*Кон гостувањето на претставата „ Иванов“ , во продукција на Народно позориште од Белград
*Посакувам таков пристап да имаат и нашите театри кога го поставуваат Чехов, зашто ова беше современо изработен сценски филигран, а не здодевна класична театарска постановка.
Сотир Трајков
И тоа се случи. Затворањето на четвртото издание на „ МНТ Фест“, помина во грандиозен стил, со гостувањето на претставата „ Иванов“, од Антон Павлович Чехов, во режија на Татјана Мандиќ- Ригонат, а во продукција на Народно позориште од Белград. Ќе прашате што било толку грандиозно? Епа беше, зашто видовме голема претстава, не само поради габаритниот ансамбл, со учество на повеќе актерски ѕвезди од соседна Србија , туку поради квалитетот што беше прикажан, на ниво на режисерски концепт и на ниво на актерски креации, без било какво додворување од наша страна, поради носителот на насловната улога во претставата, а тоа е првенецот на МНТ и од поодамна регоинално докажан актер , Никола Ристановски. Но, да започнеме со ред.
„ Иванов“, е првиот драмски текст на Чехов, напишан како комедија и со успех праизведен во театарот „ Корша“, 1887 година. Потоа , незадоволниот Чехов го променил жанрот во драма, допишувајќи го текстот и создаваjќи неколку верзии, за постановката во Александрискиот театар. Од тој драмски материјал Татјана Мандиќ- Ригонат направила адаптација , прилагодена на денешницата, во која третманот на културното наследство за жал, не еднаш е ставен под знак прашање. Затоа режисерскиот концепт е базиран на камерно обликуваниот сценски простор како музејска поставка, со слика на ѕид, невестински фустан во витрина и преграден дел во партерот за вредните, ретки артефакти, за што беше задолжен сценографот Бранко Хојник, од Словенија . Од тука се чита благородната идеја , претставата да биде посвета на вонвременскиот карактер на драмско наследство кое Чехов му го остави на човештвото, за да се преиспитува постојано. Во таа музејска поставка, од семејниот портрет на ѕидот излегуваат ликовите на Чехов од драмата „Иванов“, се симнуваат ( или се враќаат од и) во омеѓениот простор, подолу. А, секој од нив при првото влегување, симнува по еден дел од оградата , направена од дебело црвено јаже и златни столпчиња. Така ликовите се поистоветуваат со експонатите од дамнина, за кои е потребен специјален усет и третман. Тој простор со повеќе реквизити, како што се маса за билијард, софа, дрвено коњче –клацкалка за деца, два пара стилски масички и столчиња, го доловува домот на Иванов , но и на богатото семејство Лебедеви, околу кои се врти дејствието. А, тоа е фокусирано на конфликтот на Иванов со себе си и со околината. Тој страда зашто сметките не му излегле како што очекувал. Имено , се омажил за Еврејката Сара Абрам, со надеж дека ќе добие многу сретства од нејзиното богато семејство , но со промената на верата, името и презимето во Ана Петровна, таа и тој остануваат без било каква помош . При тоа ,работниците на имотот треба да бидат исплатени, Лебедеви очекуваат Иванов да ја плати месечната рата на долгот кон нив, а Ана Петровна боледува од туберкулоза и потребно е да се лекува далеку од дома.
