Крум Стојанов ( 1917 – 1996 )

 

Крум Стојанов
Актер
Роден: 6 март, 1917, Скопје, Македонија
Починал: 4 декември 1996 година, Скопје, Македонија
Добитник е на наградите: Стериина награда за најдобар актер

КРУМ СТОЈАНОВ (СКОПЈЕ 1917/1996)

Крум Стојанов е едно од најпознатите имиња на Македонскиот театар воопшто, кој најпрвин студира архитектура, а потоа глума на Драмското студио во Белград, па со професионална актерска дејност започнува да се занимава во 1942 година. Тогаш станува член на Народен театар во Скопје, играјќи на сцената крај Вардар релативно кратко време. Подоцна се приклучува кон партизанската уметничка група Кочо Рацин, каде учествува заедно со неколкумина постари драмски уметници во поставувањето на темелите на Македонскиот народен театар. Една година работи и во Обласниот македонски театар во Горна Џумиа (денешен Благоевград Пиринска Македонија), на чија сцена режираше и толкуваше повеќе ролји, во дела на А.Панов, М.Горки, Б.Нушиќ… Скоро една деценија со забележан успех игра и во Белградското драмско позориште како еден од водечките актери во овој своевремено највитален театарски колектив на екс Југославија.

Во Драмскиот театар од Скопје преминува заедно со поголема група актери од МНТ (1964), каде настапува повеќе од две децении и во кои се пензионира постигнувајќи ја својата најголема афирмација, не само на македонскиот, туку и во екс Ју просторот, добивајќи двапати едноподруго две Стериини награди за глума. Добитник е и на нгаградата 11 Октомври за животно дело, Златен прстен со ликот на Љубиша Јовановиќ, а има добиено и две награди од владата на НРМ.

За осведочените негови актерски вредности најпофално се искажуваат поголем број реномирани југословенски театарски и други критичари и тоа од форматот на еден Јосип Видмар, потоа Ели Финци, Велиборг Глигориќ, Лука Павловиќ, Драган Јеремиќ, Јозо Пуљезовиќ…

Крум Стојанов му припаѓа првостепено на реалистичниот стил на глумата, но во една посовремена варијанта. Тоа би значело дека неговата глума се стреми кон модерна експресија. Во играта на овој сестран театарски творец (освен со актерско се занимава уште и со режија и со сценографија) се чувствуваат силни индивидуални акценти како и способности за смели скокови во мисловните длабочини, постигнати со бескрупулозната студиозност во креирањето на секој лик. Затоа не е воопшто претерано, ако се каже дека Крум Стојанов изненадуваше со оригиналниот артизам, широкиот распон на театарски култура и талент, посебната физиономија, со точните трагични и полни со вирутозност тонови…

Своите најуспешни актерски реализации ги постигнува во Драмскиот театар: Клисарот во монодрамата на М.Сореску, Богот во “Адам Ева и Јов” од Б.Ѓузел, Аџи Трајко во “Бегалка” од В.Иљовски, Ел. Илустристими во “Карпискито министер” од К.Чашуле, Агатон во “Нажалена фамилија” од Б.Нушиќ…

На сцената на МНТ остварува позначајни ролји во дела од Горки, Шекспир, Остовски, додека во Белградското драмско позориште се истакнува во претстави на текстови од современо западно-европска драматургија.

Своевремено Стојанов се занимаваше и со радио драмско творештво, режирајќи поголем број радио драми во кои беше и чест гостин како актер.

 

Филмологија:

Мали човек (1957),

Време без војна (1969)

Сослусуванјето на зелезницарот (1977).

Режија: Слободан Унковски
Писател Горан Стефановски

 

Монокл

 

проф.д-р Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

  1. Тотален театар

 

За неговата естетичка и поетичка рамка, за митските тајни, цивилизациските наследености и придобивки запишани се и објавени бројни критичко-есеистички прилози.

А, за една од неговите најнови претстави пишува и критичарката Сунчица Уневска во Утрински весник: “Овој пат Животот е сон, и самата е поставена како алегорија, како игра на слики, на алузии, на движења, како визуелен или, како што вели самиот автор, тотален театар, во кој се навраќа на неговите основни постулати.

