проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
- И Салиери, и Молиер, и Кара Дончо
На плодното македонско тло, кое и кога е испоснето и подзаборавено, сепак, виреат експериментите, иновациите и т.н. нови форми. Дел од нив се и претставите Салиери (ќе наведеме само три од повеќето други) на дипломираните студенти од Универзитетот ЕСРА, извонредната постановка на “Животот на Молиер“ на сцената на МНТ и Кара Дончо на Штипскиот театар.
Дали е препорачливо да се биде просечен. Зошто се залагаме и гласаме за просечноста. Дали не ги сакаме најмногу просечните, па дури и потпросечните покрај нас. Затоа, нека царува просечноста. Долу Моцарт. Да живее Салиери!
Тоа би можела да биде само една од ирониските пораки, кои произлегуваат од театарската претстава “Салиери“, во извонредна изведба на студентите на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Скопје – Париз – Њујорк. Постановката е со минималистички реквизити на сцената, но со максимални симболи, изрази и решенија на кои можат да им позавидат и професионалците во македонскиот театар. Всушност, станува збор за оформени ликови и веќе созреани млади актери: Игор Георгиев (Салиери), Александар Ѓорѓиески (Моцарт), Валентин Костадиновски (Вентичело 1, Крал Јосиф) и Жарко Димоски (Вентичело 2, Таткото, Исус), водени од режисерската палка на Андреј Цветановски, а под менторство на проф. Дејан Пројковски.
За оваа дипломска претстава, работена според култната пиеса “Амадеус“ од Питер Шефер, а благодарејќи на темата и бесплатниот театарски маратон по повод 66-от роденден на МНТ, постоеше голема и жива заинтересираност кај публиката.
Централната тема на претставата е генијалноста како неспорна константа, имуна на абеж од времето, но погледната низ призмата на просечноста. Во полето на музиката, еден од малкуте кои го задолжиле човештвото со своите композиции и оставиле печат на своето време, секако, е Волфганг Амадеус Моцарт. Тој не го добива заслуженото признание од своите современици, освен од еден – Антонио Салиери, кој е единствениот човек кој ја препознава неговата генијалност. И, токму поради таа генијалност – станува негов најголем непријател.
Прекрасно! Ако самиот не можеш да бидеш генијален, тогаш барем можеш да се бориш против генијалноста и зошто веднаш не би се спротивставил на генијалните идеи кои доаѓаат од мозоците, устите и рацете на генијалците, кои редовно се над нас, иако многу често се толку многу блиску до нас и живеат покрај нас. Штом ги забележите и откриете – веднаш треба и да ги елиминирате, да скроите долгорочен план за да им застанете на патот, или веднаш да ги ставите и оставите на споредна патека.
Откако ќе ги лоцирате поспособните од вас, впуштете се во нивно упросечнување, направете ги просек, или дури и помалку и подолу од тоа. Во спротивно, тие ќе ви бидат шефови и наредбодавци, а не покорни слуги, па затоа не губете ни миг од долготрајната специјална војна со сите тие кои се разликуваат од другите и кои не му припаѓаат на колективот.
Која овчичка ќе го напушти стадото, или кој петел најрано ќе запее – се знае што го очекува. Замислете: дури и да сте нескротлива вода – некој друг ќе треба да ве канализира! Затоа, подалеку од просекот и просечноста, не бидете вредни туку солидни, не бидете добри туку извонредни, не бидете наивни туку самосвесни, не бидете колебливи туку исклучиви… Не бидете салиеровци, туку моцарти, макар и од споредниот сокак, ако веќе не можете на главниот булевар, од паланката ако веќе не сте во велеградот, од подножјето ако веќе сте далеку од врвот…
Но, никогаш не заборавете дека до врвот има многу патишта, а дека врвот е само еден и дека од даму се гледа и најдобро и најдалеку!
И претставата “Животот на Молиер“ од Михаил Булгаков, во режија на Александар Поповски, кој по десетина години се врати со режија на сцената на МНТ, а по долго време таму настапува и актерот Никола Ристановски, претставува вистинска постановка за лицемерието.
“Ние не сме луѓе, ние сме глумци“ – одекнаа овие зборови, но и бројни други реплики од устата на бравурозниот Никола Ристановски.
Звучните ефекти, овојпат, не се изведуваа зад, туку на самата сцена.
Кралската круна шеташе од глава на глава, додека не стигна и до самата глава на Молиер.
Михаил Булгаков создал извонреден драмски текст за животот на Молиер. Ансамблот на МНТ солидно и коректно си ја изврши работата. А, пред сî и најмногу од сî, се чини, работата ја завршил режисерот Поповски, заедно со првенецот Ристановски.
Претстава која ќе биде гледана, претстава која е актуелна, претстава која е поучна.
Ова е несекојдневна и исклучителна драма за камелеонството и полтронството, за кодошењето и интригантството, но и за животот кој нí е оставен нас, а ние (треба) да им ја оставиме на актерите сцената и играта…
Во сличен, постмодернистички манир беше и гостувањето на Штипскиот театар во Драмскиот театар во Скопје со претставата “Кара Дончо“, според текст на Трајче Кацаров, а во режија на Младен Крстевски.
И во оваа постановка: актерската игра се пренесува во гледалиштето, се воспоставува директна комуникација и интеракција со публиката, се релативизира дури и магијата и мистификацијата на самиот театарски чин, се иронизира и карикира совремието, односно се создава и презентира изведба за локалното (Горно и Долно маало), но и универзалното (Горна и Долна земја).
Малата и амбициозна екипа, со претставата “Кара Дончо“ прави обид да излезе од рамките и стегите на класичниот и стереотипен театар, настојувајќи да се приклучи кон најновите и најиновативните театарски тенденции и таа намера, напор и резултат охрабрува и треба да се поддржи.
Се разбира, притоа, во македонскиот современ театар, евидентни се породилните маки, тргнувања, сопнувања и застанувања, но радува податокот и фактот дека е сî понагласен бројот на новите театарски форми, на неинституционално, но и професионално ниво. Истражувањата, експериментите и креативните зафати битно ја менуваат сликата и атмосферата на македонската театарска сцена, паралелно со едукацијата и (по)растот на школуваните театарски кадри, следењето и допирот со светските сценски движења и процеси, анимацијата и барањата на сî попребирливата публика, осовременувањето на театарската критика и слично.
За среќа, новиот македонски театар и новите театарски форми – се веќе надвор од било какви клишеа, стереотипи и униформи…
(Скопје, 26.4.2012 година)