Почина Нада Ѓуревска во Сарево

Eдна од најзначајните актерки во екс Југославија, родена во Македонија

Речиси немаше филм во Босна и Херцеговина во кој таа немаше улога, па така има глумени во над 30 филмови и десетина ТВ серии.

Една од најзначајните босанскохерцеговски актерки со македонско потекло, Нада Ѓуровска, почина синоќа во 65-та година од животот.

Таа е родена на 8 јануари 1952 година во Скопје, а во Сараево доаѓа како шестгодишно девојче. Во текот на животот стана сараевска легенда, а во текот на војната играше на сите три сцени на сараевските театри. Речиси немаше филм во Босна и Херцеговина во кој таа немаше улога, па така има глумени во над 30 филмови и десетина ТВ серии. Колегите од цела поранешна Југославија денеска на социјалните мрежи се простуваат со неа.

„Алиса зад огледалото” на Иван Поповски

  • Театарот „Мастерскаја П. Фоменко” од Москва, на 16 и 17 септември со почеток во 18.00 часот, на сцената на МНТ ќе ја прикаже преставата „Алиса зад огледалото” во режија на Иван Поповски, наменета за публика над седум годишна возраст.


Претставата е работена според двете книги за Алиса од Луис Керол, од кои Иван Поповски ја избрал понепознатата и многу поретко поставуваната и филмуваната приказна за „Зад огледалото” – како потеатарска, и при тоа со цврста структура и правила, што го задава тонот на постановката.

„Алиса зад огледалото“ во „Мастерскаја Фоменко“ – е вистинска енциклопедија на весел апсурд. Тука е можно практично сѐ, бидејќи на секое „зошто“, може да се одговори – затоа што тоа се случува „зад огледалото“, каде што сѐ е можно или да се каже дека сето тоа е само сон. 

Претставата изобилува со многу чуда и пресврти – бидејќи тоа е, нели, приказна. Сценографијата се надополнува со светлото, видеоефектите, магионичарските пресврти… И, се разбира, во претставата има многу музика: многу стихови кои се вградени во кероловскиот текст се поставени врз музиката и во оваа претстава пеат практично сите.

Така, „Алиса зад огледалото“ за 7 години е одиграна 311 пати и продадени се околу 120.000 влезници 

„Алиса зад огледалото” е првата претстава за деца и возрасни на „Мастерскаја П. Фоменко” и првата претстава од ваков вид на Поповски. И оваа претстава ја одушеви критиката, која заклучи дека „… Поповски го послушал советот на писателот да не ги објаснува неговите измислици, а си поставил за цел да ги оживее на сцената… поубава и поинвентивна претстава не може да се изнајде низ цела Москва…”. Претставата ја одушеви и специфичната публика за која Поповски по прв пат режираше, а критиката уште напиша: „да се забавува сегашното, во секој поглед разгалено дете со театарски средства, така што неговите очи да светат од воодушевување цели три часа – оф, тоа не е лесна работа!”. „Алиса зад огледалото” ја доби наградата Златен витез за најдобра претстава за деца.

Се затвори 25. ФКТ “РИСТО ШИШКОВ”

Златен медалјон за актерката Тања Бошковиќ

– Многу ми значи наградата, многу сум возбудена и почестена. Ние може зборуваме на слични јазици, но постои дух кој секаде е ист, и на Гренланд и на Аљаска, секаде актерите се актери, изјави Бошковиќ.

Познатата српска актерка Тања Бошковиќ ја доби наградата за врвни актерски достигнувања на 25. издание на Фестивалот за камерен театар “Ристо Шишков”. Признанието го доби за улогата на Марија Клаиќ во претставата „Солзите се ОК” од Мирјана Бобиќ -Мојсиловиќ, а во продукција на Театарот “Ѕвездара” од Белград.

Наградата која и ја додели жирикомисијата во состав Зијах Соколовиќ, Маја Драманска, Благоја Стефановски, Тодор Кузманов и Гоце Ристовски се состои од златен медалјон со ликот на доајенот на македонското глумиште Ристо Шишков и парични средства во износ од 1.500 евра.

