Почина Иван Ивановски

IN MEMORIAM: Почина театрологот и театарски критичар Иван Ивановски

Синоќа во Скопје, на 87-годишна возраст почина театрологот и театарски критичар Иван Ивановски(Дебар, 1930), истакнат новинар и писател, кој на пошироката културна јавност и е познат како долгогодишен проследувач на театарскиот живот во Македонија и надвор од неа. Својот работен век го помина во Радио Скопје како театарски рецензент, коментатор и уредник на културната рубрика.

Ивановски е автор на околу 50 книги од областа на поезијата, патеписната литература, литературата за деца и театрологијата. Најголем број наслови (повеќе од 40) се однесуваат на книги со портрети на актери, на монографии на одделни театри, на избори на прикази и театарски рецензии и слично. За импозантната театролошка дејност на Иван Ивановски говори и податокот дека досега има објавено преку 2.500 единици – рецензии, студии, разговори итн., од кои некои се преведени и публикувани во низа театарски весници и книги во поранешна Југославија, Полска, Русија, Турција и други земји.

По повод смртта на истакнатиот театролог Ивановски, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски испрати телеграма до семејството со изрази на најдлабоко сочувство „Длабоко ме погоди веста за смртта на еден од најистакнатите театарски критичари и театролози во Македонија, неуморниот вљубеник во тетарската уметност, Иван Ивановски. Заминувањето на Иван Ивановски претставува загуба и за македонската публицистика и театрологија, затоа што тој не беше само пионер и доследен професионалец во проследување на театарската дејност, туку беше и вистински пасиониран вљубеник во театарот кому му посвети голем дел од својот живот“, се вели меѓу другото во телеграмата од министерот Алаѓозовски до семејството.

Ивановски е добитник на голем број признанија, како: „13 Ноември“, „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, „Крсте Мисирков“,„Димитар Митрев“, како и на државните награди „Св. Климент Охридски“ и „11 Октомври“.