проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
- Божји и прапотопски говор
Режисерот Владо Цветанковски, како еден од најпознатите македонски режисери, целосно го доживеа својот режисерски успех со режирањето на театарските претстави: “Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков, “Тартиф“ од Андреј Розман, “Емигранти“ од Славомир Мрожек, “Скакулци“ од Петре М. Андреевски, “Крпен живот“ од Стале Попов (драматизација Блаже Миневски), “Сите лица на Петре М. Андреевски“ од Јелена Цветановска, “Југословенска антитеза“, “Подземна Република“, “Без бог“,“Нашата жена во Париз“, “Среќата е нова идеја во Европа“, “Архелаос“ (или “Еврипид се враќа на Балканот“) – сите од Јордан Плевнеш, “Евангелие по сенките“ работена врз подлошка на Владо Цветановски и Владо Ѓоревски, и други.
“Театарот за мене е фасцинација која се открива пред зачудениот гледач како молња што доаѓа некаде од бескрајот и се забодува во една точка од трошното тело на земјата. И ја има таа заслепувачка светлина, која трае еден миг само, и со ништо не може да се запре, да се фати, да се зароби, да се продолжи неговиот миговен живот.
Театарот е најблиску до Божјиот говор, затоа што може да говори со светлина и темнина, со заумност, со маѓија, со чуда, со ритмови и звуци, со темпо-ритам, со време простор, значи со знаците што Бог ги употребувал кога го создавал светот. И затоа театарот мора да ја развива таа своја компонента која ја потврдува неговата посебност, и да се ослободува од психологијата, како основен театарски знак, наметнат од страна на драмските автори. Само со потрага по заборавениот прапотопски говор ќе можеме на театарот да му ја вратиме неговата изгубена стојност, да биде спроводник на човечката енергија кон непрегледните височини на Севкупноста. Ако театарот успее да говори со јазикот што се говорел додека се градела Вавилонската кула, можеби ќе успее да се доближи најмногу до Бога.
Мојот последен период одбележан е со залудноста на тој напор, но јас сé уште верувам дека приближувањето до Него е толку бавно, затоа што точката кон која се движиме е – во Бескрајот. нашето чувствување кое потекнува од колективната меморија на човечкиот род – дека ние реагираме постојано исто на одредени надворешни дразби, без разлика на јазикот, без разлика на образованието, на историското минато, и на разните релевантни состојби за кои погрешно мислиме дека се суштински во нашето разбирање и восприемање на фасцинацијата наречена живот.
Во текот на нашите патувања низ историските периоди на театарскиот јазик, јас полека почнав да го систематизирам она што имаше некаков заеднички именител во судирот на нашите различни сензибилитети, (балканскиот наспроти европскиот), и тука ми се чини дека е зародишот на клучот со кој се обидов да ја отворам комплицираната пиеса на Плевнеш “Среќата е нова идеја во Европа“ – подвлекува Владо Цветановски.
Барајќи го современиот простор на прапотопскиот говор, односно мигот кога емоционалните способности и објектите го добиваат своето име, сред катарзата на колективното постоење, Цветановски како целосно да ја раздвижува застоената вода, ги проветрува и регенерира мемлосаните простори(и) на духовниот немир.
“Да се допре етеричното, недофатливото, неспознатото, недоживеаното чувство коешто секој човек го познава, можеби само еднаш во своето животно искуство, во раѓањето и во смртта“ – заклучува тој.