Тихомир Стојановски
КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ
3. ТЕАТАРОТ КАКО РЕЛИГИЈА
Но, да се вратиме на театарот и светилиштето. Нив ги поврзуваат неколку елементи. Свештенодејствија, дарување, обраќање кон Бога, хор, поучен дијалог и приказна (верска), свечен процес, градба која наликува со споредување една на друга, олтар во храмот и античка сценографија како изграден ѕид на антички театар, посветени учесници, верници – актери и други елементи. Секако и места зад олтарот и зад сцената. И накрај поаѓање од елитност и посветеност до масовност и религија за сиот народ (покрстување во храмот или театарска премиера во театарот). Верата поаѓа од неколкумина избраници и понатаму се доаѓа до масовност. Исто така и театарот се подготвува од неколкумина вереници, за да дојде до јавност и масовност со премиерата, односно соочувањето на претставата со гледачите. Несомнено базичните принципи на создавањето се слични, да не речам идентични. Тоа ни покажува дека почеток на обете институции бил од едно било, русло, извориште. Од потребата за духовно изразување. Или можеби како потреба на средба со Бога.
Секако, на почетокот за двете институции црквата и театарот е потребен чин на вера. Вера во процесот на создавањето. Во себе. Во самиот живот. Верба во Бога. “Нејсе”. Или верба дека создаваме нешто што има смисла како театарската творба. Верба. Религија. Посветеност. Предаденост.