– Многу ми значи наградата, многу сум возбудена и почестена. Ние може зборуваме на слични јазици, но постои дух кој секаде е ист, и на Гренланд и на Аљаска, секаде актерите се актери, изјави Бошковиќ.

На завршната церемонија на затворањето на фестивалот кој траеше од 8 до 12 септември, беа доделени и наградите на Меѓународната театарска асоцијација НЕТА.

За најдобра претстава е прогласена „Да го поздравиш и да ми го бациш…” во продукција на “Артопија# од Скопје. Наградата за режија ја доби Мартин Кочовски за “Коските што доаѓаат доцна‘‘ во продукција на Националниот театар од Приштина, а за најдобар текст наградата му припадна на авторот Теки Дервиши. Оваа претстава ја доби и наградата за костимографија за Нојман Војкова.

 

 

 

Претставата на струмичкиот театар “Џон Габриел Боркман” е наградена за сценографија на Милена Пантелеева, а Кољо Черкезов за машка улога…

ФКТ “Ристо Шишков”, награда за МАШКА УЛОГА, доделена од НЕТА на Роберт Ристов, за улогата Ѓорѓи Мочев во претставата ПРВИН ЌЕ МЕ ЗЕМЕШ…

Асоцијацијата НЕТА додели и награди за машка улога на актерите Иван Видосављевиќ од театарот од Крагуевац и неговиот колега Здравко Малетиќ, а награди за женска улога добија Камелија Лишковска за улогата на Нора во истоимената претстава од театарот во Враца и Исидора Рајковиќ за улогата на Оливера во претставата на театарот од Крагуевац

Бобан Алексоски – актер

 

ВО ПРВО ЛИЦЕ

    Театарот – воздухот во шумата

  1. ЗА СЕБЕ: Овен. Се си пишува таму.

2 . ЗА ЉУБОВТА: Си се имаме! Најдобар пријател, ама баш. Мотиватор. Поддршка. Се!

  1. ЗА ЖИВОТОТ: Како најтрнлива патека во шумска природа – прекрасна.
  2. ЗА ТЕАТАРОТ: Поврзано е. Театарот ми е воздухот во шумата.
  3. ЗА ДОБРОТО: Сте го виделе? Кај отиде?!
  4. ЗА ЗЛОТО: Кога ќе замине?!
  5. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Ги мислам. Губам време. Таков сум. Поттекст ми се најчесто. Помага.

– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Тука нека се! Ги сакам !

  1. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: Преглумување е. Не чини.
  2. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: ЗАВИСНИК!
  3. ЗА КОЛЕГИТЕ: Ги има многу. Малку од нив се добри луѓе. Вистински добри.
  4. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Сите по ред. Жан на 30, Ричард, Фауст на 40. Хах.

12 . ЗА ИДЕЈАТА: Ја има. Уште повеќе кога гледам барем една остварена.

  1. ЗА СОНОТ: Момент на авантура во главата.
  2. ЗА ЈАВЕТО: Дел од авантурата пред себе. Ама дел, добро де.. делови..
  3. ЗА ВИНОТО: За пивото и пивото.
  4. ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Премногу ги сакам. Двигател во животот.
  5. ЗА КРАЈ:  Повелете на премиера или следни изведби. ” Дневникот на лудиот ” – Гогољ, ‘‘ Театар Фабрика ‘‘! Во четврток на 13ти, на ЕСРА 20.ooh. Или ако ве држи детски дух, в петок 15ти во Драмски на Снежана 🙂
  • ЗА ЛУДИОТ ВО МЕНЕ: Тука негде е. Внатре и длабоко. Убаво му е Тој да не е, немаше никогаш да бидам актер. Не, немаше да бидам ни човек. Ме смее и ме тагува. Ме турка напред! Да живеам и доживувам се! Ве поздравува!

 

ИМПРЕСИВНА САГА НА ЕДЕН ЖИВПТОПИС- ЗАФИР ХАЏИМАНОВ

Човештвото се тепа за кусурот, а главницата ја лапаат злосторниците!

–        Многу актерски и музички децении се зад Вас, сигурно не секогаш лесни, за да се дојде до тоа, за двете убавини да станат едно…

Зафир:  Верувале или не, уште во прво оделение на основното училиште станав член на Детската драма на Радио Скопје и во режија на неколку тогаш истаканати уметници како Тодорка Кондова ,Благоја Андреевски,Миодраг Шаурек…заиграв во многу детски радио драми и останати емисии.Тешко ми е да се сетам на мојата прва улога во рамките на тој мој буквален почеток,но добро помнам дека прв пат на сцената на Народниот театар настапив во улогата на Насртрадин Оџа во една комична сценска игра со другар ми Коле Ангеловски, кој беше Итар Пејо.Тоа дружење со драмски текстови од мали нозе го одреди мојот животен пат и судбина и не е чудо што без двоумење отидов на Театарската Академија во Белград.

Ех, тука добро го помнам монологот на Сид од Корнеј, со кој што го положив приемниот испит.Потоа се редеа десетина улоги во разни драмски исечоци како вежби на часовите по глума, додека на  третата година  на студиите не започна мојата вистинска професионална актерска кариера со две главни улоги во филмовите на Жика Митровиќ – НОЖ и Трајче Попов  – МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА.Истата година со академската репрезентација од шест колеги одам на студијско патување во САД и по враќањето заедно со Перо Краљ, Мира Траиловиќ не наградува со ангажман во „АТЕЉЕ 212.

Тоа е 1965 година и јас ја сметам за мој прв успешен поход и во областа на музиката и песната.Таа година ги освоив своите први фестивалски награди во Загреб и Опатија и преку ноќ, станав естрадна звезда.

И сега пак, прстот на судбината ја превзема работата под своја команда. Пратставата „ПАНТАГЛЕЗ„ во Ателје 212 ,каде што Перо Краљ и јас играме дури по пет улоги секој, ја симнува од репертоар некој од тогашните ком.парт.комитети…Улогата кај Рули Османли  во филмот МЕМЕНТО ми пропаѓа поради лошотијата на едно чиновниче од Вардар филм и мојот инает да не му дадам да ме понижува.Но, затоа музиката ми ги отвара сите врати кон успехот и популарноста и јас и се предавам од се срце.На една долга,мамутска турнеја по тогашниот СССР се раѓа голема и бескрајна љубов со мојата прекрасна Сенка и трае повеке од половина век.И тоа е една од причините што лутав по светот со песна,ама и со трошка театарче, во секоја моја интерпретација.

–  Вечинот подвиг Љубовта,  Ве однесе од Македонија, актертвото, Сенка , Васил, музиката,  ги собравте на едно место – во Белград… А   Големината е во едноставноста…

 Зафир:   Едноставно, сите тие пориви,мечти и копнежи јас ги носам во себе. Јас сум најголемата причина за се што ми се случува.Се разбира, има уште илјада други фактори но јас сум „виновникот„ за мојот приватен и професионален живот.Белград беше престолнина на земјата во која што растев и пораснав. Со некои уметности можеш да се занимаваш и на пуст остров, но театарот и естрадата бараат публика, сцена – бараат калабалак!

Да не беше таа пуста Југославија, јас нема да се сопрев ниту овде. Планетава ми е мала, за она што сакав (би сакал) да го остварам. Не е тоа нескромност и мегаломанија.Тоа е неопходност, убавината да се посее на секоја страна на вселената. За жал, се случи токму обратното. Човештвото се тепа за кусурот, а главницата ја лапаат злосторниците!

Ни Белград не е тоа што беше, но, сеуште, овде можеш да ги видиш најголемите светски уметнички  дострели.Ти доаѓаат на гости и сакал – не сакал, граѓанин си на светот.Затоа, не обрнувам внимание на примитивизмот кој што доминира,на национализмот,на криминалот  и на сето друго зло што не опкружува. Едноставно, имам задача да бидам вечно светло на крајот на тунелот.Едноставно тоа е светската историја – тунел со далечно светло на крајот. Едноставноста е највисокиот врв на планината наречена култура и убава уметност и тоа заедно со се што кажав претходно е мојот совет за младите (не само) актери…Бидете свои, но и планетарни.Не е тешко, само барајте сили во вербата и во формулата – ОД ЉУБОВ НЕ СЕ БЕГА!!!И едноставно, отепувајте се од работа!

– Некоај улога, неодиграна, недозавшена, започната .. .Дали е тука некаде, пред се, поради најавата за последниот концертен настап со синот Васил, и актерството, како дефинитивен крај или неминовен, нов почеток…

Зафир:   Ајде, пак да почнам од почеток…Кога (1965г.) ми пропадна ангажманот во Ателје 212 и филмската улога во МЕМЕНТО, дефинитивно му свртев грб на театарот и филмот и почнав да компонирам и пишувам поезија и заедно со Сенка да приредувам музички рецитали кои носеа наслови од моите книги „ШАНСОНИ НА ХАРТИЈА„ , па „ПЕС ПЕЈАЧКА„…Освоивме едно посебно, ексклузивно парче небо, во естрадниот свет. Едноставно, бевме недостижни и не стигнувавме да ги посетиме сите места кои што не бараа. Повеќе од дваесет години пеевме и рецитиравме од Струга до Москва,од Европа до Канада, САД, Куба, Австаралија, Кувајт…Не постои фестивал на лесни ноти, каде што не сме освоиле награда.

И пак, некои театарски луѓе се сетија да не повикаат назад во театарот…Најнапред со нашите рецитали ја отворивме сцената во визбата на Ателје 212 и потоа Театарот не подзеде до крај,особено мене. Ме повикаа од Драмски (Ристо Стефановски) да играм во музичката комедија БУМЕРАНГ на Томе Арсовски и Александар Џамбазов и направивме вистински бум!

Прв пат во историјата на Драмски театар се продаваа карти кај тапкароши. Потоа и Театарот на Теразије ми повери убава роља во еден светски хит, мјузиклот ЗАНЕСЕНИ и пак успех!Тоа беше музичка предтстава на годината! Гостував пак во мојата несудена матична куќа, Ателје 212 во претставата ОЈ СРБИЈО НИГДЕ ЛАДА НЕМА.Но тоа мене не ми беше доста па седнав и го напишав првиот македонски мјузикл АЛО БУДЕЊЕ…Пристојно помина оваа музичка драма за егзодусот на едно дете – бегалец…На Чернодрински во Прилеп имавме преку 70 аплаузи на отворена сцена,но на Балканот пак пукна пушка, и се отиде по ѓаволите!

Загреб и Љубљана сакаа да го постават мојот мјузикл, но откако почнаа воените дејства никој не се јави.Станавме колатерална штета на една безумна војна, ни криви ни должни…Но, никогаш немој да кажеш никогаш…Само што почна тепачката, мене ми се јавуваат од СНП Нови Сад и ми ја нудат главната улога во култниот мјузикл „Свирач на покрив„…Е, тоа се вика среќа!Сенка останува дома зашто нема ни кому, ни што да пее, кога сите се споулавени од војна,а јас наоѓам азил во театарот, играјќи и пеејќи, во претстава што таа меѓуверска, ѕверска нетрпеливост ја осудува…Секоја претстава е проповед, а јас сум болниот, што ги лечи болните. Нормално, повторно претставата ги освојува и гледачите и критиката и наградите, а јас преку Белград, каде што исто така гостувам, одам за Бостон, САД и таму на една бројна аудиција ги “тепам“ сите конкуренти и два месеца играм на англиски во Театарот Форум, со аплаузи и овации, додека на ТВ гледам прилози како во Босна пламти тешка борба меѓу моите довчерашни браќа…

И еве, сега неколку уште посериозни епизоди. Американците ме повикуваат пак да дојдам и да ги играм улогите на Дон Кихот и Сервантес во мјузиклот што веќе го играм во Н.Сад „Човекот од Ла Манча„ ,но надлежните не ми одобруваат виза. Повторно сум колатерална штета на војната.Останувам дома но со среќна ѕвезда: Ја добивам улогата на Жан Валжан во нај, нај мјузиклот „КЛЕТНИЦИ„.Тотален и неповторлив успех!Пак награди, овации и прекрасни критики… Се  шегувам со другарите: „ Да сум им платил на критичарите, не би им позволил вакви суперлативни критики.„

И на крајот, останува големе тага што ниту еднаш не гостувавме во Македонија. Ниту една моја улога, македонската публика и јавност не ја виде, ниту забележа.Штета!

Полека,полека годините ме најавнаа,а тие само старост и болест носат,па и мене почнаа да ме мачат очите,слухот,снагата и еве сега срцето…можам сеуште да одиграм понешто на филм. Имав убава епизода кај Паскаљевиќ во филмот КАД СВАНЕ ДАН, сега снимив еден никејски цар во серијата НЕМАНИЌИ. Epur si mouve! Но, До кога???

П.С. Васил е веќе на својот ЏЕЗ ПРЕСТОЛ и нема причина да се грижиме за иднината на Хаџиманови, особено што на последната аудиција во Театарот Теразије внуката Марта, меѓу 70 кандидатки, ја “освои“ главната женска улога во мјузиколт “Фантом во операта“!!!

 

 

 

 

Жарко Спасовски – актер

Во прво лице

ПРИЈАТЕЛИТЕ – Зајдисонце и изгрејсонце

  1. ЗА СЕБЕ
    Соба полна страсти
  2. ЗА ЉУБОВТА:
    Гласна насмевка
  3. ЗА ЖИВОТОТ:
    Привилегија на секое суштество
  4. ЗА ТЕАТАРОТ:
    Терен за емотивно и креативно поентирање5. ЗА ДОБРОТО:
    Нека е присутно

    6. ЗА ЗЛОТО
    Се повеќе присутно,за жал

    7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ
    Позади затворени врати

    – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?
    Зајдисонце и изгрејсонце

    8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ
    И за тоа треба талент

    9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА
    Голема завист

    10. ЗА КОЛЕГИТЕ
    Семејство

    11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ
    Чекаат ред

    12 . ЗА ИДЕЈАТА
    Хранете ја секојдневно

    13. ЗА СОНОТ
    Нека биде јаве

    14. ЗА ЈАВЕТО
    Нека биде од оние убавите сонови

    15. ЗА ВИНОТО
    Менувам две чаши вино за едно пиво

    16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО
    Доживотна подршка и љубов

    17. ЗА КРАЈ
    Дали постои крај ???

Љубишa Самарџиќ ( 1936 – 2017 )

ПОЧИНА ЉУБИША САМАРЏИЌ

Љубиша Самарџиќ (Скопје, 19 ноември 1936 – Белград, 8 септември 2017 година)  беше српски и југословенски актер, режисер и продуцент. Неговиот прекар бил Смоки.
Роден е во Скопје, во семејство на рудари кои работеле во рудникот за јаглен Јелашница кај Нишка Бања. Тој сè уште беше во средно училиште со цел да го поддржи своето семејство. Студирал право, а потоа се преселил во Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград. Неговиот талент беше откриен многу рано и доби стипендија за студии на режисерот Бојан Ступица. Самарџиќ дипломирал на Академијата во Белград.

На 81 година по тешка и сериозна болест во Белград, почина српската актерска легенда Љубиша Самарџиќ. Тој во декември минатата година итно беше примен во болница, каде што беше извршена тешка операција на мозокот.

Потоа беше на домашно лекување третман, но не успеа да се опорави. Самарџиќ е роден во Скопје вогодина.
Актерска кариера ја започнал во белградскиот театар “Ателје 212”. На почетокот на кариерата снимал претежно партизански филмови. Тој стана познат со серијата “Топол ветер”. Подоцна станува и режисер.

Во 1967 година ја добива наградата “Купа Волпи” за “најдобар актер”, која се доделува на Фестивалот во Венеција. Самарџиќ беше носител на седум награди “Златна Арена”. Во средината на 90-тите години заедно со неговиот син ја формира продуцентска компанија “Синема дизајн”. Во февруари 2014 година тој сите свои награди ги додели на Кинотеката во Белград. Љубиша Самарџиќ беше познат по прекарот Smoky.

 

Во знак на вечна слава и сеќавање на една Ѕвезда. Вистинска. Со неговите филмски и телевизиски улоги израснаа многу генерации. Тој и колегите од неговата генерација беа основата на еден вредносен систем кој за жал повеќе не постои.


(Фотографијата е од премиерата на филмот “Битката на Неретва”)

Во текот на половина век професионална кариера, Љубиша Самарџиќ одиграл 98 улоги на филм и 33 на телевизија. Тој своето деби го направил во 1960 година во филмот “Сплетка и љубав” на Сава Мрмак и Јанез Шенк, а последен пат пред камерите се појавил 2011 година во филмот и ТВ серијата “Мирис кише на Балкану”, кој исто така и ги режирал. Ова се некои од улогите по кои ќе го паметиме:

Микајло – “Прекубројна” (1962)

Бранко Бауер го режираше овој филм за животот на младите луѓе на работните акции. Љубиша го играше момчето заљубено во студентката Нада (Снежана Михајловиќ), иако бил во врска со Малена (Милена Дравиќ) која секогаш го следела на работните акции, иако прекубројна. Ова е и првиот филм во кој глумел со Милена Дравиќ. Тие играа заедно во повеќе од 30 филмови.

Новак 1969

 

Зис – Валтер го  брани Сарајево 1972година и многу многу други, но улога која сите го паметиме е
Боривоје Шурдиловиќ Шурда ‘ Вруќ ветар ‘  1980 година.
Мирјана Самарџиќ

 

МОНОКЛ

проф.д-р Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

  1. И Салиери, и Молиер, и Кара Дончо

На плодното македонско тло, кое и кога е испоснето и подзаборавено, сепак, виреат експериментите, иновациите и т.н. нови форми. Дел од нив се и претставите Салиери (ќе наведеме само три од повеќето други) на дипломираните студенти од Универзитетот ЕСРА, извонредната постановка на “Животот на Молиер“ на сцената на МНТ и Кара Дончо на Штипскиот театар.

Дали е препорачливо да се биде просечен. Зошто се залагаме и гласаме за просечноста. Дали не ги сакаме најмногу просечните, па дури и потпросечните покрај нас. Затоа, нека царува просечноста. Долу Моцарт. Да живее Салиери!

Тоа би можела да биде само една од ирониските пораки, кои произлегуваат од театарската претстава “Салиери“, во извонредна изведба на студентите на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Скопје – Париз – Њујорк. Постановката е со минималистички реквизити на сцената, но со максимални симболи, изрази и решенија на кои можат да им позавидат и професионалците во македонскиот театар. Всушност, станува збор за оформени ликови и веќе созреани млади актери: Игор Георгиев (Салиери), Александар Ѓорѓиески (Моцарт), Валентин Костадиновски (Вентичело 1, Крал Јосиф) и Жарко Димоски (Вентичело 2, Таткото, Исус), водени од режисерската палка на Андреј Цветановски, а под менторство на проф. Дејан Пројковски.

За оваа дипломска претстава, работена според култната пиеса “Амадеус“ од Питер Шефер, а благодарејќи на темата и бесплатниот театарски маратон по повод 66-от роденден на МНТ, постоеше голема и жива заинтересираност кај публиката.

Централната тема на претставата е генијалноста како неспорна константа, имуна на абеж од времето, но погледната низ призмата на просечноста. Во полето на музиката, еден од малкуте кои го задолжиле човештвото со своите композиции и оставиле печат на своето време, секако, е Волфганг Амадеус Моцарт. Тој не го добива заслуженото признание од своите современици, освен од еден – Антонио Салиери, кој е единствениот човек кој ја препознава неговата генијалност. И, токму поради таа генијалност – станува негов најголем непријател.

Прекрасно! Ако самиот не можеш да бидеш генијален, тогаш барем можеш да се бориш против генијалноста и зошто веднаш не би се спротивставил на генијалните идеи кои доаѓаат од мозоците, устите и рацете на генијалците, кои редовно се над нас, иако многу често се толку многу блиску до нас и живеат покрај нас. Штом ги забележите и откриете – веднаш треба и да ги елиминирате, да скроите долгорочен план за да им застанете на патот, или веднаш да ги ставите и оставите на споредна патека.

Откако ќе ги лоцирате поспособните од вас, впуштете се во нивно упросечнување, направете ги просек, или дури и помалку и подолу од тоа. Во спротивно, тие ќе ви бидат шефови и наредбодавци, а не покорни слуги, па затоа не губете ни миг од долготрајната специјална војна со сите тие кои се разликуваат од другите и кои не му припаѓаат на колективот.

Која овчичка ќе го напушти стадото, или кој петел најрано ќе запее – се знае што го очекува. Замислете: дури и да сте нескротлива вода – некој друг ќе треба да ве канализира! Затоа, подалеку од просекот и просечноста, не бидете вредни туку солидни, не бидете добри туку извонредни, не бидете наивни туку самосвесни, не бидете колебливи туку исклучиви… Не бидете салиеровци, туку моцарти, макар и од споредниот сокак, ако веќе не можете на главниот булевар, од паланката ако веќе не сте во велеградот, од подножјето ако веќе сте далеку од врвот…

Но, никогаш не заборавете дека до врвот има многу патишта, а дека врвот е само еден и дека од даму се гледа и најдобро и најдалеку!

И претставата “Животот на Молиер“ од Михаил Булгаков, во режија на Александар Поповски, кој по десетина години се врати со режија на сцената на МНТ, а по долго време таму настапува и актерот Никола Ристановски, претставува вистинска постановка за лицемерието.

“Ние не сме луѓе, ние сме глумци“ – одекнаа овие зборови, но и бројни други реплики од устата на бравурозниот Никола Ристановски.

Звучните ефекти, овојпат, не се изведуваа зад, туку на самата сцена.

Кралската круна шеташе од глава на глава, додека не стигна и до самата глава на Молиер.

Михаил Булгаков создал извонреден драмски текст за животот на Молиер. Ансамблот на МНТ солидно и коректно си ја изврши работата. А, пред сî и најмногу од сî, се чини, работата ја завршил режисерот Поповски, заедно со првенецот Ристановски.

Претстава која ќе биде гледана, претстава која е актуелна, претстава која е поучна.

Ова е несекојдневна и исклучителна драма за камелеонството и полтронството, за кодошењето и интригантството, но и за животот кој нí е оставен нас, а ние (треба) да им ја оставиме на актерите сцената и играта…

Во сличен, постмодернистички манир беше и гостувањето на Штипскиот театар во Драмскиот театар во Скопје со претставата “Кара Дончо“, според текст на Трајче Кацаров, а во режија на Младен Крстевски.

И во оваа постановка:  актерската игра се пренесува во гледалиштето, се воспоставува директна комуникација и интеракција со публиката, се релативизира дури и магијата и мистификацијата на самиот театарски чин, се иронизира и карикира совремието, односно се создава и презентира изведба за локалното (Горно и Долно маало), но и универзалното (Горна и Долна земја).

