Жарко Лаушевиќ

 

Гостин на Второто издание на интернационалниот фестивал на дебитантски филм КИНЕНОВА

Театарот е лабораторија за играта, а филмот е избор на дубал од режисерот

Со овој град ме врзуваат многу убави спомени. Спомени од некои драги луѓе, дали биле актери или режисери, вели Жарко Лаушевиќ, големата екс ју филмска и театарска ѕвезда, по повод неговото доаѓање во Скопје. Тој деновиве го посети нашиот главен град, по 18 години и со своето присуство му даде подршка на Второто издание на интернационалниот фестивал на дебитански филм „Киненова“ (06-11.10. 2017). А фестивалот, во рамките на отворањето му врачи Специјална награда за особен придонес во филмската уметност. Лаушевиќ ја искоментира наградата со доза на шега, но искрено:

– Навистина мислам дека е голема чест. Тоа некако го доживувам како…Некој рече, награда за животно дело, кога се даваат вакви награди. Јас веднаш побрзав кај лекарот, да видам дали некој открил нешто. Реков, јас да се прегледам пред тоа заминување. Добар сум. Така што не ја доживувам така. Ја доживувам како голема награда , но не како за животно дело. И навистина многу ми импонира. Ми импонира што сум во Скопје пред се, зашто со овој град ме врзуваат многу убави спомени. Спомени од некои драги луѓе , дали биле актери или режисери. Но, како и да е , тоа секогаш било убаво дружење и многу интересна професионална соработка, вели Лаушевиќ.

Жарко Лаушевиќ (57), беше една од најблескавите фигури во 80 и 90- тите години на 20 век, во подмладеното југословенско глумиште. Тој до 1993 година оствари 50- ина филмски и телевизиски улоги за кои ги освои највисоките награди на Пулскиот и на филмскиот фестивал во Ниш. Во улогите го вгради својот талент, маркантност и истрајност. Беше и магнет за понежниот пол, што ја дополнува сликата за него како шармер и заводник. Дури сними и филм 1986година, со наслов „ Шмекер“, во режија на Зоран Амар, а со музика од Влатко Стефановски. Сепак , широка популарност му донесе ликот на Шиљо во тв серијата „ Сивиот дом“, улогите во филмовите „ Офицерот со роза“, „ Подобро од бегство“, „ Браќа по мајка “, „ Оригинал на фалсификатот“, „ Кажи зошто ме остави“, „ Бој на Косово“… Неговите искуства од театарските штици во Белград, се блескави. Меѓу нив се

соработките со режисерот Слободан Унковски во Југословенско драмско позориште, на претставите „ Хрватски Фауст“ и „ Театарски илузии“. Но, има и едно горчливо искуство, кое според него, е вовед во распадот на поранешната заедница. Во 1990 година , Лаушевиќ нема да успее, иако ќе се обиде, да ја смири разбеснетата мешана црквено -десничарска толпа, упадната во неговиот матичен театар ЈДП, која ја спречи изведбата на претставата „ Свети Сава“ , по текст на Синиша Ковачевиќ, во режија на Владимир Милчин, а во продукција на театарот од Зеница. За улогата на Растко Немањиќ/ Свети Сава, Лаушевиќ беше овенчан со Стериина награда .Тој е добитник и на наградата Град –Театар, за улогата во претставата „ Кањош Мацедоновиќ“, што ја доделува фестивалот во Будва. За својот минат труд вели дека подраги му се театарските од филмските улоги, зашто првите може да се надградуваат.

– Јас никогаш не сум го сакал премногу тоа што го работев . Затоа што секогаш пронаоѓав недостатоци во тоа. Во театарот е поинаку. Нешто ќе направам денеска , па аха, утре тоа ќе го смениме. Утре ќе најдеме подобра нијанса. Театарот е работилница каде тоа се длаби и се тежи кон подобро, со секоја реприза, со секое повторување. А , за филмот знаеме, за жал ја има таа трагедија да забележи една работа . Аха, режисерот вели дека ќе го избере тој дубал и тоа е готово. Тоа е за сите времиња. Тоа е можеби предност , во техничка смисла, во оперативна. Аха, ја завршивме работата, одиме понатаму, но нема поправки, објаснува актерот.

Неговата одважност во одбрана на сопствениот интегритет и професија беа препознаени како бунтовништво во животот, но и во улогите што ги толкуваше, креирajќи најразлични карактери во судир со средината. Лаушевиќ вели дека тоа се поклопило.

– Не знам. Тоа е некоја моја желба за професионалност на сцената, која некој ја толкуваше како бунтовништво . А јас, особено во белградските театри, кога запирав претстави или нешто такво, секогаш инсистирав на тоа почитување на професијата. И тоа секогаш беше како револт кон непочитувањето на професијата. Дали поради системот или поради менаџментот на театарот, или поради нешто друго. Но, тоа беше само

таа борба , тој бунт. Е сега, што се случи тоа некој да го препознае во мојот карактер , па имав среќа или несреќа да добивам такви улоги , не знам. Тоа е веќе прашање за некои режисери кои така ме виделе, вели тој.

Човекот кој убил никогаш не може да биде слободен, ја отвори душата Жарко Лаушевиќ, во книгата “ Годината Помина. Денот никогаш“. Оваа и следната „ Втора книга-дневник на една робија“, тој ги изнедри од водените дневници во затворите во Спуж и Пожаревац, по извршеното двојно убиство во самоодбрана 1993 година во Подгорица, за кое одлежа затворска казна од 4 години и 7 месеци. За книгите вели дека во нив ги изразил емоциите по трагичниот настан.

– Таму јас споменувам, дека човекот кој убил никогаш не може да биде слободен. И тоа е веројатно нешто што ќе ми го обележи животот и што ќе остане така. А зошто пишував ? Не знам, можно е од причина, од неможност за било каков друг израз, да се занимавам со тоа што го работев до 1993 година. Некако се обидував, нешто што чувствувам , да го правам, сликајќи, пишувајќи. Да излезат некои емоции, вели Жарко Лаушевиќ.

Повторната пресуда во 2001, на 13 години затвор од црногорскиот Врховен суд , актерот ја дочека во САД каде замина 1999 година и следните 10 години беше на потерница на ИНТЕРПОЛ. Случајот заврши со помилување од српскиот претседател Борис Тадиќ, 2011 година и со добивање српски пасош, следната година. Денес Жарко Лаушевиќ живее на релација Њујорк- Белград. Неговата втора сопруга Анита, има македонско потекло. Тој повторно работи интензивно во регионот. На филмското платно се врати 2016, со улогата на бездомникот Момо во филмот на Мирослав Момчиловиќ „ Смрдлива бајка“. Сними уште три серии, меѓу кои „ Сенките над Балканот“, каде го толкува српскиот принц Ѓорѓе Караѓорѓевиќ, а деновиве ја започна и четвртата серија „ Корени “, според делото на Добрица Ќосиќ. Работеше и на дебитантскиот филм „ Вољата на синовите“, на младиот режисер Немања Ќераниќ. На отворањето на „ Киненова“ изрази надеж дека следната година ќе се врати на фестивалот, токму со тој филм.