проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
- Фејсбук дебати
А, дека работата не е премногу наивна и дневна, говори и беглиот поглед и преглед на односнава тема на Фејсбук. Таму, со и без аргументи, има безброј знајни и незнајни јунаци и апологети. Темата е избрана: новите театарски форми, а мислењата (како и секогаш) поделени, фатални и иднински.
Новите театарски форми не само што ги бришат границите помеѓу театарот и новите театарски форми, туку не прават разлика меѓу професиопналните, аматерските и другите ансамбли.
Тој “натпревар во умешноста“, кој ќе побегне повеќе од класичниот театарски израз, и белки ќе донесе нешто ново, беше недоносенче, се чини, уште во самиот зачеток – велат едни.
Тешко е тоа беспоштедно и немилосрдно силување на театарот – истакнуваат други. Нема тука никаков театар. Претставата е единство на книжевноста, актерскиот занает, музиката, сликите и сето тоа кога ќе го обедини мајсторот кој се вика режисер – се раѓа она што е во основата на театарскиот производ, а тоа е емоцијата.
Штом нешто ќе изостане – нема производ, нема целосно доживување ни на сцената, ниту кај публиката – дебатираат трети.
На фестивалите на алтернативниот театар, има брилјантни театарски групи и прекрасни мислители, луѓе кои алтернативниот театар токму така го разбираат и читаат – како можност да се искажат на неконвенционален начин. Истовремено, има и театарски творци на кои неразбирањето на алтернативниот израз им е алиби за ниските уметнички дострели. Го знаете она: сите нешто божем гледаат, значајно климаат со главите, длабоко се замислени, а на сцената тече некое необоено и неопеано фолирање, кое не го разбираат ни самите учесници. Тие надриуметници живеат од денес до утре, од фестивал до фестивал. Нивната главна одбрана и одбранбен механизам е: “ако не разбираш – тоа е исклучиво твој проблем, ние воопшто не можеме да ти помогнеме“! Публиката го отфрла она што не го разбира и што не допира до неа, а улогата и задачата на актерите кои не мора по секоја цена да повладуваат е дека, сепак, мораат да се ангажираат и да го дадат максимумот за да воспостават комуникација со публиката и да бидат разбрани и прифатени.
Денес, кога за финансирањето на театарските форми одлучуваат и се вклучени бројни субјекти, па меѓу нив и сî повеќе невладини организации (кои имаат не театарски сенс, туку непогрешливо чувство со кого да го поделат неправедно добиениот плен), како да владее и царува времето и на театарските фолиранти и интриганти. Се разбира, во тоа привидно разбуркано, а речиси во целост лажно и естетски мртво море, ќе се најде и по некој (случаен и самороден) вреден бисер.
Сега, со алтернативниот театар, односно со експериментот и играта може да се занимаваат буквално сите, што е класична вулгаризација на божемната демократизација на културата и уметноста. Ретки се, притоа, вистинските иновативни истражувања на граничните подрачја на естетиката на театарот, а сосема погрешно се мисли дека со алтернативата може да се занимава секој.
Новите театарски форми се создаваат врз основата на веќе востановените и речиси канонизираните норми, па дури и тогаш кога се замислени и остварени како негација и антипод на присутното и постоечкото.
Во потрагата по новиот израз и исказ не е доволно да се постави и публиката на сцената, или пак, актерите да се измешаат и преселат меѓу публиката и сето тоа да се нарече и да се мисли дека е нова форма во театарот.
Може да се игра и без текст, може да се игра и сам на сцената, но не смее да се заборави дека сето тоа се прави пред, и пред сî, за публиката. Има актери и режисери кои изјавуваат дека воопшто не ги интересира публиката, туку дека претставата ја прават само поради свое лично задоволство. Па, со право, се поставува прашањето: зошто (си) играат пред публика?! Ако веќе одлучиле да се (само)задоволуваат, зошто тоа не го направат дома, или во некој друг нивен личен и интимен простор, туку садомазохистички да се изживуваат во присуство на други (невини, измамени, набедени и изманипулирани) жртви.
Театарот е истовремено и индивидуален и колективен чин. Во интеракцијата помеѓу протагонистите и публиката се случува флуидот со емоции, возбуди и страсти. Во тој и таков правец: на интердисциплинарност, унапредување на театарската семантика, антрополошката улога на театарот и слично, на почетокот или на крајот и како најобично човеково љубопитство и несогласување и незадоволство со познатото и постигнатото, мора да се разбистри застоената вода, да им се даде првенство на новумите. Тоа не значи дека треба да се загушува, потиснува и негира новото, самостојното и некласичното, но и по секоја цена да се инсистира на принуден и вечен брак меѓу новопојавеното и востановеното (канонизираното). Со право, се прашуваат театролозите: зарем може да се помират пригодното и свечарски поводното – со потенцијално опасното и субверзивното?
Сî уште во театарот се случува конфузија и какофонија на (нај)различни експерименти и елементи, па се мешаат содржината со формата, методологијата со резултатот, креативниот концепт со формалниот чин, внатрешната потреба со извршниот налог, субјектот со објектот, свесното со потсвесното, реалното со имагинарното, духовното со материјалното… Во прашање е сî поизразената и понагласената определба за комуникација на јавноста со новиот уметнички сензибилитет, па во тие рамки и со новиот театар. Тој е иднината, а таа им припаѓа (само) на храбрите!
Тие нови театарски форми, претставуваат експеримент, пред сî, барање на новиот стил и начин, кој не случајно се (о)квалификува како нов и ќе остане таков сî додека не се појави некој понов, помоќен и уште потраен… А, кога дел од експериментите ќе станат прецизно и јасно дефинирани и прифатени како движења и правци во театарската уметност, тогаш веќе нема да се говори за тенеденции и обиди, себебарања и прове(т)рувања, најави и докажувања…