НАМЕСТО ХЕПИЕНД
проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
- НОВИ ТЕАТАРСКИ ФОРМИ, КЛИШЕА И УНИФОРМИ
Или: за формата, за театарот, за публиката, за критиката, за (нај)новото…
Неиспратено писмо до Ана Стојаноска
Драга Ана,
1.Содржина (и)ли форма
Убаво нí ја фрли ракавицата. Ти благодарам за тоа. Како предизвик, но и како провокација. Нí зададе домашна задача на тема нови театарски форми, па првата и најбрза мисла во врска со насловот беше: зошто (само) форми, а не и содржини. Би можело да се додаде и “и“, но и “или“, но можеби е најдобро, сепак, заедничкото решение “(и)ли“. Во секој случај, не сакајќи да бидеме здодевни и претенциозни, па да дебатираме што е постаро јајцето или кокошката и што е побитно содржината или формата, сепак, факт е дека сî повеќе се зборува за формата, отколку за содржината. И јавно, и глобално.
Иако тешко може да се открие и заклучи каде завршува содржината, а каде започнува формата и обратно, теоретичарите веќе говорат за преминувањето и претопувањето на содржината во форма, не само во формалната и привидната сфера, туку и на суштински и значенски план, а многу помалку, за жал, се потенцира обратниот и реверзибилен процес.
Па, што е тоа основното и примордијалното во врска со оваа најнова актуелна тема, ако не воочувањето и осознавањето на заморот и здодевноста од веќе виденото и доживеаното, од демодираните и тривијални содржини, од празните и веќе закостенетите форми… Значи, во прашање е потребата од замена на традиционалното и конвенционалното, исто како што е евидентната потреба од нов и поубав (посвеж) воздух.
Трагачите по постојано нови возбуди – најчесто се и први протагонисти, или ним пак најпрвин им доаѓаат во пресрет.
Новите генерации на театарската публика, но и новата театарска критика, која е потреба и императив, сî почесто и позасилено го придвижуваат театарското тркало, како и осовините и на сите други сценски и не само сценски уметности.
Живееме во време кога уметноста стана агресивна и бескруполозна индустрија. Па, за уметничка и, во случајов, театарска транзиција – говорат и говориме (како навиени автомати или издресирани папагали) и сите ние.
Понекогаш имам чувство дека по илјадити пат ја слушам и сум сведок на онаа добропозната ситуација и анегдота, кога некој кој воопшто не го слуша што зборува претходно соговорникот – решително (и утешително) му вели: “не знам што рече, но знам дека сигурно си во право и јас се согласувам со тебе“! Ете така, отприлика, со невидена леснотија и стаменост во однесувањето, но и со непритивната и пресметана одлучност во изразот, учествуваме во колективната бламажа и персифлажа!
Кога нема кого веќе да лажеме и излажеме, што нí останува друго, освен да се лажеме и прелажеме себеси. Се разбира, со одбрани постапки и зборови, од сцената или под неа. Сеедно (кога е во прашање лажењето), но несеедно кога е во прашање театарот. Тој постои и единствено функционира само во името и во прегратките на вистината. Сî друго е само баласт, квантитет, форма, (рас)пад, криза и стагнација…
Но, таму каде што има облаци, за среќа, има и дожд и сонце! Така, и покрај тавтологијата и вртењето во круг, кога промените ги заговараат и жилаво се борат за нив (па и се колнат во нив), дури и оние кои воопшто не ги разбираат, не ги практикуваат и не ги применуваат, т.е. некој постојано како да им (до)шепнува дека тие задолжително ќе се случат, па слепо и беспоговорно веруваат во тоа, иако не знаат како да го направат тоа. Значи, промените се евидентни и неминовни, доаѓаат како брз и плавен светски, европски или бран од окружувањето, па прифаќањето и практикувањето се одвива и побрзо и полесно и (се чини) побезболно. Со или без трауми, гребнатини и лузни, македонските театарски творци се дел од светското театарско и сценско уметничко семејство, кое денизден се престројува и трансформира, подеднакво стравувајќи од исчезнувањето, од безизлезот, од бесперктивноста и некреативноста, но и од зачестеното и упорно тропање на погрешна врата.
Истражувањата на новите театарски форми, (у)кажуваат дека, на пример, “Битеф“ го живее својот среќен и долговечен живот – благодарејќи токму на новите театарски изрази и форми, значи не само форми, туку и содржини, а во блиското наше окружување е и (не случајно така наречен) “Фестивалот на нови театарски форми“, па и бројните манифестации и институции кои инсистираат на малите театарски форми…
Новите форми, ете, да го употребиме и ние тој фамозен исказ, соодветствуваат на динамичноста и инстантноста на новото и во новото време, практични се и рационални, па ги препознаваме и како монодрама, пантомима, драмски меѓужанр, театарска иновација и експеримент, сценски колаж и микс…