TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Тихомир Стојановски

Значењето на еден куп зборови.

На пример: “свесно размислување, обѕир, точност, совесност, верско почитување, побожност, верба, обожување, страв Божји, верски обреди, почитување, служба Божја, светост, заклетва, грев, чесност, непорочност, празноверие, обврска, повреда на заклетва…”

 

Ако го протнеме театарот низ сите тие состојби, толкувања и значења, ќе видиме дека голем дел од нив се вклопуваат во основната дејност и природата на сцената. На пример, не е можен театар без свесно размислување, иако секако во театарот има и дел од несвесното. За мене театарот е повозвишена свест од обичниот живот. Повисока свест за разбирање, толкување и играње на состојбите на сцената. Дарба да се толкуваат нештата и да се соочуваат со своето време и култура. Актерот црпи од доживеаните искуства и чувства. Често тоа е процес од свесното кон несвесното и повторно кон свесното, додека трае процесот на работа, но и процесот на играњето на претставите. Понатаму, толкувањата на зборот религија, како: обѕир, совесност, точност секако му прилега на театарот и на законитостите на сцената. Значењата како: верско почитување, Божја светост, грев, непорочност, празноверие, Божји верски обреди, повреда на заклетва се или теми кои се играат на сцената или ја одредуваат нејзината вистинска суштина, а зборовите оние кои ги одредуваат значењата врзани со Бог, со Божји, иако им прилегаат на црквите, храмовите, религиските обреди, сепак тие ја покажуваат основната, прадимензија, коренитата основа на театарот како место за почитување на силата која го создала светот , односно самиот Господ. Како место каде се игра за него, за посветените и за сиот народ како линија од елитноста кон масовноста. Едноставно како СВЕТО МЕСТО.

 

Ако сакаме да ја одредиме врската на театарот со вербата, односно религијата ние мораме да се вратиме назад на самиот почеток на самото родение на театарот како општествена нужност. На почетоците на духовен живот на тлото на Македонија. Од македонската почва секојдневно излегуваат артефакти, предмети и објекти кои им припаѓале на нашите предци кои сведочат за богат културен и духовен живот. Храмови, светилишта, религиски украсни предмети, фигури и слики на богови и сл. Тие сведочат дека нашите предци имале кого да слават, знаеле како да слават и го правеле славењето, како почетна кота на театарот воопшто. До одреден период, во нашата наука не се поврзуваа културните процеси постари од 6-7 век. Од тезата за доаѓањето на Словените во Македонија. Мислам дека полека доаѓа времето за да се повлече културна линија на македонската култура и културата на македонско тло. За да извлечеме сознанија за нас, за стариот и новиот театар, како што запишал Г. Крег во

 

својата книга. За таа патека. За потрагата по себеси. Но, спомнавме дека тоа ќе биде цел во четвртата глава на оваа книга.

 

Ете, ако тргнеме од неолитските наоѓалишта кои отворија нова страница во македонската неолитска култура, ако тргнеме од мегалитската опсерваторија Кокино, кое е откровение на култот кон сонцето или од Големата Божица Мајка од Говрлево и Тумба Маџари, или од Адам од Говрлево, како единствена машка фигура торзо од тој период 7000-5000 г. п.н.е. кога владеел матријархатот. Ако со сите тие археолошки наоди се обидеме да ја споделиме приказната за славењето и Боженственост како духовен континуитет за игра, почит, обред, пеење, дарување, хор и оро и обредни стихови. Ако ја споредиме со единственото етаблирано толкување за театарот како место за гледање ние можеме да замислиме дека Големата Мајка, Адам од Говрлево, малите претстави на Божицата за кадење кадилници покажуваат форми, содржини на тој култ, почит, обред, почетна кота на настанувањето и врската на верата и театарот. Секако и малите лепчиња направени од глина кои се дарувани на олтарите на Божицата нé водат до култот кон леб и вино кој носи корен од дамнини, а е присутен и денес.