Оваа претстава која зборува за судбината, за нејзината предодреденост, за тенката линија меѓу животот и сонот, но и за злото и доброто, можеби нема класична драмска структура, но се обидува во себе да ги спои сите придобивки на театарот, на визуелниот и наративен израз, на физичкиот и ментален спој. Таа се обидува да ги задржи оние суштински и филозофски димензии на извонредниот драмски текст на Калдерон, но низ музиката, танцот, мимиката, низ визуелната уметност. И би рекле, успева во тоа, но многу повеќе надворешно или задржувајќи се на изразот и на сликата отколку понирајќи во суштината.

Станува збор за стилски многу добро изведена претстава, атрактивна, забавна и интересна, претстава која го задржува вниманието и понесува со својата полетност и луцидност. Таа е поставена како своевидна сказна, во чиј свет на фантазијата нé воведува и нé води нараторот, навестувајќи ни секогаш што е целта, но еднакво изненадувајќи нé со своите оригинални и добро замислени решенија, во поглед на сценографијата, костимите, музиката и играта. Но, освен што извонредните стихови од текстот ги добиваме низ одличниот сликовен, танцов и музички потенцијал, оваа многузначна и повеќеслојна поезија не добива друга димензија во претставата.

Групните и заеднички сцени се одлично замислени, режирани и изведени. Претставата се гледа во еден здив, создава добро расположение и впечаток, но, пред сé, со својата кореографија и сценска поставеност.

Додека пак, говорејќи за ” Животот е сон актерката ” Арна Шијак дополнува дека нивната претстава не е произлезена само од перото на Калдерон, туку тоа е и магија изнедрена од светот што целиот свој живот го сонува Цветановски. Претстава која верувам ќе кореспондира со секое живо битие на овој свет бидејќи ги чепнува архетипските мигови какви што се слобода, живот, окован човек, свесен за тоа или не, дел е од сонот или не.

Издавачката куќа “Феникс“ објави книга посветена на прерано починатиот театарски режисер и универзитетски професор Владо Цветановски. Тоа е изданието “Театарот е фабрика на соништа“ од битолскиот новинар и театарски критичар Зоран Пејковски.

Во книгата се содржани повеќе рецензии, илустрирани со уметнички фотографии, а кои се однесуваат на театарски претстави изведени во Народниот театар од Битола, но и интервјуа со Владо Цветановски, од кои е извлечен и насловот на оваа необична и значајна книга.

Авторот Зоран Пејковски во првиот дел од книгата со прекрасен наслов Театарот е фабрика за соништа публикува девет театарски рецензии за претстави изведени во 2011 и 2012 година на сцената од Народниот театар во Битола: Дон Кихот од Сервантес, Вишнова градина од Чехов, Медеја од Милер, Минхаузен од Горин, Јане Задрогаз и Лет во место од Горан Стефановски, Хенри Шести од Шекспир и Травничака хроника од Иво Андриќ. Во вториот дел, посветен на прерано починатиот режисер Владо Цветановски, застапени се рецензии за претставите Безбог и Нашата жена во Париз од Јордан Плевнеш,  како и интервјуа со режисерот Цветановски.

Зоран Пејковски, се претставува како доследен театарски проследувач на штиците што значат живот, презентирајќи дел од битолската театарска хроника, но и на театарскиот опус на Владо Цветановски. Во неговите текстови има многу љубов, емоции, страст, но и сведоштво, фактографија и имагинација. Инаку, Зоран Пејковски е театролог, кој во моментов е на постдипломски студии по драматургија и е еден од најревносните и најагилните проследувачи на театарскиот живот во Битола.

Зоран Иваноски – актер

 

Во прво лице

ТЕАТАРОТ – Професија ….На 2ро место… 🙂

 

1. ЗА СЕБЕ Не се зборува за себе.. другите треба да кажат..

