ВО ПРВО ЛИЦЕ
Сценската прашина – зачин, неопходен за магија!
За себе:
За себе не зборувам премногу, човекот е тоа што го прави. Човек може да раскажува, повеќе или помалку искрено што мисли за себе. Но, тоа не е доволно, свеста за себе се гради заедно со околината.
За љубовта:
Прекрасен идеал, кој бара да се случи, но и да биде препознаен. Романтичната љубов е убав занес, додека пак целосната љубов бара посветеност и верба во другите.
За животот:
Еден е, мора да се проживее со живост, не со страв.
За театарот:
За мене е повик, работа, секојдневен мотив, борба и растење. Близок е до животот, тука е да не штрекне, да не освести, да инспирира и да замислува светови кои постоеле, постојат или никогаш не постоеле.
За доброто:
Уште еден идеал во кој верувам. Не е лесно да се биде добар, потребна е свесност и рециклирање на негативните емоции. Доброто треба да се негува, храни и мултиплицира, во спротивно идеалот е загубен.
За злото:
Најчесто е одлика на несреќните луѓе. И на оние кои сеуште не ја осознале моќта на доброто.
За непријателите:
Непријатели не постојат. Постојат само луѓе со кои не се разбираме и најверојатно, не ни треба да се разбереме. Зошто да бидат непријатели?!
А за пријателите:
Пријателите се нашите блиски луѓе, нашата прва потпора, искрена радост, огледала на нашата душа, карактер и љубов. Како и се во животот, се менуваат, но неколку луѓе остануваат пријатели за цел живот, а тие се скапоцени.
За глумата во животот:
Не треба да постои, освен ако не сакаме да се лажеме самите себе. Животот се состои и од многу баналности, не вреди да се глуми на она малку време што ни преостанува во секојдневието.
За сценската прашина:
Моментите на сцената се кројат од безброј мали и големи нешта, но најмногу од искреност, работа и труд. Сценската прашина е зачин кој е неопходен за да се случи потребната магија.
За колегите:
Како и семејството, не се бираат, но се пронаоѓа разбирање, се гради доверба и меѓусебна почит.
За неодиграните улоги:
Ќе се одиграат 🙂
За идејата:
Општо земено, добро е да се „идеира“, не само да се идеализира.
За сонот:
Сонот ми е да се реализирам на јаве, да дадам се од себе, да бидам професионална и да ја добијам заслужена гратификација од тоа што го работам.
За јавето:
Ете, во јавето, си дозволувам да сонувам. Сакам да се занесам понекогаш, да дозволам да ме понесат емоциите, да си отворам што повеќе погледи, и потоа да се вратам во реалноста. Мислам дека постои здрав занeс, кој ни ги полни батериите и не испразнува од негативноста.
За виното:
Со јагнешко го сакам црвено и со морско бело. Сакам десертни вина, како што сакам и десерти. А знаете, благото вино, издава шеќерни вистини.
За семејството:
Вечна благодарност за безрезервната љубов и поддршка дадена низ годините.
За крај:
Длабок поклон.