Алиса навистина чудесна и прекрасна

Кон гостувањето на театарот Мастерскаја Пјотр Фоменко, Москва, Русија, во режија на Иван Поповски и маестрална изведба на актерите од овој чудесен театар

Дека детскиот сон и фантазија можат да бидат допрени и дека и во “ старото човече“, односно, во неговата длабока внатрешност може да заигра детето, онака само за себе, а со сите заедно, ослободено од секаков вид #старски# предрасуди и да му се предаде на сонот, доказ е режисерот Иван Поповски. Овој човек – дете е навистина имагинативен мајстор, чиј свет(ови) (с)е далеку недопрен(и) од човековата глупост и валканици!Тој, своето дете го пушти на слобода (ако воопшто некогаш и го заробил) преку својот светоглед на пиесата – роман од Луис Керол #Алиса зад огледалото#, во која навистина не постои време, ниту пак ограничен простор бидејќи таму царува сонот… Низ тој сон не води една фантастична актерска интересна детско – возрасна сонувачка актерска армија, која пак, како што и самиот режисер ќе рече, со своите сугестии, сигурно, успеала да го дозбогати светот на Сонот, имагинацијата, играта и стварноста на апсурдот, но од страната од која тој никого не може да повреди, можеби само да ни разоткрие колку ние несонувачите всушност сме простосмртни… Простосмртноста не е состојба на секое живо суштество, особено не на она кое знае да си игра и кога ништо не разбира. Таква беше Алиса на Вера Строкова, која покрај визуелната приближеност на дете, пред се по својата ситна конституција, сепак, пленеше и со фантастично природната игра, низ која навистина ни го долови девојчето, кое од јавето бега во сонот, за кога ќе се разбуди повторно да посака и да се врати во него…
Токму поради овие компоненти, оваа актерка пленеше со својата само навидум едноставна игра, бидејќи, нели, комплицираноста и крупноста речиси секогаш се наоѓаат во едноставноста, особено во сонот…
Таа, придружена од своите пријатели и пријателки, актери, музичари, сонувачи, кои пак намерно ќе останат без име и презиме, бидејќи секој од нив (а ги имаше 20-ина) покажа дека има чудотворна моќ за трансформација играјќи по најмалку три улоги, а некои од нив ги видовме и во пет – шест ликови, дури и како музичари и како елоквентни кралеви на владеењето со уметноста севкупно…
Шах – таблата, заедно со цвеќињата, пеперутките, еднорогот, лавот, гасеницата, стоногалката и што ли уште не, беа всушност, едно севкупно поле на играта, по кое не се гази, ами се лебди… За ваквиот впечаток #виновен# повторно е Иван, кој навистина сонот го претвори во стварност, за волја на вистината со сесрдна помош на техниката со сета нејзина (не)совршеност, но и со она дете, извадено од неговите најсуштествени длабочини, кое заедно со Алиса и дружината си играше цели три часа, држејќи ни го вниманието и ококорени очите од почеток до крај…
Крај?! Па него речиси и да го немаше, бидејќи Алиса со својата живост и во јавето не натера да сонуваме, па затоа за сите нив и пред се и над се за нашиот Иван Поповски,кој со луцидните решенија ни докажа дека нема потреба од стапче, дококу владеета со магичноста на сцената, срдечно, поклон до земја!
И навистина бевме почестени бидејќи имавме ретка привилегија да бидеме дел од остатокот на светот, освен во Русија, (каде претставата опстојва од 2010 година), се разбира да ја видиме оваа чудовишно-прекрасна бајка.
Потписникот на овие редови е навистина почестен што можеше да сонува заедно со Алиса и навистинс, да си поигрува во нејзиниот сто,под чии ингеренции се надева дека ќе остане уште многу долго, сонувајќи.

Борче Грозданов