2 . ЗА ЉУБОВТА: Не си човек без неа

2. ЗА ЖИВОТОТ: Нема реприза

3. ЗА ТЕАТАРОТ: Професија ….На 2ро место… J

4. ЗА ДОБРОТО Се помалку и помалку го има

5. ЗА ЗЛОТО Се повеќе и повеќе го има

6. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ Копита со кои не треба да се занимаваме ха ха ха

– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Пресреќен сум што ги имам

7. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ Одвратна

8. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА Не треба да ја има… нека си ја извадат платата тие што треба да ја исчистат J

9. ЗА КОЛЕГИТЕ Без нив ништо си на сцената

10. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ Ќе ги одиграм…. ако не ги одбијам J

12 . ЗА ИДЕЈАТА Ако имаш идеја, имаш цел и ја остваруваш (ова е одговор од жена ми, J се сложувам, фала Дани)

13. ЗА СОНОТ Го живеам

14. ЗА ЈАВЕТО Тоа е …

15. ЗА ВИНОТО Не пијам вино

16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО СЕ НА СВЕТОТ ..ЖИВОТ… ИЗВОР НА ЕНЕРГИЈА.. ПРИЧИНА ЗА СЕ !

17. ЗА КРАЈ Нема крај

18. За Моторите +299км/х….СТРАСТ..ПОТРЕБА…. НАЈДОБРАТА ДРОГА НА ЦЕЛ СВЕТ … АДРЕНАЛИН…МНОГУУУУ АДРЕНАЛИННН….ПРЕДИЗВИК… ЕЛИКСИР НА МЛАДОСТА ….ЕДНОСТАВНО БРЗИНАТА МЕ ИСПОЛНУВА МЕ ДРЖИ ВО ЖИВОТ…. (ТЕШКО ДА СЕ ОБЈАСНИ А УШТЕ ПОТЕШКО ДА МЕ СВАТИТЕ J ха ха ха ха)

НА 1во МЕСТО ПРЕД ТЕАТАРОТ, А ДАЛЕКУ ПОСЛЕ ЛУКА И ДАНИ

TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Тихомир Стојановски

  1. КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

ТЕАТАРОТ КАКО РЕЛИГИЈА

(точката на елитност)

-глава втора-

 

Во книгата “Кон новиот театар” на Е. Г. Креиг 19, како и во другите театарски книги на почетокот е поместено толкувањето на зборот театар. Ова би значело дека кога се пишува и зборува за театарот, секогаш се почнува од појаснувањето на самиот збор.

“Театар, француски збор, дојден од латински и од грчки. Театар, место на кое се гледа шоу. Теа – значи вид20”. Несомнено убаво е да се има точка од која може да се тргне кон магијата, волшебството или духовноста на сцената. Кон вербата и театарот и нивната заемност. Да се има од каде да се започне. Да се тргне на патешествие.

Суштината на насловот на книгата е стремеж кон новиот театар. Од стариот кон новиот театар. Патека или поврзување на сценската суштина. Зборовите стар и нов, во однос на театарот, мислам дека се несоодветни. На сцената има едно правило кое се одредува со зборовите СЕГА и ОВДЕ, кога се сака со неколку думи да се објасни и појасни театарот. Што би значело дека театарот се случува сега и овде, во вдахновен миг. Во миг на соочување на актерите со гледачите. Вчерашната претстава не им е важна на гледачите. Тие ве гледаат сега и овде на денешната претстава. Како точка на сегашност низ која се провнуваат минатото и иднината. Нели не можете на гледачите да им речете нешто во стилот :

“Почитувана публико! Простете денес не игравме најдобро, ама вчера како сме играле, леле, леле… штета што не нé гледавте вчера”. Така.

Но, нели имаме стар и нов завет, па веројатно ви требало да имаме стар и нов театар. Категории на старо и ново. Нешто што било, оставило траги и поминало и нешто што сé уште се создава и трае. Театарот. Се разбира не се работи за градбата, туку за принципите на настанувањето. За принципите на елитност и масовност. За самата суштина на законитостите на сцената. На пример, за текст кој е напишан пред повеќе илијади години и кој се игра и “оживува” на сцената во сегашен миг.

Но, оваа книга на Г. Крег ја повикав за сведок и собеседник во магистерската теза за други сознанија, кои ни ги пренесува преку “словата на Бога”. Еве што вели на почетокот:

“…Ви треба сонце да живеете… кога драмата влегува внатре умира21”.

