- Театарот „Мастерскаја П. Фоменко” од Москва, на 16 и 17 септември со почеток во 18.00 часот, на сцената на МНТ ќе ја прикаже преставата „Алиса зад огледалото” во режија на Иван Поповски, наменета за публика над седум годишна возраст.
Претставата е работена според двете книги за Алиса од Луис Керол, од кои Иван Поповски ја избрал понепознатата и многу поретко поставуваната и филмуваната приказна за „Зад огледалото” – како потеатарска, и при тоа со цврста структура и правила, што го задава тонот на постановката.
„Алиса зад огледалото“ во „Мастерскаја Фоменко“ – е вистинска енциклопедија на весел апсурд. Тука е можно практично сѐ, бидејќи на секое „зошто“, може да се одговори – затоа што тоа се случува „зад огледалото“, каде што сѐ е можно или да се каже дека сето тоа е само сон.
Претставата изобилува со многу чуда и пресврти – бидејќи тоа е, нели, приказна. Сценографијата се надополнува со светлото, видеоефектите, магионичарските пресврти… И, се разбира, во претставата има многу музика: многу стихови кои се вградени во кероловскиот текст се поставени врз музиката и во оваа претстава пеат практично сите.
Така, „Алиса зад огледалото“ за 7 години е одиграна 311 пати и продадени се околу 120.000 влезници
„Алиса зад огледалото” е првата претстава за деца и возрасни на „Мастерскаја П. Фоменко” и првата претстава од ваков вид на Поповски. И оваа претстава ја одушеви критиката, која заклучи дека „… Поповски го послушал советот на писателот да не ги објаснува неговите измислици, а си поставил за цел да ги оживее на сцената… поубава и поинвентивна претстава не може да се изнајде низ цела Москва…”. Претставата ја одушеви и специфичната публика за која Поповски по прв пат режираше, а критиката уште напиша: „да се забавува сегашното, во секој поглед разгалено дете со театарски средства, така што неговите очи да светат од воодушевување цели три часа – оф, тоа не е лесна работа!”. „Алиса зад огледалото” ја доби наградата Златен витез за најдобра претстава за деца.