ТЕМНАТА СТРАНА НА СТВАРНОСТА

 

Кон премиерата на претстатавата „ Експеримент “ , во режија на Јане Спасиќ, а во продукција на невладината организација и театар „ Артопиа“.

Спасиќ преку мултимедијален израз направил жесток политички театар, со кој ја коментира и критикува денешницата , покажувајќи на човекот како на трагично битие, осудено на пропаст.

Сотир Трајков

Месец јуни 2017 , протекува со богата културна понуда во Скопје. Настани организираат институциите, но и независната сцена работи под полна пареа. Токму таков впечаток остава последната премиера во Младинскиот културен центар. Во режија на младиот , според прикажаното, бескомпромисен режисер, Јане Спасиќ, беше изведена претставата „ Експеримент “ , во продукција на невладината организација и театар „ Артопиа “. Претставата е базирана на книгата „ Ефектот Луцифер “, од американскиот социјален психолог Филип Зимбардо. Тој своите 30 годишни истражувања на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, ги сместил во овој труд, докажувајќи дека системот преку различни методи може од нормална, хумана личност да произведе вистински злосторник. За таа цел, вршел повеќе експерименти со доброволци, студенти и други личности, изложувајќи ги организирано и на свирепи страдања, додека да ги запре експериментите. Прочуен е неговиот психолошки експеримент со затворање 12 доброволци и обезбедување од исто толку чувари, за секого од нив. Дехуманизацијата и деиндивидуализацијата на поединецот денес , е тематскиот фокус во научните истражувања на професорот Зимбардо, прикажани низ примери на понижување и страдање на поединецот , групата или масата, заради системски виши цели. Тоа е пренесено во драмската предлошка за претставата и акцентирано низ една од улогите на актерот Ненад Митевски, кога игра нацистички војник- учесник во Холокаустот.

Режисерскиот концепт на Јане Спасиќ се базира на гротескно- фантазмагоричниот приказ на светот. Се разбира, овдека не е изоставено нашето актуелно место како социо- политички контекст , во општиот хаос, безнадежност , уништување и распад. Тргнувајќи од глобалната кон локалната слика на стварноста, Спасиќ преку мултимедијален израз, направил жесток политички театар, со кој ја коментира и критикува денешницата , покажувајќи на човекот како на трагично битие, осудено да ги повторува грешките низ историјата. Во тој контекст, низ фабулата се поставува прашањето, дали такво какво што е, катастрофично, човештвото има право на нова шанса, за да опстане и почне од почеток ? И се разбира, во име на хуманоста добива „ зелено светло“, иницирано од ликот на Мартин Јорданоски.

Во претставата настапува млада актерска екипа , чија главнина повеќе години работи и на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје. Погоре споменатите Митевски и Јорданоски, Бојан Кирковски , Симона Спировска Костовска, засилени со свежо дипломираната , но веќе забележана , Матеја Јанковска. Оваа екипа социјално освестени актери, низ досегашните проекти , но и преку овој „ Експеримент“, не запираат да ги преиспитуваат деликатните прашања од стварноста и на уметнички , ангажиран начин да го пласираат својот став за нив . Тоа го прават провокативно, без пардон, жестоко до бруталност, преку јазикот што го користат во претставата и преку дејствието, на кое му се предаваат со целиот психо-физички апарат.

Некого можеби ќе го шокира, што паралелно со насилните сцени меѓу повозрасните актери, сосема мирно и концентрирано на сцената играат две деца. Марија Јанчевска (12) и Михаел Стојановски (9) години. Тие се идните актерски ѕвезди, ако решат да му се посветат на театарот или на филмот. Тие се моето откритие од оваа претстава. Зошто? Затоа што понесоа товар на вистински професионалци и покажаа дека улогите ги владеат до детал. Нивната игра беше показ за предвременото созревање, да не речам стареење, на младите денес, под налетот на суровата реалност. Симпатична беше приказната за жапчето, како алегорија за доскорашниот лидер на нацијата, раскажана многу сугестивно од Михаел Стојановски. Тој половина претстава уверливо играше и глувонемо дете и го користеше знаковниот јазик. А, на висина на секоја актерска трансформација , со усет за преживување на состојбите на ликовите што ги толкува, беше и Марија Јанчевска. Сите заедно, и повозрасните и помалдите, колку беа фантазмагорични креатури, толку можеше да се читаат и како гласови на колективната меморија или на совеста на човештвото, која полека се буди. Во тоа е најголемата вредност на „ Експеримент “ како театарски чин, зашто зборува за свесноста на иднината на овој свет, која не се помирува со таа и таква бесперспективност.

За обликувањето на сценографија, со назнаки и реквизити кои асоцираат на морничав, обезличен, клаустрофобичен простор, беше задолжен Кирил Василев. А, костимите изработени во футуристички стил, се авторство на Бранкица Јордановска. Монтажата на документирани видео секвенци од светската и домашната историја, политика, активизам, уметност и култура, ја направи Горјан Атанасов, а светлото го дизајнираше Дарио Секуловски.

Дали верувате во Бога, во политика, во наука? Сеуште одѕвонуваат овие прашања од претставата, во моите уши. Прашања на кои секој од Вас ќе си одбере, во што верува или не верува и ќе си одговори. Но, дали верувате во себе, во човекот на новото време, во љубовта, хуманоста и емпатијата? Конечно, дали верувате во иднината на овој свет и имате ли верба и сила да придонесете во тоа? Каде што завршува добрата претстава, започнуваат многу прашања за по дома, за себе си…