Авторот зборува за театарот, кој настанал на отворен простор во антиката, за стариот театар и за оној во театарите-згради, за новиот театар. И понатаму:

“…После грчкиот доаѓа христијанскиот театар… фрески, хор, гламур, процесија, обред, музичари, сé е исто освен тоа што се случува внатре (во затворен простор) …верски театар”22

Потоа ја подвлекува следственоста како:

“… антички (грчки) и рисјански театар”23

Несомено, авторот ја подвлекува длабоката врска на театарот и верата. Прави јасна разлика меѓу античкиот и црковниот (христијанскиот театар). За некој, кој театарот го разбира само како “место за гледање” и “место за забава” оваа теза, овие сознанија ќе бидат неприфатливи. Каква врска има црквата, храмот со театарот? Ако на театарот се гледа само од површинската страна на нештата тогаш може да наликува дека театарот и црквата немаат допирни точки на поврзаност. Дека “теа” на грчки е гледка во “Грчко-бугарскиот речник”.

 

ТЕМНАТА СТРАНА НА СТВАРНОСТА

 

Кон премиерата на претстатавата „ Експеримент “ , во режија на Јане Спасиќ, а во продукција на невладината организација и театар „ Артопиа“.

Спасиќ преку мултимедијален израз направил жесток политички театар, со кој ја коментира и критикува денешницата , покажувајќи на човекот како на трагично битие, осудено на пропаст.

Сотир Трајков

Месец јуни 2017 , протекува со богата културна понуда во Скопје. Настани организираат институциите, но и независната сцена работи под полна пареа. Токму таков впечаток остава последната премиера во Младинскиот културен центар. Во режија на младиот , според прикажаното, бескомпромисен режисер, Јане Спасиќ, беше изведена претставата „ Експеримент “ , во продукција на невладината организација и театар „ Артопиа “. Претставата е базирана на книгата „ Ефектот Луцифер “, од американскиот социјален психолог Филип Зимбардо. Тој своите 30 годишни истражувања на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, ги сместил во овој труд, докажувајќи дека системот преку различни методи може од нормална, хумана личност да произведе вистински злосторник. За таа цел, вршел повеќе експерименти со доброволци, студенти и други личности, изложувајќи ги организирано и на свирепи страдања, додека да ги запре експериментите. Прочуен е неговиот психолошки експеримент со затворање 12 доброволци и обезбедување од исто толку чувари, за секого од нив. Дехуманизацијата и деиндивидуализацијата на поединецот денес , е тематскиот фокус во научните истражувања на професорот Зимбардо, прикажани низ примери на понижување и страдање на поединецот , групата или масата, заради системски виши цели. Тоа е пренесено во драмската предлошка за претставата и акцентирано низ една од улогите на актерот Ненад Митевски, кога игра нацистички војник- учесник во Холокаустот.

Режисерскиот концепт на Јане Спасиќ се базира на гротескно- фантазмагоричниот приказ на светот. Се разбира, овдека не е изоставено нашето актуелно место како социо- политички контекст , во општиот хаос, безнадежност , уништување и распад. Тргнувајќи од глобалната кон локалната слика на стварноста, Спасиќ преку мултимедијален израз, направил жесток политички театар, со кој ја коментира и критикува денешницата , покажувајќи на човекот како на трагично битие, осудено да ги повторува грешките низ историјата. Во тој контекст, низ фабулата се поставува прашањето, дали такво какво што е, катастрофично, човештвото има право на нова шанса, за да опстане и почне од почеток ? И се разбира, во име на хуманоста добива „ зелено светло“, иницирано од ликот на Мартин Јорданоски.

Во претставата настапува млада актерска екипа , чија главнина повеќе години работи и на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје. Погоре споменатите Митевски и Јорданоски, Бојан Кирковски , Симона Спировска Костовска, засилени со свежо дипломираната , но веќе забележана , Матеја Јанковска. Оваа екипа социјално освестени актери, низ досегашните проекти , но и преку овој „ Експеримент“, не запираат да ги преиспитуваат деликатните прашања од стварноста и на уметнички , ангажиран начин да го пласираат својот став за нив . Тоа го прават провокативно, без пардон, жестоко до бруталност, преку јазикот што го користат во претставата и преку дејствието, на кое му се предаваат со целиот психо-физички апарат.

