На 8 октомври во Сараево, на затворањето на фестивалот, беа доделени наградите на 57-то издание на МЕСС, меѓу добитниците на лауреатите е актерката Дарја Ризова, која ја доби наградата „Рејхан Демирџиќ“ за најдобра млада актерка за главната улогата во претставата „Електра“, а во режија на Андриј Жолдак.
Едногласниот став и оценка на жири комисијата, а изнесен од хрватскиот театролог, Дарко Лукиќ, претседател на жирито, е дека: да се реализира една особено сложена улога во рамките на режисерските барања, и начинот на кој тоа е остварено, не увери во нејзината голема зрелост иако е во прашање млада актерка. Актерката имаше многу голема енергија и присутност на сцената, и доста долг период беше постојано присутна пред публиката. Во еден релативно монохроматски режисерски регистер, токму нејзината улога донесе многу суптилност, боја и нијанси, и поради тоа наградата за најдобра млада актерка се доделува на Дарја Ризова.
Во конкуренција за наградите беа веќе докажани продукции од 12 земји: Белгија, Полска, Италија, Аргентина, Босна и Херцеговина, Шпанија, Хрватска, Србија, Франција, Бугарија, Швајцарија и Црна Гора, потпишани од светските лауреати, како: Паоло Маџели, Арпад Шилинг, Давид Еспиноса и Мило Рау. Три членото жири во состав на: Дарко Лукиќ-театролог, Пиетро Валенти – театарски теоретичар и Мигуел Ојарзун – режисер, драмски писател и актер, ги прогласи лауреатите на 57. Интернационалниот театарски фестивал МЕСС.
Беа доделени 4 (четири) награди: Гран – при „Златен ловоров венец“ за најдобра претстава во целина: „Пет лесни парчиња“, од Белгија, Швајцарија; „Златен ловоров венец“ за најдобар режисер: Мило Рау, за претставата „Пет лесни парчиња“; „Златен ловоров венец“ за најдобро актерско остварување на Силвија Калдерони, за улогата во претставата „MDLSX“, и наградата „Рејхан Демирџиќ“ за најдобра млада актерка за главната улогата во претставата „Електра“. Жирито додели и 2 (две) специјални награди за претставите: „Ноќен живот“ на авторот Паоло Маџели и „Еден гест“ на полскиот режисер Војтек Зимилски. Беа доделени уште и наградите на малиот МЕСС од гласовите на децата – за претставата „Мала наука за животните“ и оние на Дирекцијата на МЕСС: наградата „Марко Ковачевиќ“ за театарска критика, публицистика и театрологија на Дарко Лукиќ и наградата за придонес на инклузивниот театар „ПокоЛоко“ од Загреб.