Гравчевски, Владимир (1936 – 1978),
актер со огромна љубов кон театарот, кој покрај својата актерска дејност, несебично ја ширеше љубовта кон театарот кај младите. Несебично пренесувајќи го своето големо познавање на законитоста на театарот врз аматерите – членови на Младинската сцена, истата стана расадник на нови
кадри за битолското глумиште, а воедно и за македонското. Режирајќи претстави на Младинската сцена, со својата студиозна работа со секој актер, ја всади љубовта кон театарот кај овие млади луѓе, кои животниот пат по завршувањето на Академијата за драмски уметности го продолжија како зрели актери на сцената на битолскиот театар.
Роден е во Велес, во 1936 година.
Основното и средното образование го завршува во својот роден град. По неколку сезони настапување во велешкиот театар, во 1961 година доаѓа во Битола и се приклучува кон колективот на Народниот театар. Прераната смрт во 1978 година ја прекинува неговата животна развојна линија.
Во историјата на битолскиот театар остана како актер со огромна љубов и волја кон театарот и како самопрегорен деец.
Во периодот во кој работи остава солиден опус на креирани ликови: ликот на Голуб во „Вук Бубало“ од Бранко Ќопиќ (1962), Томче во Чорбаџи Теодос од Васил Иљоски (1962), Кулин во „Бура“ од Н. Островски (1963), Колин Тарбет во „Светлиот пламен“ од С. Мом (1964), Родриго во „Отело“ од Вилијам Шекспир (1970), Мимискит во „Нечиста крв“ од Б. Станковиќ (1971), Џим Скат во „Нашето бебе“ од Н. Мајо (1972), Пера Калиниќ во
„Госпоѓа министерка“ од Б. Нушиќ (1973), Херман Милер во „Две кристални чаши“ од И. Раос (1974), Пијаниот граѓанин во „Изгубеното писмо“ од Јон Лука Караџале (1975), Матичарот во „Свадбата на Мара“ од В. Костов (1976), Јаблан во „Фамилијата Бло“ од Љубинка Бобиќ (1976) и др. Негова последна ролја беше ликот на Темелко во „Време за пеење“ од Петре М. Андреевски (1977). Како режисер потпишан е на претставите „Незакопани мртовци“ од Ж. П. Сартр (1969), „Кој ќе го спаси орачот“ од Ф. Гилрој (1971), „На отворено море“ од Славомир Мрожек (1972), „Две кристални чаши“ од И. Раос (1974), „Четворка“ од Славомир Мрожек (1976) и др.