Некого можеби ќе го шокира, што паралелно со насилните сцени меѓу повозрасните актери, сосема мирно и концентрирано на сцената играат две деца. Марија Јанчевска (12) и Михаел Стојановски (9) години. Тие се идните актерски ѕвезди, ако решат да му се посветат на театарот или на филмот. Тие се моето откритие од оваа претстава. Зошто? Затоа што понесоа товар на вистински професионалци и покажаа дека улогите ги владеат до детал. Нивната игра беше показ за предвременото созревање, да не речам стареење, на младите денес, под налетот на суровата реалност. Симпатична беше приказната за жапчето, како алегорија за доскорашниот лидер на нацијата, раскажана многу сугестивно од Михаел Стојановски. Тој половина претстава уверливо играше и глувонемо дете и го користеше знаковниот јазик. А, на висина на секоја актерска трансформација , со усет за преживување на состојбите на ликовите што ги толкува, беше и Марија Јанчевска. Сите заедно, и повозрасните и помалдите, колку беа фантазмагорични креатури, толку можеше да се читаат и како гласови на колективната меморија или на совеста на човештвото, која полека се буди. Во тоа е најголемата вредност на „ Експеримент “ како театарски чин, зашто зборува за свесноста на иднината на овој свет, која не се помирува со таа и таква бесперспективност.

За обликувањето на сценографија, со назнаки и реквизити кои асоцираат на морничав, обезличен, клаустрофобичен простор, беше задолжен Кирил Василев. А, костимите изработени во футуристички стил, се авторство на Бранкица Јордановска. Монтажата на документирани видео секвенци од светската и домашната историја, политика, активизам, уметност и култура, ја направи Горјан Атанасов, а светлото го дизајнираше Дарио Секуловски.

Дали верувате во Бога, во политика, во наука? Сеуште одѕвонуваат овие прашања од претставата, во моите уши. Прашања на кои секој од Вас ќе си одбере, во што верува или не верува и ќе си одговори. Но, дали верувате во себе, во човекот на новото време, во љубовта, хуманоста и емпатијата? Конечно, дали верувате во иднината на овој свет и имате ли верба и сила да придонесете во тоа? Каде што завршува добрата претстава, започнуваат многу прашања за по дома, за себе си…

 

Капки пот, солзи вода… Прекрасна приказна!

 

Во малиот простор, полн капки пот, солзи, вода … љубомора, завист… љубов и се она што го “краси” еден човек и оној еден “не”човек, сето ова го имаме во претставата ” Отело ” на Турски театар.

Ниедна изгубена војна, ниеден куршум во војната, не го здоболува мажот колку што може да го погоди изневерувањето на љубената жена… Да го стави на колена дури и пред камшикот да не потклекне, да не може да ги сoпре бурите мисловни, дури и смртта на својата Дездемона и ја подарува со бакнеж. Сето ова ни го прикажа Џенап Самет во главната улога на Отело.

Жената воин, која чекајќи ја љубовта, војува во себе длабоко, со неправдата која и е нанесена, но не изостанува физичката борба, на кревката Сузан Акбелге. Таа стамено ќе стои зад своето достоинство, а преку тоа и на својот Отело. Незината силна емоција која до последениот здив ни откри дел од својата голема транформација, созите во чашата полна со зборови, кои долго, долго ги собира една жена, ете, тоа точно ни го подари хероината Дездемона.

Интересен и секако со најголмата заслуга за сплетките кои му легнаа комотно, и целосно го зграбија неговиот талент, и како мигот да застана во врзаните јазли во игра на јажето, каде ни ја наговести смрта, која тој ќе ја заговара мудро, префинето, со многу шарм својата раскошна трансформација, ете тоа е актерот Селпин Керим, со луцидноста која му припага само на еден, на “не”човекот Јаго.

Верниот и најдобар војник, добар пријател на семејството, тој е секогаш првата мета, за да се разниша тоа, и лукавиот најбргу пристигнува преку него, така и овде актерот Осман Али, успева да потпадне под власта на лажните зборови, кои направија тој да е жртвеното јагне, но, силината на војникот повторно се бореше до крај иако војната е завршена, јасно си ја зема во свои раце одбраната на правдата, верниот Касио.

