МОНОКЛ

 

проф.д-р Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

2, Унковски и Ќирилов

Искусниот Слободан Унковски ќе рече: “Логиката на новата форма е поинаква од логиката на составните делови и тој микс отвора нов поглед во сфаќањето на театарската игра, а можно е и на театарската форма. На пробата, на моето работно место, сî можам да направам и од ништо не се срамам, ниту плашам. На цивилизацијата, која полека потонува во неизесност и со тоа нî прави очајни, и онака не можам да í помогнам…“

Додека пак, еден од двајцата главни “виновници“ за Битеф (заедно со Мира Траиловиќ), Јован Ќирилов кој на извесен начин е синоним за Битеф, зашто е селектор од основањето на Фестивалот, во врска со новите театарски форми подвлекува: “Уметноста е секогаш индивидуална кога е голема.  Нема вистинска уметност која не е и напредок кон некоја нова форма, со тоа што ништо, се разбира, не може да биде апсолутно ново. Во секој случај, нешто ново се раѓа. Немам сî уште способност за вистинска синтеза, но чувствувам дека тоа се случува. Уметниците, посебно поетите, први го воочуваат чувството кое живее во луѓето, ја насетуваат новата чувствителност, тие тоа први го изразуваат, први пеат за тоа, а читателите го препознаваат. Не знам што ќе се случи со уметноста, тука дури не ми помага ни онаа лулашка помеѓу романтичното и реалистичното, помеѓу ирационалното и рационалното. Не сум сигурен дека овој сегашен ирационален код ќе биде заменет со реалистичен. Може да се случи, но не мора. Луѓето постојано го бараат новото, но ми се чини дека не се занимаваат доволно со она што останува зад нас, што опстанува во стварноста и уметноста.  Така и во уметноста сî што е зоздадено – тоа и понатаму постои. И колку “Битеф“ и да се труди, како и некои други фестивали, да го покаже она што е поинакво и ново, што е многу добро за една конзервативна средина како што е нашата – а која е таква затоа што и школата нí е конзервативна, зашто не се предаваат новите техники – мораме да бидеме свесни дека и најконзервативните форми сред овој нов свет  постојат и понатаму, мјузикл, оперета, кабаре, бел балет, сето тоа и понатаму има своја публика. Сето она што е еднаш создадено – човештвото не го испушта од рацете“.