*Кон премиерата на „ Малиот принц“, во продукција на Детскиот театарски центар од Скопје и „ Скопско лето“.
*Се наметнува прашањето, колку повеќеслојниот и со многу симболи богат драмски јазик на Егзипери, ја прејде рампата и стигна до свеста на децата ?
Сотир Трајков
Првата театарска премиера на годинашново „ Скопско лето“, се одржа на 02.07.2017 и беше посветена на најмладите гледачи. Се работи за премиерната изведба на претставата „ Малиот принц“, која според славната новела на францускиот автор Антоан де Сент Егзипери, од 1943 година, ја постави режисерката Драгана Милошевска Попов. Таа, концептот го гради врз драматизацијата на Тодор Кузманов, од која исто така штриха некои сцени и ликови, со цел алегоричната приказна за возрасни да ја приближи до најмладите и да ја прикаже современо низ мултимедиа и во камерен формат.
Режисерскиот концепт низ кој се афирмираат универзалните вредности, како што се љубовта, пријателството и одговорноста, наспроти бесмислата, бесцелноста и отуѓеноста на современиот човек, се темели на актерската игра и на интеракцијата со видеото што ја прават тие, во текот на изведбата. Дејствието се одвива на малата сцена, во сценски простор што го креира Енес Деари. Покрај макетата со приземјениот авион од левата страна на просцениумот и по некој реквизит, централен сценографски елемент е дводелниот космички брод или отворена школка која сценскиот простор го дели на две димензии. Пустината Сахара, каде што се среќаваат Малиот принц и несудениот сликар кој станал пилот (што е автобиографски момент од животот на Егзипери), е претставена како кружна хоризонтала. А, пак светот на бескрајниот, волшебен космос низ кој патува Малиот принц, од астероид до астероид, е доловен преку видеото на авторот Бетим Зеќири, што се проектира на кружната вертикала, погоре. Актерите и публиката следат дел од дејствието на видеото, а преку ситно исеченото бело платно на вертикалата, тие влегуваат и излегуваат од него, т.е. од приказната.
Средбите на Малиот принц, што го игра 9 годишниот Амар Шапка , со чудните карактери за него , од нашиот и од други светови во космосот, се прикажани низ десетина сцени. Во контекст на камерниот формат, редукцијата на актери ( и ликови) од приказната, е направена така што сите машки улоги, на Пилотот, Владетелот, Бизнисменот и Географот ги толкува Бесфорт Идризи, а женските ликови на Црвената роза, Ѕвездата, Лисицата и Змијата и се доверени на Мона Мустафа.
Малиот Амар Шапка низ играта доловува лик на искрен и зачуден принц, за состојбите и однесувањето на светот. И тоа го прави низ прецизна и физички вешта игра, но и помалку воздржано, во изразот на емоциите. А, трансформацијата од лик во лик, е главна задача за актерите Идризи и Мустафа. Бесфорт Идризи со веселата и сугестивна заиграност, не беше изненадување за авторот на овие редови зашто тој е докажан и како актер и како режисер и знае како да им пристапи на најмладите. Најпријатното изненадување дојде од Мона Мустафа . Таа како млада професионалка, во секој лик вгради по нешто ново, користејќи ги текстот, движењата и пеењето, за да го потенцира алегорично значење на секој од нив. Во комплетната атмосфера на доловување на дел од згодите и незгодите на Малиот принц, учествува и Роза Трајческа Ристовска како костимограф. Таа креира современи, живи, светкави костими , придржувајќи се до белезите на ликовите, но и до совремието. Со еден исклучок, костимот за Ѕвездата што го носи Мона Мустафа. Тој костим, составен од фустан и повеќе додатоци од панделки , иако појавно светкаше со сребрен сјај, со расфрланите панделки од главата преку целиот фустан , не делува адекватно за тој лик, колку и да се сака да се претстави пародично, на тој начин.
Општиот впечаток е дека се работи за една непретенциозна, но топла постановка, која децата ги учи на вистинските вредности.
Но, се наметнува прашањето, колку повеќеслојниот и со многу симболи богат драмски јазик на Егзипери, ја прејде рампата и стигна до свеста на децата ? Зошто ова го прашувам? Затоа што беше непријатно што многу дојдени мали дечиња со родителите на премиерата, не го дочекаа крајот и си заминаа порано. Можеби и поради жештината ? Други одеа и доаѓаа со и без родители во текот на изведбата, до пред самиот крај. Третите , поголемите деца и адолесценти седеа и со внимание следеа, колку што можеа, во тие околности. Тоа ни кажува дека како публика немаме однос кон актерите на сцена или дека не правиме доволно атрактивни претстави за публиката, или дека не се обрнува внимание и не се потенцира целната група, во случајов, млади гледачи за кои е наменета претставата. Како и да е, мораме да работиме на вистинско и квалитетно „ инфицирање“ на младите со театар. Инаку, зошто воопшто да доаѓаат, ако театарот го доживуваат само како забава за на поминување.