Лукавиот секогаш има прислужници, така и овде успешно ја имаше обземно со целосна страст, со која си поигра токму колку што му треба, актерката Зубејде Али,која ни го покажа контролирано играње на слугинката Емилија.

Во целата претстава си имаше и место улогата на Неат Али, со неговите епизодни појави како Родриго.

Водата- може ли да ги измие телата, тешкиот шинел, војна, бремето со себе војувајќи. Се тоа тешко дека таа ќе го измие, и донесе нешто убаво. Вечната борба со нечовекот и љубовта, каде ја има да биде уништена. Со многу вода, вода која казнува, зборува, убива и не залечува рани, никогаш од било која војна – клевета. Се си имаше своја функција, целосно искористена сцена, за режисерот Пројковски ни дари една убава водена приказна со многу ефекти, ни подари поинаков Отело.

Браво!

Kатерина Грозданова

ПОПОВСКА ЈОАНА – (1943) актерka –

 

Поповска, Јоана (1943),

актерka – првенка на Народниот театар – Битола, која со еднаков успех настапува во дела од различни жанрови. Подеднакво се експонира и во дела од антиката, комедијата, психолошката драма и трагедијата, наметнувајќи се со својата инспиративна игра и со својот богат сценски темперамент.
Родена е во 1943 година, во Битола. За првпат на сцената на Народниот театар – Битола се појавува како петгодишно дете, играјќи го ликот на детето во претставата „Печалбари“ од Антон Панов (1948), а на
шеснаесет години, заради извонредниот талент, станува редовен член на колективот на Битолскиот театар (1960) и скоро две децении е на самиот врв, играјќи мошне интензивно и без здив. Со зачудувачка леснина и спонтаност, со богати внатрешни пулсации, со неисцрпна фантазија ги креира ликовите од античката, странската и домашната драматургија.
За тоа потврда е наградата на град Битола „4 Ноември“, доделена за ликот на Катерина во „Бура“ од Н. Островски (1963).
Најзабележителни остварувања кои се издвојуваат во огромниот список на одиграни ликови се: Катерина во „Бура“ од Островски (1963), Офелија во „Хамлет“ од В. Шекспир (1966), Дездемона во „Отело“ од В. Шекспир (1970), Петрунела во „Дундо Марое“ од М. Држиќ (1972), Живка во „Госпоѓа министерка“ од Б. Нушиќ (1973), Електра во „Агамемнон – Електра“
од (1976), Вера во „Елена Ќетковиќ“ од (1976), Мара во „Свадбата на Мара“ од В. Костов (1976). Со зачудувачка леснина и спонтаност, со бујна разиграност и фантазија креира ликови од детската драматургија: Див-
на во „Педаче“ од Љубиша Ѓоќиќ (1973), Мери во „Сенката на Господинот Вип“ од Ад. Грејданус (1974), Пипи во „Пипи долгиот чорап“ од Астрид Линдгрен (1975) и Дороти во „Големиот волшебник“ од А. Фраибаум (1978).
Во периодот од 1978 – 1995 година таа го напушта театарот под Пелистер и
преминува во драмата на Македонскиот народен театар – Скопје. Но и покрај тоа, таа како гостин со несмален интензитет и соживеаност го игра ликот на Велика во „Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1982). И по нејзиното пензионирање, таа интензивно продолжува да настапува, останувајќи верна на својата битолска публика.

