Срѓан Јаниќијевиќ – режисер

 

Во прво лице

ЖИВОТОТ МОРА ДА Е СЛОБОДЕН…

ЗА СЕБE

Секогаш може подобро. Подобар во работата. Подобар кон луѓето. Да се обидеш да го направиш подобро општеството. Да изнаоѓаш нови начини и форми да се подобриш себе и околината. Ако не се трудиш да бидеш подобар, која е поентата?

 ЗА ЉУБОВТА:

Дрога. Навлекува и не можеш да живееш без неа. Не знам ни колку е здрава.

ЗА ЖИВОТОТ:

Каков е, или каков сакам да биде? Знае да биде досаден, рутински, неинвентивен, затворен во чаурата на ирационални стравови кои станале веќе систем, со кој мора да се бориш. Се борам да биде слободен. Животот мора да е слободен и исполнет со убави работи.

ЗА ТЕАТАРОТ:

Храм на моралот од грчката античка трагедија (па и комедија) до денес. Храм во кој се преиспитува етичкиот проблем на Едип, Медеа, Хамлет, ликовите на Брехт, состојбата на духот кај Бекет итн. тоа е храм кој е супериорен и во однос на науката и философијата, а да не зборувам за религиозните догми, кои, ако се огледаат во него, изгледаат наивно и смешно.

ЗА ДОБРОТО

Слобода. Тоа е врвот на доброто. Слобода која не поробува туѓа слобода. Тоа е добро.

ЗА ЗЛОТО

Обратно од горе наведеното. Било која форма на ропство и пресија.

ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ

Немам однос. Не мислам дека сум имал непријатели. Сигурно постојат луѓе на кои не сум им бил мил. Но не сум почувствувал непријателство.

 – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?

Мора да е двострано. Пријателите мора да знаат дека секогаш ќе бидам тука за нив, кога ќе им требам. Но, истото го очекувам и од нив. Ако некогаш не било двострано сум укажал на тоа. Ако и покрај тоа не се сменило ништо, тогаш едноставно се оддалечувам.

ЗА ВО ЖИВОТОТ

Не го разбирам баш прашањево. Можеби е до мене.

ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА

Бев алергичен на неа едно време. Се исфрлав. Добро е да се подзачисти од време на време. Дома сакаме прашина, или ја чистиме?

ЗА КОЛЕГИТЕ

Имам многу колеги, главно уметници. Но она што ме ужаснува кај некои од нив, е што како уметници имаат потреба од авторитет. Тоа за мене е ужас. Уметник и авторитет. Сува вода. Светло тегет.

ЗА НЕНАПРАВЕНИТЕ ПРЕТСТАВИ

Имаше една таква. И се разболев од некои сипаници што се прележуваат кога си дете. Тогаш сфатив дека не сум ја поставил, зошто прележував детски болести.

 ЗА ИДЕАТА

Идеата е мотор на чувството. Какво и да е, идеата е артикулација и мотор за она што те боли или возбудува. После таа преминува во нешто друго, но тоа не е прашањето.

ЗА СОНОТ

Не го мистифицирам. Тоа е психолошка состојба на оној што сонува. Во него има многу тајни и трауми, кои не сакаме да си ги признаеме, но тоа е најстрашното нешто, зошто е многу важно да се видиме себе си самите, соголени во својата вистина. Ако ова не го правиме тогаш или стагнираме или назадуваме. Мора секогаш да се преиспитуваме до кај сме. Сонот е добар лакмус за тоа.

ЗА ЈАВЕТО

Да го исполнуваш со убави работи колку што можеш околу себе и со тоа да и пркосиш на грдата реалност која сака да вкалупи, “стави во колосек” и да ти ја одземе слободата, претворајќи те во послушна единка.

 ЗА ВИНОТО

Едно време го сакав. Сега ми прави некоја непријатност. Ме вознемирува.

ЗА СЕМЕЈСТВОТО

Кога и да погледнам, убаво е. Нестварно. Како на филм.

ЗА КРАЈ

Продолжува 🙂

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *