TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Тихомир Стојановски

Крег е еден од оние театарски апостоли (како споредбеност со верата), кои оставиле траги на “мајката сцена” (Мајката Божица како споредба) со своите ставови и сфаќања за театарот, за феноменот на театарот. Се разбира нам ни е полезен, за да се повикаме на театарското траење и прилагодување на распетието меѓу елитноста и масовноста. Во суштината и двата театра, стариот – античкиот и новиот – верскиот ја имаат појдовната кота на елитна посветеност, а секако и крајната цел на масовноста, за да се прикаже или покаже моќта, силата, даденоста за владеење на владетелите. За да се слави Бог и владетелот, секако. За да се држи во покорност народот. Да му се покаже, одигра, прикаже кој е владетелот и кого народот треба да го почитува заедно со Господ Бог. Ако ги анализираме мотивите за свеченостите и процесиите во театарот и црквата организирани и спонзорорани од владетелите ќе дојдеме до мотивите за нивното одржување. На некој начин се работи и за елементи на поучност, за одредена кота на образување и образование. Секако, и покажување на одредена власт, правила, кодекс на однесување во славата-процесијата-таинството и во самиот живот и мотив, активно учество да земат народот и гледачите во процесиите на сцената и театарот и во верските храмови, да се почувствуваат важни, живи, дека и тие се битни за Бог и владетелот, а елитната култура да премине во масовна. Учество во стилот на палење свеќи, кажување, молитви, крстење, пеење свештени химни, дарување предмети на иконите и олтарите, степен на верба и сл.

Во современиот градски театар, пак, учеството на народот, односно на гледачите е со емпатија, чувствата на актерите и приказната на сцената ја доживуваат како своја. На некој начин со нивното воведување во играта, приказната, дејството на сцената имаме премин од елитност кон масовност. Се случува обнародување на сценската уметност, патека од елитната кон масовната култура.