Настапува во мошне забележителните претстави: Велика во „Бегалка“
од Васил Иљоски (1995), Контеса де Латур во „Одам на лов – апансаз“ (1995), Џеси во „Добра ноќ, мајко“ од Марша Норман (1996), Аманда Вингфилд во „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс (1997), Анита во „Антигона во Њу Jорк“ од Јануш Гловацки (1997), Мајката во „Мачка на вжештен лимен покрив“ од Тенеси Вилијамс (1998), А во „Три високи жени“ од Едвард Олби (1998), Варвара Жешкова во „Последните селани“ од Петре М. Андреевски (1998), Вајолет во „Паметењето на водата“ од Шила Стивенсон (2000),
Ани во „Дама за еден ден“ од Олег Данилов (2003), Војвотката од Јорк во „Ричард III“ од Вилијам Шекспир (2005), Аграфена Кондратјевна во „Банкрот“ од А.Н. Островски (2005), Мери Каван Тајрон во „Долго патување во ноќта“ од Јуџин О’Нил (2006) и др.
Богатото креативно присуство е забележано во дуодрамата „Столови“ од Е.
Јонеско (2002), која по прераната смрт на Сребре Ѓаковски, продолжува да ја игра како монодрама. Со улогата на Мара во „Свадбата на Мара“ од В. Костов (1976) го постигнува најголемиот успех. Само во една година (1977) освојува три врвни признанија: наградата „Златен ловоров венец“ на МЕС Сараево, Стерјината награда за најуспешна актерска креација и највисокото републичко признание „11 Октомври“.
Со својата оргиналност, неуморност, внесувајќи се во секој лик, се здобива и со три артистички награди и наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело, а со претставата „Трите високи жени“ од Е. Олби, со престижната награда „Ристо Шишков“ за најдобро актерско остварување. Трипати ја добива наградата „Европски актер“. Во 2010 година на
фестивалот на монодрама во Отешево ја добива наградата за животно дело „Европски актер“.

Васил Михаил – актер&режисер

 

Во прво лице

о4.о7.2017год

МАЛКУ ПОЕЗИЈА…

ЗА СЕБЕ                                              Другоста себството го таи

ЗА ЉУБОВТА                                     ко вода што тече без срам

ЗА ЖИВОТОТ                                      повторливост нема ни драм

ЗА ТЕАТАРОТ                                      свети се неговите одаи. 

ЗА ДОБРОТО                                       Широка е реката што тече

ЗА ЗЛОТО                                              брокат во неа живиот свет

ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ                             те сакам речеш ли

 – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?                           за другиот си сив и блед.

ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ            И нема човек толку искрен

ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА            од правта да не биде докусурен

ЗА КОЛЕГИТЕ                                       и смирен да постапува уверен

ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ            во себството е секогаш ефемерен.

ЗА ИДЕЈАТА                                          А вулкани под реката вријат

ЗА СОНОТ                                              зјаат дупки што лавата ја пијат

ЗА ЈАВЕТО                                             бијат, ријат, вијат, гнијат, кријат, тријат

ЗА ВИНОТО                                           беспаметно се љубат трајно.

ЗА СЕМЕЈСТВОТО                                Себството другост гаи

ЗА КРАЈ                                                    вселена чудна таи.

 

 

Креативноста е Слобода и Време

 

ИНТЕРВЈУ СО ЕМИЛ ПЕТРОВ, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА СЦЕНОГРАФИЈА НА 52. МТФ Војдан Чернодрински – Прилеп

о3.о7.2017год

1 Од каде доаѓа инвентивноста, низ цртани слики да се раскаже претстава?

Создавањето на секоја претстава е интересен, интензивен и неповторлив експеримент на создавање на нов организам (претстава/машина) со зададен генотип од драмскиот автор и концепт од режисерот, и метаморфоза на тој организам во сложен систем низ многу креативна работа на сите уметници вклучени во тој процес. Цртежот или скицата е првата алатка со која се обидувам да забележам дел од тоа време, како идеја или момент.

2. Зошто ме понесува чувството дека кубизмот некако ти е легнат на душа?

Ја сакам едноставноста во сé, па и во уметноста, но од друга страна многу ја сакам и онаа друга страна на едноставноста, која зборува за процесот на постигнување на таа едноставност, за нејзиното значење и порака.

3 Во кој миг од креативноста, застанува здивот, од задоволство или незадоволство, и што се случува во тој миг?

Од задоволство. Повеќе сакам така да се одвива креативниот процес. Тој краток дел од времето кој се нарекува креативен МИГ, за мене постои во повеќе димензии и возможно е да се опише најмалку со две приказни (од бесконечен број возможни). Во потрага по такви моменти користам повеќе креативни алатки од различни области на уметноста, стари и нови сознанија од природните науки и многу, многу музика.

4. Кој дел најмногу влијае, ја иритира твојата креативност?

Слобода и време.

Уметноста не може да постои ако не постои слобода во секоја смисла, во која се користи зборот “слобода”. Од друга страна, значењето на истот збор, може да се дефинира на различни начини, зависно од бројот на уметници вклучени во креативниот процес. Не сакам кога уметноста мора да има временска рамка, но од друга страна и таа рамка знае да биде врата до нови експерименти и сознанија. И времето знае да биде добар катализатор на мудроста.

