ВНИМАВАЈТЕ ТИЕ ДОАЃААТ

 

 

*Кон премиерата на претставата „ Белградска трилогија“, во режија на Нина Николиќ, а во продукција на „ Перипетија “ од Скопје

*Она што најмногу плени во претставата „ Белградска трилогија“, е актерската игра . Особено, ако се земе предвид фактот дека учесниците не се сеуште дипломирани актери, туку студенти од ФДУ, на трета година.

Сотир Трајков

По 13 години од првата постановка во Универзална сала, на текстот „ Белградска трилогија“, од современата српска драматичарка Биљана Србљановиќ, во режија на Деан Дамјановски, на 5 јуни 2017, во Кино Култура се одржа нова премиера на истиот текст. Во продукција на „ Перипетија “ од Скопје, текстот на Србљановиќ овој пат го постави режисерката Нина Николиќ.

Во овие мачни години, кога масовно се напушта родната земја од младите и се оди во странство, во потрага по работа, подобар живот, или едноставно за себереализирање, постановката на Николиќ се чини исклучително актуелна за нашиот општествен контекст , за разлика од таа на Дамјановки која беше повеќе показ за миграциите од Балканот, како последица на граѓанската војна во поранешната заедница и евентуална антиципација за тоа што не чека нас. Но, национализмот, партизирањето на системот, немањето можности за вработување и бесперспективноста на младите, што Србљановиќ ги пушта да паѓаат како ситно дозирани , но многу важни мотиви за егзилот на ликовите во претставата, се исто така наша транзициска реалност. Во тие рамки , Нина Николиќ не можеше да избере подобро време за навраќање на овој драмски материјал. Согласно насловот, тој е заснован на три различни сцени, со исто толку приказни кои говорат за животот на нашите мигранти во Чешка, Австралија и во САД, со фокус на борбата за егзистенција, невозвратената љубов од родниот крај, баналноста и тегобноста во новата средина, брачните неверства и врската со корените која често е поле за себедокажување и малтрерирање на останатите, попатно сретнати земјаци.

Режијата се потпира врз мултимедијалниот израз. Тој вклучува исповеди во аудио формат, реалистична актерска игра, музика и песни со гитара во живо и видео, чии крупни кадри ги доотсликуваат психолошките состојби на ликовите. Лајт – мотив за сите сцени е потрагата по девојката Ана, која е силна метафора за копнежот по љубов, сигурност и себереализирање на одлеаните мозоци, во новиот свет. Дејствието се одвива во коцка, централно поставена на сцената, што е сценографско решение на Вишња Вујовиќ од Србија . Актерите, облечени во современи костими на Ивана Каранфиловска Угуровска , дејствуваат во, околу, и зад коцката, доловувајќи ја на тој начин клаустрофобијата на секојдневието од која избегале, но во која повторно се враќаат, немајќи каде да одат.

Она што најмногу плени во претставата „ Белградска трилогија“, е актерската игра . Особено, ако се земе предвид фактот дека учесниците не се сеуште дипломирани актери, туку студенти од ФДУ-Скопје, на трета година, во класата за актерска игра што ја води Зоја Бузалковска. Млади, убави, згодни, се атрибути кои доаѓаат до израз уште при нивната појава на сцена, а понатаму следи пријатното изненадување. Играат точно, полнокрвно , но со мерка за секоја емоција, во говорот на текстот и во гестот. Дека се квалитетни и идна надеж на македонскиот театар докажаа и преку трансформациите, зашто тројца од нив играат по две или три улоги. Тоа се Григор Јовановски, кого го видовме во ликовите на Кичо, Дуле и Дачо и Душица Настова, која настапи како проститутката Алена и во ликот на поранешната пијанистка Мара. Не помалку сугестивен и моќен беше настапот на Исидор Јованоски, во улогата на изневерениот Мичо и на Сара Анастасовска како неверната сопруга Кача, а на крајот од претставата го игра и метафоричниот лик на Ана , по која се трага. Уверливи креации прикажаа и Петар Стојанов во ликот на сопругот на Кача- Милош, Сергеј Димовски кој го толкува нереализираниот актер Јован и Душица Тренева, во улогата на Сања, сопруга на Дуле.

Општиот впечаток кој претставата го остави кај авторот на овие редови, е најавата за една нова и силна генерација актери кои доаѓаат од ФДУ. Тие докажаа дека можат да се носат со професионалните предизвици што допрва ги очекуваат. Тоа е голема предност за нив, но и предупредување за повозрасните колеги, дека доаѓа нов бран актери, што лесно може да ги збрише од сцената. Секоја чест, само така продолжете , сцената ќе биде ваша!