Кон претставата “Мечка“, режија: Димче Николовски Димса, игра инспиративна актерска тројка: Жаклина Петровска, Жарко Димоски и Илија Илиоски
Вечната и за среќа, никогаш непрекината игра на Еросот и Танатосот помеѓу Мажот и Жената е вечна инспирација за светот, па така и за авторите меѓу кои, стамено своето место го зазема и А.П. Чехов кој ја создал #Мечка# за да го потврди дуализмот, кој го движи светот, но и кој го спојува врз (не)принцпите на Љубовта…
Како логично следство на Вечната игра, така и нашите тројца јунаци од театарот Комедија, се #дрзнаа# да ја „повторат“ играта во која и од која нема враќање (освен можеби по некоја отстапка), и за која непрестајно се прераскажува…
Во центарот на нивната, а од неодамна и наша Мечка е принципот на суетата, кој се крши преку страста (не)допирот, погледот, но и збунетоста и кршливоста… Смирнов и Попова и буквално и не само како интермецо танцуваат со и во Еросот, набљудувани од само навидум стариот, изнемоштен слуга Лука. Сите нивни соништа и испреплетени страсти и мечти се само латентно поврзани со парата, односно долгот… Но, сите ние си должиме или должиме некому нешто и ни должи некој нешто, се до моментот кога долгот ќе се претвори во простување и пак и повторно Љубов…
Актерите кои се овоплотија во оваа интересно креативна тројка -Жарко Димоски, алијас Смирнов, Жаклина Петровска или Попова, Илија Илиоски со неговиот Лука, секој за себе, но и заедно, покажаа импресивна психофизичка енергија за да ја прикажат сета своја (не)совршеност и да им ја придадат и предадат на ликовите кои ги носат на сцената…
Инвентивноста и денешнината, а поврзана со претходна експлицитираната енергичност на актерите е на режирот Димче Николовски Димса, кој во час и 15-20 минути овоплоти приказна во која и преку која успеа да не насмее до солзи и подголтнување…
Жаклина царуваше во надменоста и женствената доминантност, а притоа криејќи ја Попова во само навидум латентната кршливост, додека Жарко својата доминантност ја претвори во нежна и до крај дефинирана и несовршена кршливост… Тука настана всушност и актерскиот и драмскиот спој, овоплотен во страст и сексуалност… Ова како посочување дека имавме една комплетна приказна, заокружена со само навидум збунетиот и стар изнемоштен Лука, кој, Илија, со бурлескноста, но и со внатрешниот порив за хумор ја дополни пред се, создавајќи една компактна целина…
Чехов на сцената на театар Комедија прозвучи модерно, денешно и сегашно, иако сместена во мемливите ѕидови од времето на Русија, во која живеел магот Александар Павлович, а сето тоа во пракса створено од Сергеј Светозарев и Милан Несторов преку сценографијата, успешно дополнето со костимите на Марта Дојчиновска и музичката (не само) назнака на Димитар Андоновски.
Кога се ќе се собере и одземе, Мечка е еден супер креативен чин, театарски, драматичен, сотворен во приказна, која неминовно треба да се види!
Борче Грозданов