КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
- ПОПОЛНЕТА ПРАЗНИНА
Мал есеј на тема: монодрама, или: кога единствениот актер ќе ја исполни сцената…
Мерката за театарот, според Радомир Путник – авторот на книгата “Антологија на современата монодрама“, е успешната монодрама која е создадена според моделот на човекот во театарот. Актерот на сцената настојува нас, на гледачите, да нí соопшти ислучително значајна мисла, која се однесува на сите нас – и поединечно и колективно (заеднички).
Значи, станува збор за двојство, т.е. за релевантна интимна (лична), тегобна или ирониска, но во секој случај обеспокојувачка и вознемирувачка (за да не биде монотона и здодевна) приказна, која истовремено е и општа, сîважечка, универзална и обврзувачка.
Во таа и таква противречност, всушност, лежи основата на монодрамската уметност. Преку микрокосмосот на личното, писателот, односно актерот се отвора, им се предава (препушта) на присутните, кои со ладно око, понекогаш рамнодушно, а најчесто скептично и сомнително ги набљудуваат и проверуваат туѓите преку сопствените мисли и чувства. При таа (не)деливост доаѓа и до споредувањето (компарирањето) на животот, случките и настаните, карактерите, изненадувањата, сензациите, стремежите, копнежите, премислувањата и дилемите, подемите и падовите…
Притоа, задолжително треба да се придобие публиката, зашто целло време на сцената пред присутните стои ЕДЕН наспроти сите други соучесници. Монодрамите, најчесто и не случајно се со отворен крај, па успешноста на монодрамата колку што зависи од подготвеноста и креативноста на актерот за адаптибилност и приспособување на конкретниот миг и театарски чин, кој подразбира и имповизација и комуникација со публиката, уште повеќе, се чини, е битна и претходната анимација и подготвеност на гледачите за конкретниот монодрамски театарски перформанс.