МЕГА ГОСТУВАЊЕ НА “МАСТЕРСКАЈА П. ФОМЕНКО” ВО МНТ

Со “Алиса зад огледалото” стартува фестивалот “Иван се враќа дома”

Освен “Алиса зад огледалото” од Луис Керол (2010), која во МНТ се изведува денеска и утре, публиката има можност да ги види и “Отровната туника” од Николај Гумиљов (2002), на 19 и 20 септември (20 ч.), претстава за која билетите се веќе распродадени, како и “Сон на летната ноќ# од Вилијам Шекспир (2015) на 22 и 23 септември.

Со детскиот театарски спектакл “Алиса зад огледалото” во режија на познатиот македонски театарски режисер Иван Поповски, 16 септември (18 часот) во Македонскиот народен театар стартува фестивалот “Иван се враќа дома”. “Алиса зад огледалото” е една од трите претстави од мега гостувањето на “Мастерскаја П. Фоменко”, еден од најреномираните театри од Москва.

Фестивалот е и прва можност македонската публика да ги види театарските спектакли во режија на Поповски, кој повеќе од 25 години живее и работи во Москва, а кои ја одушевија критиката, освоија многу значајни театарски признанија и имаа исклучителен прием кај публиката.

Освен “Алиса зад огледалото” од Луис Керол (2010), која во МНТ се изведува денеска и утре, публиката има можност да ги види и “Отровната туника” од Николај Гумиљов (2002), на 19 и 20 септември (20 ч.), претстава за која билетите се веќе распродадени, како и “Сон на летната ноќ# од Вилијам Шекспир (2015) на 22 и 23 септември.

Во овие високобуџетни претстави учествува еден од најсилните актерски ансамбли во Русија, кој зад себе има многубројни престижни театарски поединечни и групни награди, признанија за заслужни артисти на Руската Федерација, како и учество во големи филмски продукции.
Директорот на театарот Мастерскаја, Андреј Варабјов, истакна дека Поповски е еден од најдобрите ученици на Фоменко.

“Иван го сакаме и му завидуваме на сите успеси што ги има постигнато во театрите во Москва и Русија. Во Мастерската П. Фаменко ние го живееме театарот, создаваме уметност. Ако има уметност има и публика, а за тоа доказ се 45. претстави на нашиот репертоар#, вели Варабјов .
Режисерот Поповски, пак, истакна дека во процесот на работа не ја избегнува реалноста, политиката и надворешниот свет.

“Напротив, благодарение токму на тој хаос театарот може да биде место каде што може да пропаднеме во друг свет”, истакна Поповски.

Директорот на МНТ Драган Спасов Дац, вчера најави и три премиери до крајот на годината, претставите “Кец на десетка” и “Госпоѓиците од Авињон”, кои ќе се одржат на малата сцена и мјузиклот “Мама миа”, чија премиера се очекува кон крајот на декември.

Тој ја повтори и одлуката вратата да биде затворена пет минути пред почетокот на претставите, по што нема да може да се влезе, а целта е како што вели “да се дисциплинира публиката#.