17.06.2017годин
ИНТЕРВЈУ СО АКАДЕМИК МИТКО МАЏУНКОВ, ЛАУРЕАТ НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА 52.МТФ ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ
Борче Грозданов
Ќе ви раскажам една приказна. Во мојата најнова книга ” Приказни за ѓаволот” главната личност на книгата размислува вака: за се е крива математиката. Не е кадарна да го најде најмалиот заеднички содржател меѓу памтните и будалите, што се смешале во гласачките кутии… Од друга страна, политиката е секако цивилизациски избор. Кој е попаметен би требало да може и да знае да ја води нашата, односно политичката волја на народот. Во спротивно, како што е во најголем број случаи, се случува теророт на просечноста. Е, во контекст на ова, интелектуалците се тие кои сносат одговорност, собраната своја мудрост да ја инволвираат во надминување на просечноста, односно на себедоволноста и да функционираат во името на луѓето и етникумот, во име на кој дејствуваат. На пример, без Француската академија, односно без нивна дозвола во францускиот јазик не смее да влезе ниту еден нов збор…,вели за собитијата во кои се наоѓаме, ерудитот Маџунков
Што всушност значи за авторот професионалец, без оглед од кој сегмент на театарот доаѓа, наградата за животно дело и следствено на ова го очекуваше ли Митко Маџунков ова признание?
-Морам да признаам дека не го очекував, исто толку колку што беше и неочекувано моето инволвирање во театарот, односно драмата, како литературен жанр. Моето театарско патешествие започна некако “по наговор”. Едноставно, “Големиот смок” и својата праизведба ја имаше пред точно 31 година, отвори низа теми и дилеми за кои бевме заинтересирани и јас и режисерот Бранко Ставрев и така тргна патот на “Вечната игра”. Една година подоцна, пред три децении, јас и Мите Грозданов ги добивме главните награди, тој актерската, јас за најдобар драмски текст, токму овде во Прилеп. (разговорот е воден за време на MТФ “Војдран Чернодрински”, каде што Маџунков ја доби наградата за животно дело). Нашата драма и драматика се одвиваше на нестандарден, поточно нелитературен јазик, но сепак, ако имаме предвид дека струмичкиот е стар архаичен јазик, кој е матица на речиси целиот источен и старомакедонски говор, сепак, луѓето разбираа, дури и на просторите на целата тогашна Југославија. Некако, успеавме да допреме до народот и затоа имавме толку голем успех, прво со “…Смокот”, па потоа и со “Сенката” и со “Пуста земја”. Морам да напоменам дека овие драми, а и оние кои понатаму се во моето творештво, можат да крепат еден здрав театарски репертоар.
Што мислите, што би рекол Иљо М. на какафонијата што ни се случува денес?
-Иљо М. е храбар човек, кој живее посветен на здравиот и чесен збор. Според таа поставеност, тој само наизглед е загубен, бидејќи самото време ја претпоставува дилемата дали Зборот, на крајот од краиштата, може да ја издржи сопствената тежина, кога ќе се судри со апсолутот, односно Смртта. И тука нашиот херој е храбар, но во Сенката на пример, се поставува дилемата дали вреди храброста наспроти можното страдање на најмилото?!
Тоа е она што го прави бесмилен патот…
Како надоврзување, се изгубивме ли ние, во денешната стварност, на Патот за Лихнидос?
-Иако тој пат се уште е тука, нашиот пат навидува на се поголеми препреки. Ако Тодор Биков, поставува непробојни стаклени ѕидови во својата болница, во која се излечени сите болести, освен лудилото, која е впрочем и болест на иднината, тогаш нашиот пат има уште за врвење…
Значи ли тоа дека нашата комична фарса продолжува?
-Во една од моите драми ( “Чудо големо” ) некои од ликовите пристигнуваат доцна на армасот (давањето збор – веридба), па така и ние како да малку подзадоцнивме на нашиот сопствен армас…
Има ли нашата свадба крај?
