Крум Стојанов ( 1917 – 1996 )

 

Крум Стојанов
Актер
Роден: 6 март, 1917, Скопје, Македонија
Починал: 4 декември 1996 година, Скопје, Македонија
Добитник е на наградите: Стериина награда за најдобар актер

КРУМ СТОЈАНОВ (СКОПЈЕ 1917/1996)

Крум Стојанов е едно од најпознатите имиња на Македонскиот театар воопшто, кој најпрвин студира архитектура, а потоа глума на Драмското студио во Белград, па со професионална актерска дејност започнува да се занимава во 1942 година. Тогаш станува член на Народен театар во Скопје, играјќи на сцената крај Вардар релативно кратко време. Подоцна се приклучува кон партизанската уметничка група Кочо Рацин, каде учествува заедно со неколкумина постари драмски уметници во поставувањето на темелите на Македонскиот народен театар. Една година работи и во Обласниот македонски театар во Горна Џумиа (денешен Благоевград Пиринска Македонија), на чија сцена режираше и толкуваше повеќе ролји, во дела на А.Панов, М.Горки, Б.Нушиќ… Скоро една деценија со забележан успех игра и во Белградското драмско позориште како еден од водечките актери во овој своевремено највитален театарски колектив на екс Југославија.

Во Драмскиот театар од Скопје преминува заедно со поголема група актери од МНТ (1964), каде настапува повеќе од две децении и во кои се пензионира постигнувајќи ја својата најголема афирмација, не само на македонскиот, туку и во екс Ју просторот, добивајќи двапати едноподруго две Стериини награди за глума. Добитник е и на нгаградата 11 Октомври за животно дело, Златен прстен со ликот на Љубиша Јовановиќ, а има добиено и две награди од владата на НРМ.

За осведочените негови актерски вредности најпофално се искажуваат поголем број реномирани југословенски театарски и други критичари и тоа од форматот на еден Јосип Видмар, потоа Ели Финци, Велиборг Глигориќ, Лука Павловиќ, Драган Јеремиќ, Јозо Пуљезовиќ…

Крум Стојанов му припаѓа првостепено на реалистичниот стил на глумата, но во една посовремена варијанта. Тоа би значело дека неговата глума се стреми кон модерна експресија. Во играта на овој сестран театарски творец (освен со актерско се занимава уште и со режија и со сценографија) се чувствуваат силни индивидуални акценти како и способности за смели скокови во мисловните длабочини, постигнати со бескрупулозната студиозност во креирањето на секој лик. Затоа не е воопшто претерано, ако се каже дека Крум Стојанов изненадуваше со оригиналниот артизам, широкиот распон на театарски култура и талент, посебната физиономија, со точните трагични и полни со вирутозност тонови…

Своите најуспешни актерски реализации ги постигнува во Драмскиот театар: Клисарот во монодрамата на М.Сореску, Богот во “Адам Ева и Јов” од Б.Ѓузел, Аџи Трајко во “Бегалка” од В.Иљовски, Ел. Илустристими во “Карпискито министер” од К.Чашуле, Агатон во “Нажалена фамилија” од Б.Нушиќ…

На сцената на МНТ остварува позначајни ролји во дела од Горки, Шекспир, Остовски, додека во Белградското драмско позориште се истакнува во претстави на текстови од современо западно-европска драматургија.

Своевремено Стојанов се занимаваше и со радио драмско творештво, режирајќи поголем број радио драми во кои беше и чест гостин како актер.

 

Филмологија:

Мали човек (1957),

Време без војна (1969)

Сослусуванјето на зелезницарот (1977).

Режија: Слободан Унковски
Писател Горан Стефановски