TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Тихомир Стојановски

Денес, има нов масовен театар и за верскиот можеме да зборуваме како за стар, а за современиот како за нов. Нели? Денес има градски театри кои произведуваат спектакли, претстави кои немаат духовна сила, туку се работи за “себеафирмација”, “публикотропизам”, “театарски туризам” термини кои ги воведе Јержи Гротовски, создавајќи го својот “театар на 13 редови” во Ополе, Полска, недалеку од Аушвиц. А, всушност со тоа ги појаснува претставите кои се одделиле од верата, од храмот, од светилиштето и служат за разонода и забава на народецот. Што би рекле, денес во современата култура театарот и црквата станаа две институции, во големата мешалка на културите, т.е. глобализацијата. Или сега и овде, речено по театарски, театарот преминал на страната на масовната култура и можеби ја загубил својата базична смисла и изворност. Својата духовна сила.

Да се вратиме на театарската верба, односно на верата и театарот.

Ј. Гротовски, основач на театарот на “13 редови”, во Полска се залага за свет актер и свет театар, и термините се дадени за објаснување на масовната култура во театарот. “Театар – пазар” е исто така негов термин. Кога актерот игра на сцената како да продава или да се продава на пазарот. Секако и тоа е дел од природата на масовната култура. На распетието меѓу елитноста и масовноста.