Кога актерот ќе ја распостели пред тебе, цела своја, внатрешна и надворешна убавина, нема гледач што би останал рамнодушен.
Ноќва ( на 12.10.2017 година ) тоа му појде од рака, на Мечката Смирнов, алфа мажјак, што цел бес го истура врз женскиот род. Тој род е верен или неверен колку и машкиот. Влезе во приказната убедливо. Маж – Мечка – верен, достоиствен, горд, полн со себе, нежен како жена, танчер, убав и тоа колку… Мечка – страшна, агресивна, валкана, – се во еден момент. И тоа, сценски, пред нас.
Преобразбата која ни ја подари актерот, беше строга и одлучен, со говор за Жените кои се вакви, – такви, поскаувани, а на крај, најслатки! Храбри, како Мечка – Жена! Тој, покрај целата сериозност на ликот, успеа да насмее, што во целата “ трагедија “, е всушност, уметничкиот чин.
Во овој случај, Актерот, ни ја подари сета лепеза од неговиот талент… Нам, тебе, гледачу!
Добро, умерено, но со силна емоција, до последната капка пот. Низ актерска игра да те земе и да те замолкне, за миг. Да те вивне до врвот на својот монолог, тивко да шепотиш… Ретко се доживува, гледачот во шепот, да зборува сам со себе Гласно, да викне:- Браво!
Вдовицата Попова слична на Мечката, достоиствена, одлучна, храбра, верна, воинствена, со еден збор, Госпоѓа. Вдовица, која криејќи се од мажите, во својата соба се пудреше, за да биде забележана! Ни оддаде лик, кој потсетува на многуте денешни “ вдовици “ ! Во “ црнина “, атрактивна, привлечна, сексипилна вдовица.
Верниот слуга Лука, стар, прашинест, не губеше надеж дека ќе ја дочека свадбата на својата Гопоѓа, носеше музика, бидермаер, латици на роза. Се само да ја усреќи неговата Госпоѓа, да и биде добро, ама навистина добро! Сето тоа го правеше со знаење, извонредно!
Овие ликови публиката ја разгалуваа, за цело време, а со своите “испспади“ и ја скокоткаше!
Строгите и одлучни линии на костимите, имаа посебен ефект во целата претстава. Делуваа стегнато, а сепак комотни. Сето беше испратено со музика својствена за трите дела од животот, својствен на трите лика. Просторот е искористен целосно, ни повеќе ни помалку.
Благодарност и до режисерот што ни донесе една убава, “лесна “ претстава. Тој актерите ги исецкал како со скалпел. Нам, на обичните гледачи ни ја понуди нивната едноставност, во што е големината. Бевме и ние во кутијата, со можност да ги видиме да ги допреме, да бидеме со нив!
Катерина Грозданова