 “ Снежната кралица “  Ханс К.Андерсен

 

Премиера на 29.11.2017год. 19.00часот ТДМ

Kласична бајка за прв пат објавена во 1844 и оттогаш не престанува да биде инспирација на различни автори кои што различно ја интерпретираат понесени од личниот порив, вдахнувајќи го во неа својот печат, согласно потребите на времето, настаните итн.. Неконвенционалната раскажувачка постапка на Ханс. К. Андерсен, која што е повеќе лирска одошто дидактичка ги претвора неговите сказни во поема на животот без граници. Оттаму и инспирацијата на авторката Билјана Крајчевска, за создавање еден современ препрочит, кој користејќи ги мотивите на сказната како предлошката, раскажува приказна за пријателството кое што не може да се растури, пријателство на кое што му стрепат сите опасности на современото општество почнувајќи од конзумеризмот што ги изместил сите вредности, кои допрва треба да се преоткријат. Режисерката Драгана Милошевски –Попова ја концепира фабулата низ чудесното патување на девојчето Герда. Таа е спремна да направи сѐ за да го пронајде својот пријател којшто е заробен во смрзнатото срце на Снежната кралица, покажувајќи ни ја моќта на вистинското пријателство. Ова е претстава за љубовта и растењето испишани од перото на едно дете. Во претставата се натпреваруваат две доминантни сили. Снежната кралица со своите невидливи сили, лукавоста и злото на која ја тера осаменоста, е претставник на ладниот разум и не може да сфати дека постојат наспроти неа такви кои што се спремни да се откажат од сопствениот интерес и да се жртвуваат заради љубовта и пријателството.

Никола ПРОЈЧЕВСКИ актер

 

Во прво лице

Животот, за жал, го диктира општеството!

 

За себе:

Јас сум човек кој не може да остане во едно место повеќе од десет минути.Уживам во храната. Перфекционист и хипохондрик! Не поднесувам луѓе само со пуста желба за театар, а нималку талент!  Јас сум човек кој не престанува со зборување. Непријател ми е оној кој ми ја одзема слободата и ми го наметнува своето размислување како единствено релевантно! Не сум роб на традицијата, но ме прави да се чувствувам поразличен а со тоа и посебен! Само народи со огромна почит кон традицијата имаат силни татковини……

За љубовта:

Дефинитивно не сум романтичар ниту пак верувам во љубов на прв поглед! Не мислам дека се умира за и од љубов! Сепак тоа им го препишувам на категоријата луѓе со некакви дијагнози! Сум ја доживеал неколку пати и секогаш си викам “далеку од очите , далеку од срцето” визуелното е најпресудно, иако се разбира духовното има огромен удел.

За животот:

За жал го диктира општеството!

А општеството луѓето.

А пак луѓето околу нас го моделираат секојдневието! Уживам тука каде што сум и таков каков сум! Да, веќе сум во возраст кога сфаќам колку е краток!

 

За театарот:

Тој треба да пробудува, да разбудува, да предупредува, да ошамарува, да забавува, сите сетила да ги подбуцнува, да подучува, да образува, да не досадува, да раскажува, да не се злоупотребува, да го прават вистински лица, на вистинско место во вистинско време, да се прави до крај, да не е безидеен…….

За доброто: за злото

Секој од нас е типичен претставник  на  едното или другото! Ако се разбираме!?

За не/пријателите:

Некогаш за нив правиш најубави нешта но заради  нив многу често можеш да си направиш ужасни нешта! Секако, мислам на пријателите, не на секој познаник. Во суштина јас не очекувам ништо посебно од своите пријатели затоа и не се разочарувам нешто посебно.

За глумата во животот:

Па зарем малку ни е на сцена?

Добро искрено времево во кое живееме не принудува и на малку глума !

 

За сценската прашина:

Патината и мирисот кој го има театарот се во ред! Будат емоции уште при првиот контакт! Но јас сепак сум за театри без прашина! Но и еве, искрено, алергичен сум! 🙂

За колегите:

Чудно, но после само две недели на одмор ми недостигаат! А како да не, кога тие се оние со кои поминуваш по 200 дена од годината! Само колеги кои што се во добри односи и приватно, се гарант за успешна претстава!

