабетинската крвава драматургијa, тој се обидува на современата македонска драма да и’ додаде релевантни значења од кои може да се гради актуелен театар. Неговите трауматизирани и монструозни херои се затекнати во жестока борба за власт, без бирање средства кои ја оправдуваат нивната мрачна цел.
Во процесот на преточување на стихуваната драма во претстава, направена е адаптација со изземање на одреден број лица, со што е постигнато згуснување на драмското дејство, пред се со закрепнување на ликовите кои се базични носители на дејството.
Нашата патувачка театарска трупа мноштвото амбиенти ги заменува со празен сценски простор за да го потсили индивидуалниот и колективниот (хорски) актерски израз и динамичниот тек на играта.
Некој, некаде, некогаш беше изјавил дека историјата се повторува како фарса. „Царот Владислав“ е повод уметнички да истражиме дали таа фамозна сентенца е жива вистина или мртва лага.
Се’ започна од мислата за претстава врз урнатините на Цареви кули над Струмица за да заврши во Самоиловата тврдина во Охрид и во античките театри, во Хераклеја, Стоби и Скупи.
Бранко Ставрев