ТЕАТАРСКИ ОСВРТ

Сос… или не?!… Пикантна возбуда!

Кон “Хамлет во пикантен сос”; режија Александра Карделевска; продукција Театар Комедија; игра инспиративниот ансамбл на овој наш најмлад театар

Дека и Театарот знае да биде пикантен, дури и кога се работи по рецепт, дури и кога се пародизира магот Шекспир, дури и кога Хамлет е дел од рецептурата на Комедијата, дури и кога трагичното предизвикува солзи, но овојпат од смеење, се посведочи во средата навечер на сцената на Драмскиот театар, алијас Театар Комедија…

Рецептот на Алдо Николај, лажица по лажица, полека, но сигурно, го проучи и ни го сервираше Александра Кардалевска, а во нејзината манџа главен церемонијал-мајстор е готвачот Фроги, алијас Крсте Јовановски, кој речиси беспрекорно го води дејствието и збрката, алудирајќи дека дури и смртта на големците е во рацете на манџа-мајсторот, во зависност од тоа како ќе се сервира… Во тоа му помагаат неговата ќерка Инге – Кристина Ласовска, која пак глупоста и наивноста ги “вози” беспрекорно, со што го зачинува сосот… во кој Хамлет низ разни асоцијации ќе не однесе до она за што во творечка смисла сите сме сведоци – се може да се размрда до распаднување, па дури и Шекспировиот (анти)херој… А тој Атанас, алијас Хамлет потсетуваше и наликуваше и на многу други асоцијации, денешни и некои минати (од Дракула до Смртиша преку некои ликови на наши современици…)…Милиот на мајка Гертруда, алијас беспрекорната Јелена Жугиќ (која уште еднаш потврди дека го поседува комичниот нерв и од тој аспект владее со сцената), низ лавиринтот на (не)љубовта, ќе не однесе до прашањето, да се смееме или не?!… на што одговорот е: ДА!

За ова потврда ни се и вплетканите и вмрежените интригантни-сплеткари во сосот-игра и предигра:Тино Костадиновски, алијас Хорацио, што по енергија и дух го следеше Жарко Димоски (Брик), па Зорица Стојановска – Кати, сопругата на Фроги која вербално и фацијално ни изнудуваше навистина весела емоција, спанкото Грутер или Ердоан Максут, кој својата епизода ја “обремени” со печат, идиотски изгубениот, одлично насликан и одигран Лаерт на Роберт Ристов, лудата Офелија, што со минимални но доволно прецизни, точни, средства ни ја пружи Тања Мицков, “сериозната” епизода на Кралот со Илија Илиоски, чиј беше и “нежниот” трансвестит…

Но и инвенцијата на Кардалевска и интересно – специфичните и со труд изградени ролји, не би биле она што се, без живописните и функционални костими на Маја Димовска и прецизно срочената сценографија на Стефан Спировски, зачинети со музиката, како назнака, на Оливер Јосифовски… Се на се, сосот во кој се најде Хамлет заедно со нас сведоците на петтата премиера на Театар Комедија, барем според првичните импресии ветува долга низа изведби.

Борче ГРОЗДАНОВ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *