Претстава на велешки театар
Претставата „Шумата на моето дрво“, копродукција на „Северно од Импакт“ и Театар „Џинот“ Велес ќе настапи на Интернационалниот театарски фестивал „Бомб“ во Сеул, Јужна Кореја. Претствата ќе има три изведби на фестивалот поточно на 6, 7 и 8 октомври.
„Шумата на моето дрво“ е продукција на независната театарска компанија „Северно од Импакт“, во копродукција со Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, Велес. Режијата е на Александар Ивановски, текстот на Сашо Димоски, дизајнот на звук на Сашко Костов, а во претставата настапуваат актерот Васил Зафирчев и музичарот Сашко Костов.
Претставата е создадена од звуци, зборови и пулсирачки мускули и отвора поглед кон еден нестабилен свет. Таа е ноќна одисеја низ стомакот на една шума која умира, на еден човек што се обидува да најде смисол во својот живот и во својот статус како туѓинец.
Ова е второ фестивалско претставување на оваа претстава во странство. Во јуни годинава, учествуваше на Интернационалниот театарски фестивал „Бабел“ во Трговиште, Романија каде што ја освои наградата за најдобра претстава на мала сцена.
Пред настапот во Сеул, на 1 октомври, во Младинскиот културен Центар во Скопје, со почеток во 18 часот, претставата ќе биде изведена и во официјалната програма на Интернационалниот театарски фестивал „Млад Отворен Театар“.