5. Која театарската линија е најделикатна за работа и создава одбивност, нервоза, а која создава среќа?

Театарот за мене е еден од најубавите експериметни кои имаат привилегија да се случуваат во живо, во директен контакт со публика која е различна на секоја изведба, актери кои говорат ист текст на сцена, со договорена емоција, редослед на сцени, но тој микс е секогаш различен и неповторлив. Неодоливо жив процес многу сличен на вистинки експеримент, по карактеристики кои за мене прават еден експеримет да може да се нарече така. Комплексноста на создавање на театарска претстава некогаш е бурен, но и отворен процес кој во текот на пробите заедно со сите кои учествуваат внатре, ги наоѓа начините на создавање на групна креација и среќа.

6. Eротиката во Лисистрата?

Аристофан за мене е еден од најинтересните драмски автори, посебно ако се земе во предвид дека неговите дела се стари повеќе од 2000 години, и зборува за еден дел од еволуцијата на човекот во тек на 20 и повеќе векови. “Лисистрата” во суштина говори за една долга војна која мажите ги држи настрана од своите жени, така што еротиката во некоја смисла сама се наметна како естетика, бидејки покрај класичната војна се случува уште една сатирично-интересна “војна” меѓу двата пола. Еротиката е убава, естетска, филозофска, уметничка, сатирична и еснафска алатка. Се надевам на повторна средба со Аристофан во “Птици”, “Облаци” или “Жаби”.

7. Следни еккперименти?

Београдско Драмско Позориште, М. Булгаков, “Станот на Зојка”, со големата театарска и филмска дива Ана Софреновиќ во главна улога, премиера во октомври 2017, многу длабок и интересен период за истражување, уште поинтересен автор, музика на Огнен Анастасовски, познанства со нови артисти во големиот град.

8. Тешко ли е да се работи со Поплавска, ама искрено?

Голем предизвик, многу работа, голем експеримент, многу музика, многу убава работа, многу учење, многу креација, многу емоции, многу љубов.

За неговито творечки животот пис дознате на овој линк

http://emilpetro.wixsite.com/arteria

 

АДРИЈАНА БИЛАЛОВИЌ ТОДОРОСКА – актерка

 

 

Во прво лице

АКО ЉУБОВ НЕМАМ, НИШТО НЕ СУМ

 1. ЗА СЕБЕ сакам да се смеам, да умирам од смеење

2 . ЗА ЉУБОВТА: ако љубов немам, ништо не сум

  1. ЗА ЖИВОТОТ: благодарна сум и за радоста и за болката. Се е сега и овде. Се. Чистото време е љубов, изгубеното време е плач
  2. ЗА ТЕАТАРОТ: Го сакам! Прашината, мирисот, тремата. Безкомпромисен и смел. Трогнува и ежи. Од и до. Алфа и омега.
  3. ЗА ДОБРОТО Сеуште верувам во него, го негувам во себе
  4. ЗА ЗЛОТО толку е сеприсутно! Го прави светот неподносливо грд.
  5. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ не се вредни за зборови

 – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Толку се малку, но се книга отворена

  1. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ Не благодарам!
  2. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА прашина под рефлектор- цел космос
  3. ЗА КОЛЕГИТЕ на исто патешествие сме
  4. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ ајде, што чекате?!

12 . ЗА ИДЕЈАТА Нејзиното потекло е мистерија, се јавува во дел од секунда, а чуда прави!

  1. ЗА СОНОТ не будете ме сеуште верувам!
  2. ЗА ЈАВЕТО ми се преплетува со сонот, но тука сум!
  3. ЗА ВИНОТО мммммм да!
  4. ЗА СЕМЕЈСТВОТО моето топло огниште, мојот сладок хаос, мое прибежиште, рачиња што се подаваат, ноќи неспани, смеа, плач, сигурност, радост, игра, љубов… се!
  • ЗА АКТЕРКИТЕ СЕСТРИ Необична судбина! Толку различни една од друга, од трета, а една крв!
  1. ЗА КРАЈ: САКАЈТЕ!