Наташа Поплавска
ВЕБ страна на претставата https://zojkinstan.wixsite.com/bdp2017
Зошто “Зојкин стан“ и зошто Булгаков и пак кабаре?
Имав процес кој веројатно ќе го помнам цел живот. Не само заради тоа што работев со актери кои ми ја отвораа инспирацијата, туку заради тоа што целиот тим на Београдско Драмско Позориште даваше голем напор за претставата да се реализира онака како сме ја замислиле, ние, авторите.
Пресреќна сум што во ова мое дело соработував со бескрајно талентираната и сестрана актерка и џез пејачка Ана Софреновиќ, која ја толкува улогата на Зоја Денисовна Пелц, потоа исклучителниот Андрија Кузмановиќ, кој ја толкува улогата на Церемонијал мајсторот – Аметистов како и еден од столбовите на театарот, актерот Милан Чучиловиќ, кој ја токлува улогата на грофот Обољанинов. Актерскиот тим сплотува повеќе генерации на актери од самиот театар како Милорад Дамјановиќ, Милица Милша, Јадранка Селец, Саво Радовиќ , Сандра Бугарски како и 10 – ина млади актери кои ги избрав на аудиција. Голема поддршка имав и од менаџерскиот тим на театарот Слободан Чустиќ и Бојана Карајовиќ, кои ми ја дадоа комплетната доверба. Зошто “Зојкин стан“ и зошто Булгаков и зошто пак кабаре? Булгаков како и мојот дедо Вјачеслав Поплавски (Белоградеец) се од Украина, неговите браќа како и дедо ми заедно заминуваат од Украина во Париз, па потоа во Загреб и Белград, само Михаил останува во Русија и твори. Во неговото антологиско дело “ Мајсторот и Маргарита ” нашето семејство го овековечува преку ликот на Максимилијан Андреевич Поплавски. “ Зојкиниот стан ”, пак е текст кој покрај тоа што има реалистична приказна, Булгаков ја крши структурата со внесување на многу музика и се приближува до кабаретската форма.
Впрочем, и самиот тој ја сакал музиката, таа често била негова инспирација за работа, како што е и моја. И двајцата сме родени на 15-ти мај, па веројатно затоа музиката ни е инспирација Но и покрај моето руско потекло, јас прв пат во мојата кариера работам руско дело и тоа токму Булгаковиот “Зојкин стан” и тоа токму во Белград, каде што се родила љубовта помеѓу мојот дедо русин и баба ми, македонка. Токму затоа оваа претстава ја посветив на моето семејство и на сите бивши, сегашни и идни генерации Поплавски. Освен тоа, периодот помеѓу двете големи војни е еден од најпродуктивните уметнички периоди на 20-тиот век , почнувајќи од музика, преку сликарство, литература, танцот…Оосбено се привлечни на светската уметничка сцена – руските артисти од почетокот на 20-от век, а многу од нив беа протерани, уништени, забранети…
Затоа ме инспирираше паралелата на историјата со моментот во кој живееме. “