ПРЕКРАСНО ТЕАТАРСКО ДОЖИВУВАЊЕ ВО ПРЕДВОРЈЕТО НА СВ. СОФИЈА

Руските врски – опасно добри!

Приказната за љубовта како вечна тема на борба помеѓу половите пропратена со разочарување, болка, изневера и себеуништување, ни ја доловија плејадата извонредни руски актери од Вера Комисаржевскаја со суптилната режисерска палка на нашиот Дејан Пројковски, нудејќи ни уште едно фантастично театарско искуство на 55. Охридско лето

Приказната за љубовта како вечна тема на борба помеѓу половите но и за доказ на индивидуалните афинитети да знаеш да љубиш, знае да биде понекогаш монотона, без перспективна, жестоко-патетична, со оксиморонски привид дека нешто се случува. Но, ако оваа приказна и дефиниција ја завртите со сета жестокост кон тоа како индивидуалните перформанси стануваат жестоко чудовишни и енергични атрибути на сопственото поимање на љубовта и на тоа што значи да љубиш, тогаш се добива грандиозно дело преку кое ја осознаваме сета “опасност“ на добрата игра со и за Еросот и Танатосот на Душата…

Вакво нешто имавме можност да видиме преку “Опасни врски” на театарот “Вера Комисаржевскаја” од Санкт Петербург, Русија, завчера во предворјето на Св. Софија, во закрилата од светлините на нашиот езерски град Охрид…

Дека големата руска душа и кога пати умее да се спои со било кој дел од светот доказ беше и душевниот призвук и контакт со публиката на мајсторите на актерската игра Евгенија Игумнова како маркизата Де Мертеј и Владимир Крилов како виконт Де Валмонт кои всушност беа предводниците во играта на уште десетмина маестрални руски актери кои ја овоплотиле во прекрасно доживување режијата на нашиот Дејан Пројковски.

Неговата приказна не е лишена од класичното, од извонредно водениот развој на дејствието но и од физичкиот танцов театар кој беше извонредна прислуга на врзивното ткиво помеѓу страста, разочарувањето, болката од изневерата и себе уништувањето.

За тоа оваа уметничка плејада надополнета со македонскиот авторски тим Валентин Светозарев (сцена), Благој Мицевски (костими), и Горан Трајковски (музика) и сценските движења на Елена Прокопева ни понудија доказ дека светот и уметничкиот век ја имаат и Македонија за своја.

Борче ГРОЗДАНОВ