проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
- Тотален театар
За неговата естетичка и поетичка рамка, за митските тајни, цивилизациските наследености и придобивки запишани се и објавени бројни критичко-есеистички прилози.
А, за една од неговите најнови претстави пишува и критичарката Сунчица Уневска во Утрински весник: “Овој пат Животот е сон, и самата е поставена како алегорија, како игра на слики, на алузии, на движења, како визуелен или, како што вели самиот автор, тотален театар, во кој се навраќа на неговите основни постулати.
Оваа претстава која зборува за судбината, за нејзината предодреденост, за тенката линија меѓу животот и сонот, но и за злото и доброто, можеби нема класична драмска структура, но се обидува во себе да ги спои сите придобивки на театарот, на визуелниот и наративен израз, на физичкиот и ментален спој. Таа се обидува да ги задржи оние суштински и филозофски димензии на извонредниот драмски текст на Калдерон, но низ музиката, танцот, мимиката, низ визуелната уметност. И би рекле, успева во тоа, но многу повеќе надворешно или задржувајќи се на изразот и на сликата отколку понирајќи во суштината.
Станува збор за стилски многу добро изведена претстава, атрактивна, забавна и интересна, претстава која го задржува вниманието и понесува со својата полетност и луцидност. Таа е поставена како своевидна сказна, во чиј свет на фантазијата нé воведува и нé води нараторот, навестувајќи ни секогаш што е целта, но еднакво изненадувајќи нé со своите оригинални и добро замислени решенија, во поглед на сценографијата, костимите, музиката и играта. Но, освен што извонредните стихови од текстот ги добиваме низ одличниот сликовен, танцов и музички потенцијал, оваа многузначна и повеќеслојна поезија не добива друга димензија во претставата.
Групните и заеднички сцени се одлично замислени, режирани и изведени. Претставата се гледа во еден здив, создава добро расположение и впечаток, но, пред сé, со својата кореографија и сценска поставеност.
Додека пак, говорејќи за ” Животот е сон актерката ” Арна Шијак дополнува дека нивната претстава не е произлезена само од перото на Калдерон, туку тоа е и магија изнедрена од светот што целиот свој живот го сонува Цветановски. Претстава која верувам ќе кореспондира со секое живо битие на овој свет бидејќи ги чепнува архетипските мигови какви што се слобода, живот, окован човек, свесен за тоа или не, дел е од сонот или не.
Издавачката куќа “Феникс“ објави книга посветена на прерано починатиот театарски режисер и универзитетски професор Владо Цветановски. Тоа е изданието “Театарот е фабрика на соништа“ од битолскиот новинар и театарски критичар Зоран Пејковски.
Во книгата се содржани повеќе рецензии, илустрирани со уметнички фотографии, а кои се однесуваат на театарски претстави изведени во Народниот театар од Битола, но и интервјуа со Владо Цветановски, од кои е извлечен и насловот на оваа необична и значајна книга.
Авторот Зоран Пејковски во првиот дел од книгата со прекрасен наслов Театарот е фабрика за соништа публикува девет театарски рецензии за претстави изведени во 2011 и 2012 година на сцената од Народниот театар во Битола: Дон Кихот од Сервантес, Вишнова градина од Чехов, Медеја од Милер, Минхаузен од Горин, Јане Задрогаз и Лет во место од Горан Стефановски, Хенри Шести од Шекспир и Травничака хроника од Иво Андриќ. Во вториот дел, посветен на прерано починатиот режисер Владо Цветановски, застапени се рецензии за претставите Безбог и Нашата жена во Париз од Јордан Плевнеш, како и интервјуа со режисерот Цветановски.
Зоран Пејковски, се претставува како доследен театарски проследувач на штиците што значат живот, презентирајќи дел од битолската театарска хроника, но и на театарскиот опус на Владо Цветановски. Во неговите текстови има многу љубов, емоции, страст, но и сведоштво, фактографија и имагинација. Инаку, Зоран Пејковски е театролог, кој во моментов е на постдипломски студии по драматургија и е еден од најревносните и најагилните проследувачи на театарскиот живот во Битола.