Иванов е трагичен лик од сегашноста, исто како што бил и кога е пишуван. Распнат меѓу егзистенцијата и моралот. Вака накратко може да се опише, од изведбата на Никола Ристановски. Тој игра сигурно и уверливо на српски јазик, прикажувајќи повеќеслојно карактер на човек, излажан во сопствената животна проценка. Ристановски го прави тоа вешто и флуидно, преминувајќи лесно , од една во друга спротивставена, психолошка состојба на ликот. Неговите дилеми, преку кои се покажува потиштеноста, се трагикомични , но не и возвишени. Затоа не за бадијала, Иванов како лик се смета за Хамлет на руската драматургија. Никола го доловува тоа низ реалистичната игра, а како автореференцијална постапка неколку пати го кажува и преку текстот, обидувајќи се да се дистанцира од Шекспировиот јунак. Нада Шаргин ја толкува сопругата на Иванов- Сара или Ана. И покрај тоа што таа е болна од туберкулоза, акцентот низ играта е ставен повеќе на нејзиниот трагизам и страдања поради изневерената љубов од сопругот. Шаргин тие чувства ги пласира мошне прецизно и сугестивно. А, љубовта која од никаде му се нуди на Иванов, како спас во ситуацијата во која се наоѓа, доаѓа од Саша, ќерка на Лебедеви , во изведба на Хана Селимовиќ. Нејзината игра е органски совладана и со современ сензибилитет изведена, па на гледачот му се чини дека на големата сцена на МНТ, каде во камерно поставената претстава, на минимално растојание меѓу актерите и публиката, се одвива вистинска човечка и љубовна драма. Родителите на Саша, Павле Кирилович Лебедев и неговата сопруга Зинаида, ги толкуваат актерите Бранко Видаковиќ и Даниела Угреновиќ. Нивните ликови се контрастно поставени, и самите за себе и еден кон друг. Кирилович Лебедев на Видаковиќ, е жизнерадосна личност, која сака да помогне пријателски и татковски, но тој е папучар, врзан за одлуките на неговата строга и алчна за пари сопруга, која се покажува и како грижлива мајка. Авторот на овие редови кај Видаковиќ ја препозна т.н. радост и леснотија на играта , што е своевиден актерски идеал. Таа особено беше силна во креацијата на ликот на осиромашениот гроф Матвеј Семјонович Шабељски- вујко на Иванов, кого го толкува Предраг Ејдус. Тој на свои 67 години, со преживеан сериозен оперативен зафат пред некој месец, покажа што значи да се биде вистински посветеник на театарот. Од начинот како се движеше и потскокнуваше по сцената, преку интерпретацијата на текстот со креиран фелер на буквата ш, до маската на лицето, (со брада и мустаќи, за кои беше задолжен Драгољуб Јеремиќ) , сето тоа упатува дека кај Ејдус нема детал од ликот на кој не е посветено доволно внимание. Тој го прикажа Шабељски како човек кој не сака да се лаже, ниту себе си, ниту околината, туку стамено и рационално , црпејќи од сопствените искуства во животот , настапува со секој искажан збор и намера, колку и да звучи тоа сурово. Радоста на играта ја дополни и Никола Вујовиќ, низ креацијата на ликот Боркин, роднина на Иванов и управник на неговиот имот. Со силен дух, во обид да ја амортизира мачната атмосфера во домот на Иванов, но и да му помогне финансиски преку бракот што го договара меѓу Шабељски и богатата вдовица Марфа Јегоровна Бабакина, Боркин на Вујовиќ е забавно направена улога, зад која се крие остроумноста и пресметаноста на поединецот. Во галеријата забележителни креации влегува и младиот лекар Лавов, во изведба на Ненад Стојменовиќ. Зад неговите чесни намери и загриженост за здравјето на сопругата на Иванов, Лавов ја крие симпатијата кон Ана Петровна , прикажана на најнепримерен начин преку душегрижништво. Кичот и сексапилот на новата елита, го долови Вања Милачиќ, низ улогата на вдовицата Марфа Јегоровна. Таа покажа дека знае да игра, но и добро да пее. Старицата Авдотја Назаровна, во концептот на режисерката Мандиќ- Ригонат, е старец , наводаџија, облечен во традиционален источен костим. Го толкува славната српска актерка , веќе во поодминати години , Бранка Петриќ, а финансискиот чиновник Косих му е доверен на Бојан Кривокапиќ. Исто така, во претставата настапува младата Јелена Живковиќ, во улогата на слугинката Гаврила, Предраг Васиќ, прославен по ликот на Станое , од филмот и серијата „ Монтевидео бог те видел“, го игра џаболебарот Јегорушка, што се чини направен избор заради комерцијален ефект кај публиката, а мајсторски обмислениот кастинг, со цел да се приближи животот на сцена , со сите негови контрасти, завршува со Немања Константиновиќ, организатор во НПБ и Јелена Халупа, суфлерка во истиот театар, кои ги толкуваат споредните улоги на гостите во домот на Лебедеви. Музиката и песните, во традиционален руски стил, од композиторката Ирена Поповиќ, во живо на сцената , т.е. качени во сликата со семејниот портрет, ја изведуваат Никола Драговиќ, Иван Мирковиќ и Немања Бубало. А, за костимите, кои ја помируваат сегашноста со крајот на 19 век во Русија, беше задолжена светски познатата , а српска костимографка, Бојана Никитовиќ.
Ете, така изгледаше вечерта за паметење во МНТ, на 13.06.2017. Темпото и динамиката на претставата , што се игра без паузи скоро 3 часа, во ниту еден миг не паднаа, што е заслуга и на режисерката Мандиќ- Ригонат и на актерската екипа. Посакувам таков пристап да имаат и нашите театри кога го поставуваат Чехов, зашто ова беше современо изработен сценски филигран, а не здодевна класична театарска постановка.