Малата и амбициозна екипа, со претставата “Кара Дончо“ прави обид да излезе од рамките и стегите на класичниот и стереотипен театар, настојувајќи да се приклучи кон најновите и најиновативните театарски тенденции и таа намера, напор и резултат охрабрува и треба да се поддржи.

Се разбира, притоа, во македонскиот современ театар, евидентни се породилните маки, тргнувања, сопнувања и застанувања, но радува податокот и фактот дека е сî понагласен бројот на новите театарски форми, на неинституционално, но и професионално ниво. Истражувањата, експериментите и креативните зафати битно ја менуваат сликата и атмосферата на македонската театарска сцена, паралелно со едукацијата и (по)растот на школуваните театарски кадри, следењето и допирот со светските сценски движења и процеси, анимацијата и барањата на сî попребирливата публика, осовременувањето на театарската критика и слично.

За среќа, новиот македонски театар и новите театарски форми – се веќе надвор од било какви клишеа, стереотипи и униформи…

 

(Скопје, 26.4.2012 година)

 

НОБЕЛОВЕЦОТ ИГОР ТОМЕВСКИ СО ПОНУДА НА БРОДВЕЈ!

 

Игор Томески, првиот Македонец награден од Нобеловото семејство и Нобеловците-лауреати (добитници на Нобелова награда), на само 20 години добива понуда за работа во театарот Бродвеј, најгледаниот и најпродадениот театар, во срцето на американската и светската театарска индустрија. Повикан од познатиот њујоршски театарски продуцент и автор Кенет Вирт, добитникот на престижните Тони Награди (еквивалетни на филмските Оскари во театар) и Награда од Драмската Лига во 2017 за претставата Џитнеј, тетовецот беше поканет во канцеларијата на Вирт на Бродвеј во Мидтаун Менхетен во јуни оваа година. Благодарение на богатото портфолио на Томески во кое се наоѓаа 10 годишно театарско актерско искуство, авторски драми, 3 часовни пиеси, поставени драми од Џорџ Орвел, Антон Павлович Чехов на многу рана возраст, како и добиени признанија и награди од Нобел, на Игор Томески му се нуди соработка. Како редок помеѓу врсниците, тој е повикан да работи на сцените на Бродвеј во режисерскиот дипартмент.

  • Се радувам на оваа понуда која што,да бидам искрен, ме изненади. Свесен сум дека станува збор за можеби најграндиозниот театар, и се уверив дека се работи за големи имиња, големи сали и големи случувања. Понудата за соработка од нивна страна стои отворена. Моментално сум во мојата татковина, имам повеќе големи проекти кои ги работам на повеќе страни и земји, и перидов ми претстојат неколку работни патувања низ Европа.Во овој перод времето го поминувам на оваа страна од океанот, работно и со семејството, но сепак сум горд на уште еден мој голем успех, на тоа што успеав да стигнам дури и до вратите на Бродвеј. Тоа е доказ дека напорната работа и големото срце можат да ве одведат во неверојатни правци и на неверојатни места. Сигурен дека со Бродвеј ќе се дружиме наскоро, во иднина, оптимст е Игор.

Но, има и уште нешто…

“Моментално работам и на сопствен проект,  нешто кое којшто сум го посаувал одамна и за којшто ќе дознаете наскоро. Овие патувања, проекти, дружби, и време поминато со моето семејство ме потсетуваат на мојата прва телевизиска реплика од Марко Цепенков на 8 години.

” Убо е вака што сме се собрале заедно да бидеме оти луѓето се створени да се дружат меѓу себе дури се живи. Дните инаку врват и нам ни се кусат. Дните си летаат како со крила и дните праат годиње и ние ќе се свршиме ама тие нема да свршат Затоа добредошле! ”  

Со оваа реплика на ум, сметам дека вистинската среќа е да го правите она што вам ве прави среќни во тој даден момент, или како што вели филмот „Покрај морето“ на Џоли и Пит, да се препуштите на брановите, за плимата и осеката сами да ве носат…