Завчеравечер на сцената на МНТ – театар Центар уште еднаш ја видовме и уживавме во речиси перфектната комедија на ситуации од овој маг на драматургијата… Заедно со него “виновници” за збрките и прељубата, со нашите болви во главите се актерите од МНТ … со “диригентот” Бранко Ставрев
Кога брачната болва во уво предизвикана од сомнеж, љубомора и недоверба ја имате на дланка преточена во една урнебесна бркотница од “бушави збрки” и извртување на јавниот морал во контекст на смеата, онаа исконска (од душа) ќе ја видите во театарот, тогаш заборавате дека токму таа иста смеа може да ни се случи и нам, но можеби малку поспоро, можеби малку понеексплицитно… Вака, во една подолга реченица може да се прераскаже пиесата на “модерниот” класик Жорж Фејдо, која опстојува на светската, театарска и драматуршка сцена точно еден век. Веројатно, оттука и идејата повторно и повторно и повторно таа да се поставува…
Завчеравечер на сцената на МНТ – театар Центар уште еднаш ја видовме и уживавме во речиси перфектната комедија на ситуации од овој маг на драматургијата… Заедно со него “виновници” за збрките и прељубата со нашите болви во главите се актерите од МНТ… со “диригентот” Бранко Ставрев. Точно, не режисер, туку диригент, бидејќи актерската екипа и беспрекорната прецизност во текстот, репликите и поставеноста на ситуациите, му ја дадоа палката со која требаше само да го вкомпонира тимот… и тоа му успеа точно, прецизно, убаво…
Кирил Андоновски или Шандебис, па дури и Пош, речиси неосетно преминуваше од еден во друг лик, но сосем видливо различен, што значи дека во својата умешност тој ја користи круната од четиридецениското сценско постоење… Александар Микиќ беше бравурозен Ками Шандебис, кој говорната мана на ликот не ја искористи за карикирање, туку да направи симпатична ролја… одлична “епизода” имаше Владо Јачев во Лудиот Американец… снаодливиот, огромен, а сепак мал (на моменти прегласен) Дехинстангва со Васил Шишков… надмениот (напати претеатрален) Ромен Турнел со Јордан Симонов… интересниот и “жив” Етјен со Александар Шехтански, умерениот, но добар Трајче Георгиев преку д-р Финаш… дрдорливиот и секогаш незадоволен дебелко, газда на хотелот “Златно Петле” со Нино Леви, кој го водеше со чувство за “мерка во играта”… симпатичната епизодна појава на Батистен или Гоце Влахов…
Женскиот дел од екипата го водеше Славица Ковачевиќ-Јовановска како Рајмонда Шанделис и Снежана Конеска-Руси како Лисјена де Хинстангва, која би можела на својот лик да му вметне повеќе живост… заедно со дооформените “епизоди” на (речиси секогаш) интересната Магдалена Ризова како Евгенија, Стојна Костовска со Олимпија Ферајон и Антоанета на Марина Поп-Панкова…
Сценската едноставност и вратите кои на моменти имавме впечаток дека “лебдат”, но низ кои се одвиваше урнебесот од комични ликови и ситуации и музичкиот избор на Ставрев, се дел од заокружената целина – “Болва во уво” која веќе оди на карта повеќе и ветува долг век…
Борче ГРОЗДАНОВ