За неодиграните улоги:

Искрено? Ги немам!

Ниту патам ниту ќе патам по улоги, текстови… Театарот е момент , сега и овде….со судбините и енергиите на луѓето со кои создаваш во моментот….

За идеата:

Без идеа сме ништо….нема театар…идеата често пати е пет пари….обично омалужуваат нечии идеи -луѓето кои и воопшто  немаат. Плашејки се и свесни за својот неталент плукаат по сечија идеа наметнувајки ја најневредната како единствена релевантна/вредна  зашто само таму би се чуствувале способни …

За сонот:

Пред десетина години сонував за холивуд….

Ама сега започнувам да си го создавам….тој си е мој холивуд посебен,специфичен..не престанав да сонувам ама научив да се будам кога ќе сфатам дека сонот нигде не води

За јавето:

Моето јаве е во Битола, во народниот театар! И без нималку скромност ќе речам “школа” за остатокот од малата ни земја! Ниту маштам ниту сонувам! Јаве е, дојдете уверете се! Јавето е оти тука, во истата таа мала земја сме легнале на брашното и дури ни несе кокошката, ќе мечтаеме за повеќе и подобро, несвесни колку и што се имаме!

За виното:

Коктелите  после премиерите завршуваат залеани со литри и литри вино! Па моменти за паметење за критикување и т н… Јас сум повеќе по белото ;-), црвеното ме кодоши на жена ми, остава траги на устата!

За семејството

Ми дава сила. Утеха е после неуспех, мотив за понатаму и за повеќе! Причина заради која започнувам одново и одново… Семејството ми дава смисла.

За крај

!!!

Катерина Аневска  – актерка

 

Во прво лице

ТЕАТЕРОТ-МАГИЈА, ОВДЕ И СЕГА!

  1. ЗА СЕБЕ: J.S.Bach- Сhaconne,Partita N. 2BWV 1004

2 . ЗА ЉУБОВТА: Слобода..Суштина..

  1. ЗА ЖИВОТОТ: Привремено присуство..
  2. ЗА ТЕАТАРОТ: Магија, ОВДЕ и СЕГА
  3. ЗА ДОБРОТО – БОГ.
  4. ЗА ЗЛОТО Нека го има СЕ помалку..
  5. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ – НЕПРИЈАТЕЛИ?!..хмм..тежок збор некако..

 – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? МОИ :)

  1. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ Смешно, накај апсурд..
  2. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА Ако е како метафора-ДА! Не сум алергична!! J
  3. ЗА КОЛЕГИТЕ Соучесници во живеењето и градењето на еден преубав сон наречен- ТЕАТАР.
  4. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ Нови предизвици.Ги чекам со раширени раце и срце!!

12 . ЗА ИДЕЈАТА Иницијална каписла. Неуништлива.Смела.

  1. ЗА СОНОТ Фројд кажал многу.. J
  2. ЗА ЈАВЕТО Нека биде за СИТЕ сончево!
  3. ЗА ВИНОТО Бело, Мускатно!
  4. ЗА СЕМЕЈСТВОТО Дом,Топлина, Поддршка..
  5. ЗА КРАЈ Што и да правиш, прави го страсно и безкомпромисно.. Никогаш не се откажувај од внатршниот глас!! Благодарам. J J J

“Царот Владислав”

Во четврток 23 премиера- НТ “ Антон Панов “  Струмица

текст Борис Јанков

режија Бранко Ставрев

За претставата рече

Во „Царот Владислав“ Борис Јанков не ги измислува личностите и настаните, туку ги наоѓа во средновековната историја, и од нив создава сопствена уметничка слика и поглед на свет.

Ползувајќи ги искуствата на античката и на елизабетинската крвава драматургијa, тој се обидува на современата македонска драма  да и’ додаде релевантни значења од кои може да се гради актуелен театар. Неговите трауматизирани и монструозни херои се затекнати во жестока борба за власт, без бирање средства кои ја оправдуваат нивната мрачна цел.

