ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРЕСНА ПОСТАНОВКА ВО ДРАМСКИ

За трагичарот Еврипид и сонот на неговите Ифигении…

Сите цивилизациски патишта, па и оние на Еврипид, стасуваат, се вкрстуваат, а некои и, за жал, завршуваат во срцето на светот – Македонија

Сите цивилизациски патишта, па и оние на Еврипид, стасуваат, се вкрстуваат, а некои, за жал, завршуваат… во срцето на светот – Македонија!. Особено ако трагичарот по 2400 години се осмели да ја побара жртвата Ифигенија, за која тој сведочеше со креда на камен… и ја бараше во и околу Македонија. .. ја бараше овде, на овие небиднини, но и во Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Србија и Црна Гора… и сите беа погубени, со устата распеана за јунакот, чедото, милото, смртта, занесени по трагата на јунаштвото, занесени на патот на Гордоста…

За сето тоа ни раскажа, ни прикажа, ни покажа и докажа, режисерот-наратор Владо Цветановски, земајќи ја како тло пиесата на Јордан Плевнеш “Архелаос или Еврипид се враќа на Балканот”, сликајќи претстава која допре до суптилноста, до душата… преку песната, играта и зборот…

А за тоа се да се сотвори “виновни” се седумте Ифигении: Валдета Исмаили, (Албанка), Калина Наумовска (Бугарка), Трајанка Илиева-Таци (Турчинка), Гордана Ендровска (Црногорка), Катерина Аневска (Гркинка), Маја Вељковиќ-Пановска (Србинка) и Билјана Беличанец – Алексиќ (Македонка), кои, секоја за себе, а сепак во Едно, сплотија убава приказна… Тие сите беа чеда на Еврипид – Рубенс Муратовски, кој беше столбот во нарацијата потпрен на трудот на Помошникот историчар – Игор Ангелов, а сите тие заокружени од воведничарот Жарко Димовски…
Сите тие, заедно со костимите на Елена Дончева, сцената на Владо Ѓорески-Рафик, музиката на Константин Плевнеш и звучниот дизајн на Валентин Скендеровски, исплетоа сказна во Драмски, која вреди да се види.

(Б.Г.)