– Ситуацијата е крајно сериозна…
Во контекст на еден разнебитен народ, и време во кое секој трча по својата глава и видело, а знаеме и по Библијата дека никој не се спасил сам, тогаш не очекува макотрпна работа за нашето сопствено средиште. Старото средиште на македонскиот народ е изместено, а новото не е најдено. Тоа се нашите црнила. Се убиваме и сме се убивале меѓусебно, во име на државата, но секој засебно Македонија си ја разбирал и толкувал различно. Таа, државата, е всушност основата, но токму во неа ние сме разделени, прашањето е сведено на – или си или не си за Македонија. Тоа не смее да биде моментот на поларизација. Токму нашата христијански цивилизација, всушност придонесе и за една сплотеност која беше и пример на Балканот. Кога зборувам за христијанството, не зборувам за строго религиозната определба, туку за нашата верба како цивилизациска придобивка, односно како христијанска цивилизација. Еден мој колега од МАНУ, разбирајќи ме сосема погрешно, при моето излагање за битноста на народот и неговата религиозна определба за втроиот дел, искоментира – “Што ми зборуваш за религија, јас сум атеист”. Тој вусшност и не разбра, јас зборував за цивилизациска придобивка. Тоа не(до)разбирање, кое, всушност, во некои идни времиња, може и многу да не чини.. Не зборував за конкретно одење во црква. Токму таа цивилизација за која ви говорам го држеше сплотен и на едно место народот.
Во оваа изгубена смисла на Зборот, на идентитетот, на нацијата, успеаја ли да го убијат зборливото куче?
-Луѓето по својата природа се плашат од зборот, а со тоа и од зборливите кучиња. Политиката во Целина, во светски размери е вусшност, во основа оттуѓување на сопственото право во име на некој друг, кого сте го гласале и кој треба да ја заврши работата наместо вас. Но нашите, а и светските политичари оној момент кога го добиваат вашиот глас како власт, едноставно, како да забораваат на се. Токму затоа и Уметникот не би требало да биде директно инволвиран, но од друга страна, и не може да остане имун, ако некој се обиде “политички” да му го одземе правото на самоопределување и живот. За среќа, постоеле и ќе постојат зборливите кучиња.
Дали ова значи дека уметникот интелектуалец, сепак, терба да го заземе своето место како политичко битие?
-Како што веќе реков, не треба буквално да се бави со политиканство, но будно терба да ја следи ситуацијата бидејќи во историски контекст мецената на Вергилиј, на пример, знаел дека уметникот повеќе вреди од него. Во оваа смисла интелектуалецот, па и академикот, ако сакате, имаат цврсто и неприкосновено право да дадат верификација на политичките состојби, но притоа да не ја преценуваат својата интелектуалност до ниво на себедоволност.
Еве и да ја занемариме таа спрега на уметноста и политиката, од каде и на кого се му се дава право да мисли со главата на народот и оној момент кога ќе дојде на пиедесталот, да заборави всушност во чие име треба и мора да мисли?
-Во овој контекст ќе ви раскажам една приказна. Во мојата најнова книга “Приказни за ѓаволот” главната личност на книгата размислува вака: за се е крива математиката. Не е кадарна да го најде најмалиот заеднички содржател меѓу памтните и будалите, што се смешале во гласачките кутии… Од друга страна, политиката е секако цивилизациски избор. Кој е попаметен би требало да може и да знае да ја води нашата, односно политичката волја на народот. Во спротивно, како што е во најголем број случаи, се случува теророт на просечноста. Е, во контекст на ова, интелектуалците се тие кои сносат одговорност, собраната своја мудрост да ја инволвираат во надминување на просечноста, односно на себедоволноста и да функционираат во името на луѓето и етникумот, во име на кој дејствуваат. На пример, без Француската академија, односно без нивна дозвола во францускиот јазик не смее да влезе ниту еден нов збор…
А кај нас?!
-Кај нас, односно со нашиот и во нашиот јазик за жал, се е возможно. Не може еден висок интелектуалец со врвно дадено право да размислува на оваа тема да рече: Моментално не ни е нападнат јазикот, односно, имаме други приоритети, а ако се случи напад на сродна институција тогаш ќе дадеме одоговор… Ваквиот став ми се чини крајно неодговорен!
И за крај каде и дали го гледате спасот од овие модерни “собитија” кај нас?
– Веќе еднаш во едно интервју реков дека состојбата е како кога паѓа куќа, па секој гледа да се најде од другата страна, каде што претпоставува дека таа нема да се сруши . Забораваме дека власта е менлива категорија. Поентата е дека било која елита во својот елитизам не смее да заборави на она што се случувало пред неа. Основната работа на животот е во континуитетот, а основната работа на смртта е дисконтинуитетот. Во таа смисла, не смее да има резови. Будалаштината, во спротивен случај, би немала крај. Ниедно рушење не носи напредок. Во спротивно имаме само континуирано лудило…
Го гледате ли некаде крајот на лудилото?
-За жал, како и на многу живи, нематеријални работи и на лудилото му е задача да опстане. Во оваа смисла, нашето нема крај или како што рекол Петре М.Андреевски: ” Нашата е долга и широка…” Небулозно е во име на европскиот пат да се откажеме од нешто што ниеден нормален човек не би се откажал. Се надевам дека тоа нам нема да ни се случи!