Возот на Фениксот се вика Скопје

ТЕАТАРСКИ ОСВРТ
22 јули 2013

За претставата “5:17” продукција кафе Интро – Театар Вондерленд; играна на Скопско лето; режија Нела Витошевиќ; играат актерите: Стефан Вујисиќ, Драгана Костадиновска и Дениз Абдула

Едно патување, еден Феникс, еден град во кој се спојува Истокот и Западот или “еден убав град/под небото/над земјата/на местото каде се допираат/исток и запад…” за да се најдеме во приказната, која по којзнае кој пат за половина век се раскажува… најверојатно за навек!
Таа приказна или светски речено сторија не е само тоа, бидејќи Пред и Потоа живееле, дишеле, твореле, љубеле, се надевале, луѓето кои на 26 јули Лето Господово 1963 во 5:17 изгубиле многу, изгубиле речиси се… за повторно и повторно преку новите генерации да се најдат себеси, својот сон, да ги најдат другите, да го најдат Градот, кој дише за нив и со нив… И така до недоглед приказната може да трае, а најверојатно и ќе трае, бидејќи, како што ќе запише авторот на пиесата “5:17”, Ана Ристоска “… на секои 500 до 1000 години ќе се уништи од пепел и одново се раѓа со нов лик. Во тој град времето се мери, пред и после неговото исчезнување…”
Таа не само нејзина имагинација и преокупација, сега стана и наша, заедно со сонот на режисерот Нела Витошевиќ и на актерите Стефан Вујисиќ, Драгана Костадиновска и Дениз Абдула, кој на простор сочинет од “два на два”, во кафето “Интро” ни го отворија светот на клаустрофобичноста болна до имагинација, отворајќи ни ги далечините… Иако само наизглед тесно, со многу воајери наоколу, актерите речиси без ниедна грешка, успеаја до ситница да ни доловат како, колку и зошто го сонувале својот сон балерината, мајката, поетесата, мачката Матилда, докторот, синот математичарот, дрвото… таткото, машиновозачот, 90-годишниот старец… Во таа смисла, без многу “филување” видовме една точност, прецизност, кај сите без исклучок, во исто време и нежност, суптилност, но и израз на страв, револт, јад и гнев, сето тоа сублимирано во три актерски субјекта, кои речиси беспрекорно ја сфатиле и играле по режисерската палка на Витошевиќ и авторската нота на Ристоска… Тие не само што не потсетија дека Театарот е секаде околу нас или поточно “светот е сцена”, како што ќе рече некогаш и некаде еден голем Маг, туку и не поттикнаа да размислуваме дека и во кафуле (со или без пијачка) место “да млатиме празна слама” можеме да видиме естетика, без разлика дали таа е смешна или како во случајов трагична, до болка…

Комплетирањето на целокупниот впечаток за интенцијата на Дирекцијата за култура, уметност или по нашки Скопско лето, да овековечи уште една естетика по повод петдецениското навраќање на еден погром, на чии темели живееме денес, се состоеше и во тивките назнаки и звуци по избор на авторската екипа, кои и буквално сега и денес го претворија во некогаш и негде, за да биде утрешно и ново… Ова последново, не е само мешање на зборови и визии, ова со вакви проекти станува вистина!

Затоа, браво за екипата на претставата “5:17” и за потпората – кафе Интро и Театар Вондерленд и Скопско лето!

Борче ГРОЗДАНОВ