Во процесот на преточување на стихуваната драма во претстава, направена е адаптација со изземање на одреден број лица, со што е постигнато згуснување на драмското дејство, пред се со закрепнување на ликовите кои се базични носители на дејството.

Нашата патувачка театарска трупа мноштвото амбиенти ги заменува со празен сценски простор за да го потсили индивидуалниот и колективниот (хорски) актерски израз и динамичниот тек на играта.

Некој, некаде, некогаш беше изјавил дека историјата се повторува како фарса. „Царот Владислав“ е повод уметнички да истражиме дали таа фамозна сентенца е жива вистина или мртва лага.

Се’ започна од мислата за претстава врз урнатините на Цареви кули над Струмица за да заврши во Самоиловата тврдина во Охрид и во античките театри, во Хераклеја, Стоби и Скупи.

Бранко Ставрев

 

МОНОКЛ

д-р Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

  • ПОПОЛНЕТА ПРАЗНИНА

Мал есеј на тема: монодрама, или: кога единствениот актер ќе ја исполни сцената…

Мерката за театарот, според Радомир Путник – авторот на книгата “Антологија на современата монодрама“, е успешната монодрама која е создадена според моделот на човекот во театарот. Актерот на сцената настојува нас, на гледачите, да нí соопшти ислучително значајна мисла, која се однесува на сите нас – и поединечно и колективно (заеднички).

Значи, станува збор за двојство, т.е. за релевантна интимна (лична), тегобна  или ирониска, но во секој случај обеспокојувачка и вознемирувачка (за да не биде монотона и здодевна) приказна, која истовремено е и општа, сîважечка, универзална и обврзувачка.

Во таа и таква противречност, всушност, лежи основата на монодрамската уметност. Преку микрокосмосот на личното, писателот, односно актерот се отвора, им се предава (препушта)  на присутните, кои со ладно око, понекогаш рамнодушно, а најчесто скептично и сомнително ги набљудуваат и проверуваат туѓите преку сопствените мисли и чувства. При таа (не)деливост доаѓа и до споредувањето (компарирањето) на животот, случките и настаните, карактерите, изненадувањата, сензациите, стремежите, копнежите, премислувањата и дилемите, подемите и падовите…

Притоа, задолжително треба да се придобие публиката, зашто целло време на сцената пред присутните стои ЕДЕН наспроти сите други соучесници. Монодрамите, најчесто и не случајно се со отворен крај, па успешноста на монодрамата колку што зависи од подготвеноста и креативноста на актерот за адаптибилност и приспособување на конкретниот миг и театарски чин, кој подразбира и имповизација и комуникација со публиката, уште повеќе, се чини, е битна и претходната анимација и подготвеност на гледачите за конкретниот монодрамски театарски перформанс.

“Кец на десетка”

Ноа претстава на МНТ

КЕЦ НА ДЕСЕТКА
(насловна тема од истоимената претстава на “МНТ”)

Исполнуваат: Тања Кочовска, Драган Спасов Дац, Нина Деан, Александар Микиќ, Ивица Димитриевиќ

Музика: Yazoo – Only You / Yazoo cover
Текст, адаптација, аранжман : Александар Митевски
Продуценти: Александар Митевски / Бобан Василески
Гитари : Бобан Василески
Армоника : Војче Петрушев
Кларинет : Зоран Крагуевски

Фото – Видео : Драган Гајиќ
Монтажа : Бобан Стоименовски

PIKADO creative collective
Македонски Народен Театар Скопје

Заврши првиот театарски фестивал во Гостивар

 

Театарската претстава „Вечера од трошки” во изведба на Албанскиот театар од Скопје ја доби првата награда.

Со прогласување на најуспешните синоќа во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар беше затворено првото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Отело“.

Стручното жири во состав Музафер Етеми, Сулејман Рушити и Исмет Рамадани ги прогласи и најуспешниот режисер, актер и актерка. За најдобар актер беше прогласен Ромир Зала од Албанија.

a најдобра актерка е Амернис Нокшиќи-Јованоска. Наградата за најдобра режија му припадна на Фатос Бериша од Косово.

