Тихомир Стојановски
3 ТЕАТАРОТ КАКО РЕЛИГИЈА (точката на елитност)
-глава втора-
Во книгата “Кон новиот театар” на Е. Г. Креиг 19, како и во другите театарски книги на почетокот е поместено толкувањето на зборот театар. Ова би значело дека кога се пишува и зборува за театарот, секогаш се почнува од појаснувањето на самиот збор.
“Театар, француски збор, дојден од латински и од грчки. Театар, место на кое се гледа шоу. Теа – значи вид20”. Несомнено убаво е да се има точка од која може да се тргне кон магијата, волшебството или духовноста на сцената. Кон вербата и театарот и нивната заемност. Да се има од каде да се започне. Да се тргне на патешествие.
Суштината на насловот на книгата е стремеж кон новиот театар. Од стариот кон новиот театар. Патека или поврзување на сценската суштина. Зборовите стар и нов, во однос на театарот, мислам дека се несоодветни. На сцената има едно правило кое се одредува со зборовите СЕГА и ОВДЕ, кога се сака со неколку думи да се објасни и појасни театарот. Што би значело дека театарот се случува сега и овде, во вдахновен миг. Во миг на соочување на актерите со гледачите. Вчерашната претстава не им е важна на гледачите. Тие ве гледаат сега и овде на денешната претстава. Како точка на сегашност низ која се провнуваат минатото и иднината. Нели не можете на гледачите да им речете нешто во стилот :
“Почитувана публико! Простете денес не игравме најдобро, ама вчера како сме играле, леле, леле… штета што не нé гледавте вчера”. Така.
Но, нели имаме стар и нов завет, па веројатно ви требало да имаме стар и нов театар. Категории на старо и ново. Нешто што било, оставило траги и поминало и нешто што сé уште се создава и трае. Театарот. Се разбира не се работи за градбата, туку за принципите на настанувањето. За принципите на елитност и масовност. За самата суштина на законитостите на сцената. На пример, за текст кој е напишан пред повеќе илијади години и кој се игра и “оживува” на сцената во сегашен миг.
Но, оваа книга на Г. Крег ја повикав за сведок и собеседник во магистерската теза за други сознанија, кои ни ги пренесува преку “словата на Бога”. Еве што вели на почетокот:
“…Ви треба сонце да живеете… кога драмата влегува внатре умира21”.
Авторот зборува за театарот, кој настанал на отворен простор во антиката, за стариот театар и за оној во театарите-згради, за новиот театар. И понатаму:
“…После грчкиот доаѓа христијанскиот театар… фрески, хор, гламур, процесија, обред, музичари, сé е исто освен тоа што се случува внатре (во затворен простор) …верски театар”22
Потоа ја подвлекува следственоста како:
“… антички (грчки) и рисјански театар”23
Несомено, авторот ја подвлекува длабоката врска на театарот и верата. Прави јасна разлика меѓу античкиот и црковниот (христијанскиот театар). За некој, кој театарот го разбира само како “место за гледање” и “место за забава” оваа теза, овие сознанија ќе бидат неприфатливи. Каква врска има црквата, храмот со театарот? Ако на театарот се гледа само од површинската страна на нештата тогаш може да наликува дека театарот и црквата немаат допирни точки на поврзаност. Дека “теа” на грчки е гледка во “Грчко-бугарскиот речник”.
“Теа – гледка, женски род, теи- изглед- машки род, или теа- Богиња -женски род…”
Но, во “Бугарско-грчкиот речник” на истиот издавач за глаголот гледам има сосема друго толкување:
“Влепо и Китао” – гледам, исто така на грчки25. А, интересно и зборот театар е пишан и толкуван како:
” Театар- театро на грчки”