Директорот на фестивалот Арѓенд Хасани оцени дека големата посетеност на сите пет вечери покажала дека Гостивар има извонредна публика и оти потребата од основање на професионален театар во Гостивар станува императив.

Организаторите најавија дека фестивалот ќе стане традиционален, а очекуваат и поддршка од локалната самоуправа.

Фестивалот траеше од 9 до 13 ноември, а публиката имаше можност да ги проследи претставите „Тема со тебе“ на театарот Александар Мојсиу од Драч, „Психоза 4:48” на театарот „Адриана Абдулаху“ од Урошевац, „Вечера од трошки” на Албанскиот театар од Скопје, „Парчиња” на театарот Артполис од Приштина и „Лекција” на Кумановскиот театар.

Фестивалот го организираше Здружението за култура „Фишта“ од Гостивар со финансиска поддршка на Министерството за култура, општина Гостивар и неколку компании од градот.

Ева Скендеровска – актерка

 

ВО ПРВО ЛИЦЕ

Сценската прашина – зачин, неопходен за магија!

За себе:

За себе не зборувам премногу, човекот е тоа што го прави. Човек може да раскажува, повеќе или помалку искрено што мисли за себе. Но, тоа не е доволно, свеста за себе се гради заедно со околината.

За љубовта:

Прекрасен идеал, кој бара да се случи, но и да биде препознаен. Романтичната љубов е убав занес, додека пак целосната љубов бара посветеност и верба во другите.

За животот:

Еден е, мора да се проживее со живост, не со страв.

За театарот:

За мене е повик, работа, секојдневен мотив, борба и растење. Близок е до животот, тука е да не штрекне, да не освести, да инспирира и да замислува светови кои постоеле, постојат или никогаш не постоеле.

За доброто:

Уште еден идеал во кој верувам. Не е лесно да се биде добар, потребна е свесност и рециклирање на негативните емоции. Доброто треба да се негува, храни и мултиплицира, во спротивно идеалот е загубен.

За злото:

Најчесто е одлика на несреќните луѓе. И на оние кои сеуште не ја осознале моќта на доброто.

За непријателите:

Непријатели не постојат. Постојат само луѓе со кои не се разбираме и најверојатно, не ни треба да се разбереме. Зошто да бидат непријатели?!

А за пријателите:

Пријателите се нашите блиски луѓе, нашата прва потпора, искрена радост, огледала на нашата душа, карактер и љубов. Како и се во животот, се менуваат, но неколку луѓе остануваат пријатели за цел живот, а тие се скапоцени.

За глумата во животот:

Не треба да постои, освен ако не сакаме да се лажеме самите себе. Животот се состои и од многу баналности, не вреди да се глуми на она малку време што ни преостанува во секојдневието.

За сценската прашина:

Моментите на сцената се кројат од безброј мали и големи нешта, но најмногу од искреност, работа и труд. Сценската прашина е зачин кој е неопходен за да се случи потребната магија.

За колегите:

Како и семејството, не се бираат, но се пронаоѓа разбирање, се гради доверба и меѓусебна почит.

За неодиграните улоги:

Ќе се одиграат 🙂

За идејата:

Општо земено, добро е да се „идеира“, не само да се идеализира.

За сонот:

Сонот ми е да се реализирам на јаве, да дадам се од себе, да бидам професионална и да ја добијам заслужена гратификација од тоа што го работам.

За јавето:

Ете, во јавето, си дозволувам да сонувам. Сакам да се занесам понекогаш, да дозволам да ме понесат емоциите, да си отворам што повеќе погледи, и потоа да се вратам во реалноста. Мислам дека постои здрав занeс, кој ни ги полни батериите и не испразнува од негативноста.

За виното:

Со јагнешко го сакам црвено и со морско бело. Сакам десертни вина, како што сакам и десерти. А знаете, благото вино, издава шеќерни вистини.

За семејството:

Вечна благодарност за безрезервната љубов и поддршка дадена низ годините.

За крај:

Длабок поклон.